Еден човек колку и да сака не може самостојно да ја турка државата напред…Но, ветивме дека Македонија ќе ја направиме членка на НАТО и тоа го направивме после 25 години статус кандидат…Огромен исчекор направивме и во преговорите со ЕУ, после 17 години во чекалната конечно ги отворивме преговорите. За жал, во моментот кога најмалку тоа го очекувавме нашиот источен сосед постапи комплетно антиевропски и не блокираше на тој пат. Меѓутоа и со тоа можевме лесно да се избориме ако внатре во државава немавме опозиција која ‘де факто’ е на истите антимакедонски позиции и ги поддржува сите опструкции кои ни доаѓаат од таа страна. Тоа меѓу другото го истакна претседателот Стево Пендаровски, кандидатот за претседател на владејачкиот СДСМ вечерва на предизборниот митинг одржан во Охрид.
-Можеби нивните причини, нивните мотиви се различни, меѓутоа ефектот е тој. Со тоа што не се согласија во една сосема добро балансирана рамка за преговори да продолжиме напред, да ја усвоиме во Парламентот, тие ‘де факто’ ја блокираат сопствената држава и сега во оваа кампања без срам и перде доаѓаат пред вас и ви велат ние имаме план, ама ќе ви го кажеме ден после из бори. Прво изберете не’ да дојдеме на власт, па потоа ќе ви кажеме како ќе направиме Македонија да продолжи на патот кон ЕУ, рече тој.
Според Пендаровски, земјава може да продолжи кон ЕУ само со оваа политичка структура, затоа што тоа е политичката опција што знае, како што посочи, „што подразбира ЕУ“.
-Ние имаме пријатели надвор за разлика од нив и ние знаеме до каде може да се оди во тие преговори затоа што научивме да ги заштитуваме македонските национални интереси како ниедна владата претходно. ВМРО-ДПМНЕ цело време зборуваше дека ги штити нашите национални интереси, меѓутоа 11 години не мрднаа со малиот прст било што да направат во тие преговори. Во тие 11 години Македонија беше изолирана држава, без пријатели надвор овие крупни, големи прашања не се решаваат самите од себе. Ние сме мала држава. Ако немаме партнери и пријатели во Европа и во светот мислам притоа и на САД ние не можеме да напредуваме. Ние ја вративме Македонија на мапата на Европа затоа што покажавме дека сме стратешки партнер и со САД и со најголемите држави во ЕУ и токму затоа дојдовме на чекор од практично преговарање откога ја отворивме првата конференција, рече Пендаровски.
Кандидатот Пендаровски изрази надеж дека на 24 април и на 8 мај огромно мнозинство од македонските граѓани ќе каже не на авантуристичките концепти кои нудат само политичка магла или мачка во вреќа.
-Кога не ви кажуваат за што ќе се залагаат и како ние можеме да продолжиме напред, кога ви велат дека ние ќе ги репреговараме сите договори кои ја направија Македонија ова што е денеска – стабилна и почитувана во Европа и во светот, тогаш на тие луѓе верба давање и глас давање не треба да има. Овие луѓе овдека, јас сум дел од таа структура 15 години и кусур покажавме дека знаеме како се бори за Македонија и како Македонија може да напредува, рече тој.
Обраќањето пред охриѓани тој го искористи за да потсети на она што стои како понуда од спротивната страна, како што рече, исти луѓе, буквално исти имиња и презимиња беа најблиски соработници на нивниот поранешен шеф кој избега од државава, тие исти луѓе можат да владеат само на исти начин како што владееја во 11 години.
-Во тоа време државата беше заробена, медиумите беа затворани со гола полициска репресија. Имавме новинари во затвор за пишан збор, имавме политички опоненти во монтирани судски процеси кои лежеа години и години во зандани и имавме масовно прислушкување. Над 20-25 илјади наши граѓани беа прислушкувани само за да разберат што нивниот народ мисли за нив. Ние тоа не сме го правеле. Јас тоа не сум го правел. Таква наредба да шиканирам мој народ, мои граѓани ниту сум помислил да дадам, ниту ќе дадам било кога во следните пет години ако ја добијам вашата доверба“, рече Пендаровски.
Од граѓаните на Охрид и од сите луѓе во Македонија тој апелираше за мобилизација, уште во првиот изборен круг да ги изберат вистинските луѓе, луѓе домаќини кои покажале на дело дека не им е најбитен рејтингот, дека битен им е просперитетот на народот и на државата.