Минирањето на локалитетот Попова Чешма како еден од клучните активности на изградбата на Брана Отиња во Штип е безбедно изведено во петокот, 5 април. Со минирањето се обезбедува преку 5000 метри кубни дополнителен материјал потребен за доизградба на насипот на телото на браната.
Овој капитален проект за Штип и околината се гради од јули 2021 година.
Изведувачи се „Стентон градба“ ДОО Битола, „Ногај груп“-Турција и „Бауер БГ“ ДОО, Скопје . Надзорот е на градежниот институт „Македонија“ АД Скопје, а проектанти се Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’, Градежниот факултет и ‘Чакар партнерс’ од Скопје.
Во тек се градежни работи на преливниот зафат, завршен е испустниот дел под објектот, како и инекционата завеса. Оваа година за доизградба на браната во буџетот на Министерството за транспорт и врски имаме предвидено околу 130 милиони денари. Целиот проект треба да чини 306 милиони денари. Браната се очекува да биде завршена напролет, догодина.
Браната ќе собира вода за наводнување зелени површини, интервентно водоснабдување, спорт, рекреација, туризам, заштита од поплави, а акумулацијата ќе придонесе за промена на микроклимата.