Не биле само договорените анкети дел од Оперативниот план на ВМРО-ДПМНЕ, и нивно емитување на Националниот сервис туку операцијата била многу посеопфатна, вели новинарот на ПорталХ, Фуркан Салиу, во неговото најново видео. Од документот што го имаат ПорталХ и новинарот Фуркан Салиу се доаѓа и до сознанието дека една од партиските команди е формирање „четири центри за креирање вести за опозициски портали“, како и таргетирање на групи на граѓани во однос на изборите. Ова потсетува на настани од 2011 година, кога сличен оперативен план, добиле новинари на тогашната А1 телевизја во аферата наречена „Списоци“ која беше дел од случајот Титаник, за кој високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ беа осудени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.
Во својот извештај за изборите од 2011 година од мисијата на ОБСЕ/ОДИХР кои ги набљудуваа изборите, за наодите на новинарите од А1 напишаа дека претставуваат веродостојни докази за заплашувања и притисоци врз државните службеници.
Опозициската коалиција предводена од тогашниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, се избори за 42 места во парламентот, но загуби на изборите. Оттогаш остана запаметена изјавата на Црвенковски, кој „попарен“ по соопштувањето на резултатите од гласање, на прес конфренција изјави:„Народот е секогаш во право, дури и кога греши“.
Случајот Титаник се однесува на кривични дела против изборите и гласањето за парламентарните избори во 2011 и локалните избори во 2013 година. Ова е првиот случај за кој отвори истрага поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), уште во почетокот на 2016 година. Јанкулоска, Јанакиески, Протуѓер и уште петмина ја признаа вината. Апелациониот суд Скопје во јули минатата година ги потврди осудителните пресуди за поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески 3,5 години затвор, а на поранешниот шеф на кабинетот на Никола Груевски, Мартин Протуѓер, и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска им остана претходно изречената условна казна.
Откако СДСМ го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека направила оперативен план кој се однесува на пласирање на лажни анкети за рејтинзите на политичарите и партиите кои во изминатиот период се објавувани во емисијата „Објектив“ на Македонската радио-телевизија (МРТ), Обвинителството информираше дека до него е доставено известување Министерството за внатрешни работи за примена кривична пријава од три лица во врска со настанот. Претходно од Јавното обвинителство информираа дека со Комисијата за следење на изборни нерегуларности ги следат сите информации за овој случај. Оттаму велат дека инструментот на допрен глас, како и досега, се користи доколку органите надлежни за откривање на кривични дела не постапуваат согласно надлежностите. Како што информираа Обвинителството, од Комисијата на ЈО за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела од Глава шеснаесет – Кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборите има оформено еден предмет врз основа на наводи изнесени од една политичка партија кои се однесуваат на сомненија околу финансирање на изборна кампања на друга партија.
Институтот за политички истражувања Скопје (ИПИС), кој во соработка со МРТ изминатиов период спроведе серија испитувања на јавното мислење во пресрет на двојните избори, вчера најави дека ќе поднесе тужби по обвинувањата кои ги изнесе СДСМ оти анкетите биле лажни и по нарачка на ВМРО-ДПМНЕ. Од Институтот додаваат дека спроведувањето и емитувањето на анкетите на јавното мислење во предизборието е исклучиво во соработка на ИПИС и МРТ и дека во процесот не е вклучена каква било трета страна, односно друг правен субјект, организација или физичко лице. Владејачкиот СДСМ, објавувајќи документи, обвини оти ВМРО-ДПМНЕ направила оперативен план кој се однесува на пласирање на лажни анкети за рејтинзите на политичарите и партиите кои во изминатиот период се објавувани во емисијата „Објектив“ на јавниот сервис и за други активности како пласирање лажни вести.
Во второт дел од објавувањето детали од Оперативниот план за изборите на ВМРО-ДПМНЕ во кој има и точки за организирање „штелувани“ анкети и лажни вести, Фуркан Салиу од ПорталХ открива дека во подготовката на изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ се вклучени „луѓе од кабинетот на Орбан“ кои сугерирале дека претседателската и кампањата за парламентарни избори мора да се водат раздвоено.
Освен злоупотребата на јавниот сетрвис МРТ за пласирање на лажните анкети, Салиу во новата објава истакнува дека во Оперативниот план има сериозни индиции кои треба да бидат од интерес на Јавното обвинителство. Тој укажува на активности од Оперативниот план според кои се утврдени луѓе на високи позиции кои добиле задолженија да обезбедат увид и податоци од Избирачкиот список (Марина Димовска и претседателот на ДИК, Даштевски), за лица изнемоштени и болни кои ќе гласаат од дома (Игор Велковски и Ѓоко Велковски, техничкиот министер за труд и социјална политика) и за вработени во администрацијата (Невена Стаменковска, некогашната заменската министерка во Министерството за информатичко општество и администрација).
„Отворање на четири оперативни центри со 20 лица кои ќе креираат вести за опозициските портали“, цитира Салиу точка од документот што го има. Што се однесува до документот и тврдењата од ВМРО-ДПМНЕ дека тој е фалсификуван, Салиу потврдува дека документот на кој се повикува ПорталХ,во кој во заглавието стои Републички изборен штаб – Оперативен план,е од 5 декември 2023 година, иако во документот стои 2024 година. Салиу објаснува дека во документите што стигнаа до ПорталХ има повеќе печатни и граматички грешки, испуштени букви и наведени се погрешни бројки, но дефинитивно станува збор за документ од 5 декември 2023 година и дека станува збор за записник од состанокот на Извршниот комитет (ИК) на ВМРО-ДПМНЕ одржан на тој ден, поврзан со првата седница на Републичкиот изборен штаб (РИШ), иако РИШ е формиран во февруари оваа година.
Во своето видео Салиу упатува порака до ВМРО-ДПМНЕ да прашаат некои од седумте членови на Извршниот комитет кои гласале воздржано за Оперативниот план, дали документот што тој го објавува е фалсификат, алудирајќи дека документот го добил директно од највисоките органи на партијата. Инаку некои медиуми пред неколку недели веќе објавија дека на социјалните мрежи особено на Твитер постојат над 200 таканаречени „ботови“ кои дејствуваат оркестрирано во напади кон Пендаровски и промовираат антизападни ставови.Во Оперативниот план на ВМРО-ДПМНЕ задолженија добиле и министерот Велковски, претседателот на ДИК, Даштевски и директорот на МРТВ Цветковски.
Овој пат Салиу се повикува на официјален записник од одржана седница на Извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ.Читајќи точка по точка од тој записник, Салиу открива како течела подготовката за формирање на Републичкиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ и неговите идни активности.
„Втората точка од тој состанок ‘Подготовка за претстојните избори’, на која претседателот на партијата го информираше ИК на ВМРО-ДПМНЕ дека согласно Статутот на партијата за време на одржување на изборите потребно е да се формира Републички изборен штаб, а имајќи ја предвид сериозноста на претстојните избори ја презема одговорноста на себе да биде шеф на Републичкиот изборен штаб, а за негов заменик го предлага генералниот секретар Ѓорѓија Сајковски и отвори доскусија по предлогот“, цитираше Салиу дел од записникот.