Американскиот рокер Џон Бон Џови изјави дека повеќе нема да настапува доколку продолжи да има проблеми со гласот.
Фронтменот на Бон Џови пред две години беше опериран од атрофирани гласни жици и моментално секојдневно оди на сесии за рехабилитација на гласот. Тој во интервју за “The Sunday Times” изјави дека неговата концертна кариера е завршена доколку неговите вокални способности се намалат и влијаат на квалитетот на неговата изведба.
“Ако пеењето не е одлично, ако не можам да бидам човекот каков што бев, тогаш завршив. И тоа е во ред со мене”, рекол музичарот. На прашањето дали сугерира дека никогаш повеќе нема да пее, тој одговори дека има голема разлика помеѓу работа во студио и на турнеја.
„Неодамна снимивме нов албум. Секој ден пеам на вокална терапија. Но, сакам да настапувам два и пол часа секоја вечер, четири ноќи неделно и знам колку можам да бидам добар. Па ако не можам да бидам таков карактер… Да речеме вака, нема потреба некогаш да станам дебел Елвис“, објасни музичарот.