Управниот суд ја уважил тужбата од Академија зa судии и јавни обвинители „Павел Шатев” против одлуката на Државната комисија за спречување на корупција донесена во средата дека Академијата ги прекршила законите со тоа што не го стопирала процесот на селекција на кандидати. Судот ја поништил одлуката на ДКСК и го вратил предметот на повторно одлучување на тужениот орган.
-Управниот суд ја известува јавноста дека на ден 13.04.2024 година во 22.00 часот, судечкиот совет по предметот УРП.бр.76/2024, оформен по тужба поднесена од Јавната установа Академија зa судии и јавни обвинители “Павел Шатев” од Скопје, против Одлука бр.12-1330/15 од 11.04.2024 година на Државната комисија за спречување на корупција, ја донесе и јавно ја објави следнатa одлука:
Во име на граѓаните на Република Северна Македонија, Претседателот на советот по советувањето и гласањето јавно ја соопшти Одлуката по тужбата со следната изрека:
П Р Е С У Д А
Тужбата на тужителот Јавна установа Академија за судии и јавни обвинители ,,Павел Шатев”Скопје, СЕ УВАЖУВА.
Одлуката на Државната Комисија за спречување за корупцијата бр.12-1330/15 од 11.04.2024 година, СЕ ПОНИШТУВА и предметот се враќа на повторно одлучување на тужениот орган, се вели во соопштението објавено вечерва на веб страницата на Управниот суд.
Тужениот орган, како што посочуваат од Судот, е должен да постапи по одлуката на Управниот суд согласно член 33 став 3, 4 и 5 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
Целосната одлука со образложение на истата ќе биде објавена во текот на утрешниот ден на Судскиот портал.
Претставката до ДКСК беше поднесена од претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска – Давкова.