Денеска беше реализиран успешен транспорт од Унгарија до Македонија со медицинскиот хеликоптер на МВР, „медикоптер“ на болно лице за понатамошна подолготрајна нега.
-На 11 април преку Единствениот број за итни случаи 112 во Центарот за управување со кризи, а подоцна и преку официјалната електронска пошта на ЦУК и до директорот Стојанче Ангелов, пристигна барање за транспорт од Унгарија до Македонија со медицински хеликоптер („медикоптер“) на болно лице, македонски државјанин, којшто бил професионален возач и во Унгарија доживеал мозочен удар, па повеќе денови бил во индуцирана – вештачка кома. Во телефонскиот контакт со ќерката на болното лице, беше добиена информација дека таа стапила во контакт со надлежните медицински установи во Македонија, од каде што и посочиле дека е потребен безбеден транспорт и интензивна подолготрајна нега. Притоа, на барањето е одговрено веднаш и по создавањето услови за безбеден транспорт, тоа е реализирано денес од Хеликоптерската единица на МВР со хеликоптерот „бел“ 412, во содејство со Министерството за здравство, информираат од ЦУК и додаваат:
– Ова е дел од активностите при што државните водухопловни ресурси, во случајот полициските хеликоптери, со мали модификации и опремување со специфична опрема, се употребуваат повеќенаменски, односно покрај за гаснење пожари сега се употребуваат и за медицински транспорт. Припадниците на Хеликоптерската единица на МВР, е евидентно дека покажуваат високо ниво на храброст и вештина при гаснењето на пожарите на отворено, а сега и голема вештина за безбеден транспорт на болни граѓани на големи растојанија, се вели во информацијата од ЦУК.