Измени на Законот за здравство, со кои се забранува продажба на енергетски пијалаци на деца помлади од 18 години, предлагаат пратениците од ГЕРБ и ПП-ДБ до Народното собрание. Предлогот предвидува забраната да важи и за онлајн продажбата.
Предлогот предвидува покрај енергетски пијалаци, да се забрани и продажба на алкохол, цигари и други тутунски производи.
Енергетските пијалаци да не се продаваат во продавниците околу градинките и училиштата, стои во предлогот.
„Потрошувачката на енергетски пијалаци со кофеин кај адолесцентите е поврзана со голем број здравствени ризици, вклучувајќи интоксикација со кофеин, дебелина и расипување на забите. Тие предизвикуваат и нервоза, вртоглавица, тешкотии со концентрирање, несоница, дехидрација и забрзан пулс. Меѓу најопасните ефекти од предозирање врз нив може да бидат кардиоваскуларни проблеми, напади и мозочни удари“, стои во образложението на предлог законот.
„Дополнително, прекумерното консумирање кофеин од енергетските пијалоци може да предизвика сериозни реакции и е поврзано со употреба на тутун, алкохол и дрога. Штетните ефекти на енергетските пијалоци врз кардиоваскуларното здравје вклучуваат и срцеви аритмии, миокарден инфаркт. Комбинацијата на енергетски пијалоци со алкохол може да доведе до лажно чувство на контрола“, посочуваат пратениците.
Според нив, со предлог-законот се надминуваат противречностите во националното законодавство и се уредуваат мерките за создавање ефикасна заштита на здравјето на децата, бидејќи досега потрошувачката на енергетски пијалоци не беше меѓу изречно забранетите дејствија.