Либан најави привремено затворање на својот воздушен простор, поради заканите за ирански напад врз Израел, јави либанската телевизија Ал Џадед.
Својот воздушен простор го затворија и Ирак, Јордан и Сирија.
Ирак соопшти дека го затвора својот воздушен простор и го прекинува целиот воздушен сообраќај откако Иран изврши напад со дронови врз Израел.
– Воздушниот простор на Ирак е затворен и воздушниот сообраќај е запрен, изјави министерот за транспорт Разак ал-Садави за државната новинска агенција ИНА.
Управата за цивилно воздухопловство соопшти дека затворањето ќе трае од 23:30 часот до 5:30 часот по локално време.
Израелската управа за аеродроми (ИАА) претходно соопшти дека воздушниот простор на Израел ќе се затвори од 12:30 часот, поради иранскиот напад врз Израел.
ИАА не даде детали за тоа кога летовите ќе продолжат, велејќи дека ќе објави нови информации според развојот на настаните.
Управата препорачува патниците да проверат кај нивните авиокомпании и на страницата на ИАА за распоредот на летови.