Македонскиот статус на меѓународната политичка сцена во фокусот на кампањите на политичарите кои и официјално влегоа во трката за претседател на државата.
Првата недела од кампањата ја одбележаа средбите со граѓаните на кои седумтемина претседателски кандидати ги презентираа своите програми, а со тоа и ставовите за евроинтеграциите. Оттука, неминовно во нивните говори досега се најдоа Охридскиот рамковен договор, Договорот за добрососедство со Бугарија, како и Преспанскиот.
Со нов реализам до интеграција во ЕУ – ветува Пендаровски
Актуелниот претседател Пендаровски, кој претендира за втор мандат, ја наведува европската интеграција како еден од петте столба на кои се темели неговата програма „Нашиот претседател Стево“.
Според него, членството во ЕУ е гаранција за просперитетот на нашите граѓани. Пендаровски во својата програма, како и во излагањата од првата недела од изборната кампања се осврнува на членството во НАТО оценувајќи дека со него можеме да се чувствуваме многу посигурни.
За разлика од некои од останатите претседателски кандидати, тој не ги споменува барањата на нашиот источен сосед, но како што вели, во изминатите години на нашиот пат кон ЕУ и покрај значајното поместување, се соочивме и со проблеми.
-Тие неправди доведоа до пораст на скепсата кон можноста да станеме полноправна членка на ЕУ во догледен период, а беа искористени и од антидемократски центри на пропаганда кои користејќи го оправданиот револт на граѓаните се обидуваат да ја поткопаат нашата европска интеграција, односно да го спречат остварувањето на нашата стратешка цел – посочува Пендаровски во програмата.
Овие ставови тој ги презентираше и на досегашните средби со граѓаните застапувајќи концепт кој според него, ја води државава кон ЕУ.
Пендаровски во еден од своите говори порача дека 24 април ќе биде клучен датум и дека токму во првиот круг потребна е масовна поддршка на концептот што ја води државата напред, кон интеграција во ЕУ.
„Значи 24-ти, е клучниот датум, затоа што по длабоко мое уверување на 24-ти, од тие резултати многу ќе зависи конечниот исход и за двата избора и за претседател и за парламент. Ако на 24-ти покажеме дека сме многу побројни дека сме во големо мнозинство и сакаме оваа Македонија единствената татковина која ја имаме да продолжи по истиот пат. Мислам дека на сите ќе им биде јасно вклучително и на нашите политички опоненти дека ќе си останат опозиција и во наредните четири односно пет години“, истакна Пендаровски на неодамнешниот митинг во Кавадарци.
Добар однос со соседите, но укинување на Преспанскиот договор – И Силјановска Дакова ја гледа иднината на државата во ЕУ
Професорката Гордана Силјановска Давкова која и на овие избори е поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, во програмата „Македонија повторно горда“ се осврнува на односите со соседите како важен фактор за нашето приближување кон Унијата.
И покрај ова, таа во својата програма ветува укинување на Преспанскиот договор кој според неа, е донесен со кршење на националното право. Во однос на договорот со Бугарија пак, Силјановска Давкова вели дека тој во ниту еден дел не предвидува промена на македонскиот устав.
Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, исто така алудира дека државата низ годините била исправена пред низа предизвици поврзани со евроинтеграциите, но нагласува дека нашата иднина е во Унијата.
-Нашето семејство се европските земји со кои нѐ обединуваат историски, културни и морални традиции и вредности. Македонија заслужува полноправно членство во Европската Унија – додава Силјановска Давкова.
Со слична реторика таа настапи и во изминатата недела на митинзите низ повеќе градови, каде не пропушти да ја искритикува актуелната власт.
„Анкетите велат дека над 70% од граѓаните јасно тврдат дека оваа власт чекори во погрешен правец и дека го промашила правецот. Тоа не се европски чекори, европските чекори би значеле потрага по стандарди што ги немаме, потрага по правна, безбедна, држава што има чувство за солидарност“, порача Силјановска Давкова на митингот пред струмичани.
„Да“ за интегративни процеси, но без устави измени – дециден е Јакимовски
На адреса на власта критики пристигнаа и од лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски кој во трката на претстојните претседателски избори влезе како кандидат на коалицијата „Храбро за Македонија“.
Јакимовски кој застапува проевропски ставови, смета дека граѓаните во земјава треба да бидат почитувани како што тоа доликува на секој народ.
„Далеку од тоа дека ние не сме за интегративни процеси, напротив ги поддржуваме, но во исто време ние сакаме нормален развој, како секоја нормална држава и ние сакаме респект кон Република Македонија и кон нејзините граѓани, како што тоа доликува на секој народ. Не може на македонските граѓани сѐ да им се наоѓаат нови и нови причини и нови и нови пречки за да се опструира нашиот влез во Европската унија“, истакна Јакимовски на средбата со граѓаните во Гостивар.
Надворешната политика е и еден од клучните столбови во неговата програма во која наведува дека иако не е децидно против внесувањето на Бугарите во нашиот Устав, децидно е за тоа комплетно да се затвори бугарското прашање.
Јакимовски постави и три прашања до сите политичари и претседателски кандидати кои велат дека ќе поддржат уставни измени.
„Кажете им на граѓаните, дали Македонците се нација од 1944 година, дали македонскиот јазик е нарчеје на бугарскиот јазик и дали Гоце Делчев, Јане Сандански и другите македонски дејци, Димо Хаџи Димов и така натаму, се македонски дејци или се Бугари по род како што тоа го тврди бугарската историографија?“ – праша Јакимовски.
Членство во Унијата до 2030 година, ветува Османи
Евроинтеграциите се неминовен дел и од програмата на кандидатот за претседател на ДУИ и „Европски фронт“, Бујар Османи кој настапува под слоганот „Европски претседател“.
Тој вети дека доколку ја добие поддршката, земјава ќе биде членка на ЕУ до 2030 година. Османи истакна дека тоа е единствената алтернатива за нашите деца да не бегаат од државата.
Досега во неговите јавни обраќања тој ги „вметна“ Охридскиот рамковен договор и Преспанскиот договор. За првиот од овие два документа, Османи рече дека целта е да биде претворен во политичко движење, зашто токму тој им дал шанса на Албанците, а тие како што смета Османи, биле исклучен народ.
И додека дел од кандидатите се против Преспанскиот договор, Османи е на став дека токму со неговото рушење, државата ќе отиде во изолација. Овие прашања меѓу другото, беа дел од пораките кои тој ги испрати до граѓаните од Штип:
„Во моментов се нуди рушење на Преспанскиот договор, а неговото рушење истиот ден ќе значи и целосна изолација на државата од меѓународните текови, запирање на европските фондови и токму поради тоа нашата држава ќе биде изолирана како слепо црево на Балканот. Жал ми е што ќе кажам, но ќе гниеме внатре од неможноста да циркулира европскиот кислород, еве тоа ни се нуди“, рече Османи.
Охридскиот, Бугарскиот и Преспанскиот договор како бермудски триаголник – Ванковска бара излез од него
Електоратот во првата недела од изборната кампања можеше да слушне целосно различна реторика кога станува збор за настапите на професорката Билјана Ванковска како кандидатка на партијата Левица.
Таа ветува раскинување на само на Преспанскиот туку и на Договорот со Бугарија.
„Раскинување на договорот за добрососедство со Бугарија затоа што барањата од таа страна веќе го надминаа тој Договор како таков. Веќе се преточија во некаков француски предлог и преговарачка рамка. Адутот на Билјана Ванковска е во тоа што ќе биде сама против шестмина. Она што се состои во мојата програма нема да го најдете кај ниту еден друг кандидат“, истакна Ванковска во една од изјавите за медиумите.
Кандидатката на Левица ветува и напуштање на членствот во НАТО, но и преиспитување на политиката на асоцијација во ЕУ, по како што вели, секоја цена.
-Повторувањето дека немаме алтернатива освен НАТО и ЕУ е израз на кусогледост или на политика која не е во најдобар интерес на Македонија, ниту на светскиот мир и стабилност. Од наша страна гледано политиката кон соседите, е по дефиниција, политика на добрососедство заснована на заемна почит и реципроцитет. Во моментов Македонија е ставена во зависен однос кон соседите поради притисоците однадвор и непринципиелната геополитика на Зпаадот. Отсега соседската политика ќе биде водена од националниот интерес за развивањето на регионалната соработка и мир – наведува меѓу другото Ванковска, во делот за „Надворешна и соседска политика“ во програмата со слоган „Го враќаме достоинството на нацијата“.
Таравари: Уставни измени за продолжување на европскиот пат
За разлика од неа пак, кандидатот на албанските опозициски партии Арбен Таравари ја базира својата програма на уставните измени кои според него, се услов за продолжување на европскиот пат.
„Ограничувачкиот термин за Албанците треба да се отстрани, бидејќи ние сме државовторци и време е да бидеме со нашето име во уставот. Претседателот треба да биде изгласан во собранието и со тоа ќе имаме вистинска можност да избереме претседател Албанец“, рече Таравари како кандидат за претседател на коалицијата „Вреди“.
Уставните измени би биле направени дотолку побрзо, што тој ветува дека тоа ќе се реализира веднаш по формирањето на новата влада. Како аргумент за побрза интеграција во ЕУ, Таравари ветува излегување на земјата од иницијативата Отворен Балкан и усогласување на нашата надворешна политика со онаа на ЕУ особено во однос на санкциите кон Русија.
„Како претседател на држава ветувам дека ќе направам сѐ што е во моја моќ да Северна Македонија биде безбедна и европска земја со прозападни вредности. Ќе се борам со целото мое битие против епидемијата на корупција во политичкиот систем и ќе преземам конкретни чекори за враќање на довербата на граѓаните во правниот систем“, порача Таравари на презентирањето на изборната програма во Гостивар, каде е градоначалник.
Спроведување на договорите со соседите на база на реципроцитет: Димитриевски ветува зајакната улога на глобалната сцена
Надворешната политика е и првото од вкупно пет начела во програмата „Манифест за Македонија“ зад која стои Максим Димитриевски како кандидат на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
Димитриевски се залага за членство во Унијата, но како што вели, со почитување на националните интереси. Неговата програма предвидува развој на односите со сите држави од регионот, но засновани на спроведување на договорите на база на реципроцитет со добра волја од сите страни.
Особено во „Манифест за Македонија“, Димитриевски се осврнува на Рамковниот договор за кој смета дека е 100 проценти реализиран. Неговата изборна кампања периодов е заснована на случајни средби со граѓаните бидејќи како што посочува, од митинзи никој фајде не видел:
„Фајде видоа само тие коишто стоеја на говорниците и со години и децении продаваа ветер и магла. Сведоци сме, како едни заминуваат, доаѓаат други кои се полоши од тие што заминаа, а по 4 или 8 години доаѓаат истите кои заминаеле претходно и стануваат уште полоши. А народото згазен на дното во општеството“.
Кампањата за претседателските избори почна на 4 април и ќе трае до 22-ри, а граѓаните ќе гласаат на 24 април. Во меѓувреме, односно на 18-ти почнува и изборната кампања за парламентарните избори.
Вања Мицевска