Во време кога поткастот како медиумска алатка зазема се позначајно место во светот на дигиталните медиуми, Канал 77 останува во чекор со најновите дигитални и модерни информативни текови.
Минатиот петок јутјуб каналот на Канал 77, го стартуваше поткастот „Да не се лажеме, со Хаџи Јанев“. Поткаст во кој како што вели самиот автор и водител, без цензура ќе се обработуваат теми за кои ретко кој се осмелува отворено и без цензура да проговори во јавност. Поткаст без пардон, за животот, внатрешната и меѓународна политика, правото, домашните и светски случувања.
Како и зошто се случи „Да не се лажеме со Хаџи Јанев”, која е целта и идејата на самиот поткаст, зборувавме со авторот и водител професор генерал Методи Хаџи Јанев.
„Да не се лажеме со Хаџи Јанев “ е поткастот кој своето деби го имаше минатиот петок на јутјуб каналот на Канал 77. На почеток некако неминовно се наметнува прашањето, зошто токму „Да не се лажеме”?
Хаџи Јанев: Па прво, името е резултат на слушателите. Благодарение на тимот со кој започнавме да го градиме овој проект, дојдовме на идеја да предложиме неколку наслови, а слушателите и гледачите-значи публиката да биде таа да го избере името. Од друга страна, идејата на името ја отсликува и идејата на проектот да зборуваме за теми кои нема да бидат обременети со драфтувана политика или со однапред утврдена агенда. Оти кога ја имате агендата однапред вистината ќе го добие тој лик и предзнак. Мислам дека во време на силна политизација на секоја сфера од нашето опкружување овој проект, меѓу останатите напори е ркулец на пркос кон таквите пристапи. Наше е да се бориме да успееме во тоа. Дали ќе успееме ќе видиме, тоа сепак треба да го каже публиката која е најрелевантна.
Како средство за полесно влијание до пошироката публика, подкастите стануваат сѐ повеќе и сѐ почесто присутни медиумски алатки. Која е првичната идеја на „Да не се лажеме” ?
Хаџи Јанев: Се согласувам со тоа дека имаме избилство на поткасти и лично сметам дека нема проблем. Ние сме претприемачко општество и тоа е нормална појава. Впрочем идејата на ваквиот концепт на општство е тоа, да имате слобода да трчате на пазарот на трудот, во етерот или во било која форма. Успехот да се мери врз критериуми кои се само регулирани ама најмногу зависат од крајниот корисник. Токму инжинерингот кој е одраз на политизација не само на домашен план верувајте и на меѓународен план заради целата геополитичка тензија е нешто што лично ми смета, и тоа е нешто што сакаме да пркосиме со овој проект.
Сепак, сметаме дека со тоа и ќе дадеме придонес да креираме култура да ги вратиме вредностите на комуникацијата со јавноста и влијание во јавноста. Од друга страна темите се нешто што не е опфатено кај нас, многу малку се збори за нив, а имаат значење посебно заради редифинирање на целата реалност во која се одвиваат сите аспекти на нашето живеење. Сакате во сферата на економијата и социјаланата стабилност, сакате во сферата на одржливоста и иновативноста на пазарот, дипломатијата, информациите – медиумите и новите технологии и секако начините и иновативноста на употреба на сила за решавање на проблеми на меѓународен и на внатрешен план. Истовремено, сакаме да ги споиме трите тренда кои се случуваат на глобален план, глобализацијата, дигитализацијата и нагласениот фокус на заштита и нагласување на индивидуата. Овие три трендови кои се во меѓусебна конвергенција не секогаш даваат резултати или продукти кои се нај пожелни или за кои сегашните концепти (сакате во економијата, безбедноста, дипломатијата, медиумите и информациите, социјалната стабилност) или за политиките кои се водат од страна на водствата во светот и кај нас.
Во првото издание на „Да не се лажеме”, зборувавте за дезинформациите, што можеме да очекуваме во наредните изданија?
Хаџи Јанев: Тоа е само почеток. Таа тема нема да заврши овде. Неа ја разгледавме од аспект на медиумски експерт и истакнат деец во граѓанскиот сектор. Но, овој феномен има повеќе аспекти, ќе ги разгледаме сите. Тоа ќе значи аспектот на управувањето и креирањето на политики, од аспект на крајните корисници, од аспект на образованието, од аспект на технологијата, но и можноста за економско влијание и секако вооружување за политички цели. Истиот пристап ќе го имаме кон голем број на теми кои се прелеваат меѓу традиционалниот пристап на исклучиво внатрешни и меѓународни предизвици и теми. Земете го прашањето за почитување на ЛГБТ+ заедницата. Ќе видите дека тоа е тема која е во геополитичкиот дискурс и наратив кој го користи Путин и Кси и со кој се поистоветуваат голем број на десничарски движења во рамките на либерално демократскиот свет. Сето тоа дава различен продукт во геополитички контекст, а е битно за бизнис заедницата за градење на политики, за креирање на програми и т.н. Конечно, ќе зборуваме и за директни теми за конфликтите кои дивеат сега и кои иако изгледаат дека се таму далеку некаде, ама може да ни тропнат на врата додека трепнеме. Како тогаш ако не сте изградиле капацитет ќе се справите со тој феномен бидејќи тогаш два и два нема да се четири.
Познат сте на македонската јавност како професор по меѓународно право и генерал чие мислење и став за случувањата на меѓународната политичка сцена, особено во областа на одбраната и тероризмот се и тоа како почитувани и ценети. Можеме ли да очекуваме нешто од оваа област на јутјуб каналот на Канал 77?
Хаџи Јанев: Благодарам, за ставот. Лично сметам дека тие теми не можe да ги гледаме во изоалција и не смееме да ги гледаме исклучиво од аспeкт на конректната област. Тоа е погубно. И војната и тероризмот се социјални феномени, кои се поврзани со политика, дипломатија економија и комуникација споделување на информации. За да водите војна ви требаат ресури или пак заради нив ја водите војната. За да имате капацитет да се спротистават на војна мора да имате здрава политика и водство кое може да ги препознае трендовите и индикаторите кога бараат задвижување на ресурси или креирање на политки со кои или ќе превенира или ќе одврати некој да посегне по вашата безбедност.
Тероризмот како феномен не можете да го спречите само со сила. Тој бара сеопфатен општествен одговор кој се прелева преку мерките за социјална стабилност политиките кои креираат судир на култури. Понатаму корупцијата и лошото владеење се извор за експлоатација на хибридните или и-регуларните закани кои ги предизвикуваат голем број непознати за сегашните концепти кои се прилагодени на класичните закани на реска поделба меѓу војната и мирот, безбедноста и стабилноста на една страна и благодатот на друга страна. Тоа се темите за кои сакаме да дебатираме и за кои ќе дебатираме. Да ги соочиме екстремите и да понудиме поинаква слика за да дадеме порака.
Која е целната група до која претендира да допре „Да не се лажеме”, мислите ли дека на било кој начин преку ваквиот начин на изразување ќе се помогне во формирањето пообјективна слика за реалноста особено кај помладата публика, која многу често е и основниот таргет на ваквите поткасти?
Хаџи Јанев: Ние немаме стриктна целна група. Мислиме дека темите сами ќе ја селектираат публиката. Бидејќи имаме скокотливи теми, со тек на времето очекуваме дека ќе имаме диверзитет во публиката. Факт е дека во сегашната рамка на публика од типот на „турски серии“ без да прејудицираме позитивен или негативен став кон тој аудиториум нема да успееме да се пробиеме инстантно. Ама сметам дека имаме концепт кој ветува и кој ќе добие своја публика со целосен респект на сите други проекти кои имаат своја цел и тема.
Сепак, сметам дека голем број на млади се интересираат за овие теми за кои за жал читаат само или од регионот или од надвор. Ова ќе има македонски префикс кој индиректно треба да влијае на тоа дека и ние имаме капацитет и да ги охрабри младите да веруваат дека македонскиот бренд може да се носи на светски ранг. Впрочем ќе се согласите со мене дека имаме светли примери на секој план дека можеме.
За крај што е она суштинското и најзначајното поради што не смее да се пропушти ниту едно од следните изданија на „Да не се лажеме” ?
Хаџи Јанев: Уникатноста, иновативноста, провокацијата, капацитетот кој можеме да го понудиме и најважно од сѐ ослободеност од бариери кои имаат однапред утврдена агенда.
Поткастот “Да не се лажеме со Хаџи Јанев” следете го вечерва во најновото издание како и секој нареден петок од 18 часот, директно на следниот линк