„Господ да ја благослови Македонија“ е насловот на најновото аудио ЦД на новинарите на Македонското радио – Радио Скопје Свето Стаменов и Билјана Таневска Спировска, кое деновиве и официјално беше објавено.
ЦД-то ја содржи специјалната емисија „Господ да ја благослови Македонија“, што беше емитувана на програмата на Македонското радио – Радио Скопје на 26 февруари годинава, по повод дваесетгодишнината од загинувањето на претседателот на Република Македонија Борис Трајковски, информира во соопштение Стаменов.
Емисијата, која трае 90 минути и која авторите ѝ ја посветија на нивната колешка Искра Чоловиќ, доајен на македонското радио-спикерство, новинар и познат македонски публицист која ненадејно почина на 14 декември 2023 година, содржи автентични аудио снимки од говорите на претседателот Трајковски, искази и сеќавања на неговите најблиски соработници и пријатели, како и оригинални новинарски извештаи за загинувањето и погребот на претседателот Трајковски, емитувани во централната информативна емисија на Македонското радио – Радио Скопје „Пладневен радиовесник“ на 26 февруари, 3 и 5 март 2004 година.
Аудио-дизајнот на емисијата е на Бесим Кека и Тони Цаневски, а спикери се Искра Чоловиќ и Анета Трпевска.