Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска преку статус на социјалните мрежи реагираше на прозивките од страна на функционерот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Совет на Град Скопје, Трајко Славески.
Битиќи во својата објава порача дека ветувањето на ВМРО-ДПМНЕ за наводно зголемување на пензиите може сериозно да го загрози Фондот за пензиско осигурување.
„Вие и вашата партија сте познати само по движењето контра, и никогаш напред, сега доаѓате со бомбастично ветување кое многу лесно го прочитаа преку 334.000 пензионери, на кои им ветувате зголемување од 5.000 денари на пензиите без да кажете кога и во колкав временски период ќе се случи тоа зголемување. Ако навистина тоа планирате да се случи веднаш после изборите, тогаш тоа е како да сте ставиле динамит на „браната чии загуби на вода“ од 48% во 2016 ги сведовме на подносливи 32% во 2023, и сега вие ја барате довербата од граѓаните со ветување дека оваа брана веднаш после можното идно доаѓање на власт ќе ја кренете во воздух. П.С. Браната е алузија на фондот за ПИОМ“ порача Битиќи.
Битиќи додаде и дека сите црни економски сценарија на ВМРО-ДПМНЕ се покажале како целосно неточни.
„Подолу ви е графиконот кој ги демантира сите ваши јавни настапи откако Белиот Дворец и вашиот ментор кој избега во Будимпешта преминавте во опозиција во 2017 година, а јас ќе споменам само неколку од нив:
Зголемувањето на платите врши силен инфлаторен притисок, неточно; платите ги изеде инфлацијата, неточно; зголемувањето на платите не ја следи продуктивноста, неточно; бизнисот нема да го издржи покачувањето на минималната плата, неточно“ пишува Битиќи.