Додека партиите проценуваат кој е најважен – партијата, лидерот, кандидатот, кандидатите… се заборава дека всушност граѓаните, гласачите се најважни. Кога на човекот не му давате приоритет и му велите дека сте најважни во овие пет минути додека гласате, за потоа во следните 4 години да се заборави на истите тие граѓани, тогаш како да очекувате доверба од луѓето?! Тука е неуспехот на партиите и значи дека е загубена довербата на граѓаните.
Со овие прашања и тези, комуникологот Бојан Кордалов во емисијата „Стадион“ го опиша статусот на политичките партии и нивниот однос кон граѓаните, во битката чија важност, чија суета е поголема. Како резултат на тоа се создава армија на граѓани, кои се дистанцираат од политичките процеси, вклучително и од изборите.
-Она што се пропушта да се прочита во анкетите е дека најмоќната партија, најмоќната политичка сила се оние коишто велат за никого нема да гласаат, не знам или не кажувам. Таа бројка расте, пред избори може да се намалува нешто, но и во одредени периоди достигнува и до 70 отсто. И политичарите упорно избегнуваат да ги читаат пораките, веста да ја промашуваат. Секако дека ние ќе избереме и премиер и министри и претседател и со 40 отсто на Претседателските избори и со 30 отсто ако треба на Парламентарните – но квалитетот како ќе се води државата и каде ќе се движи зависи од тој изборен ден. Не е само молчи, да заврши или да победиме – или живот или смрт. Но, што после? – рече Кордалов.
Анализирајќи ги резултатите од анкетите, кои покажуваат висок процент на граѓани кои се изјасниле како неопределени односно дека нема да гласаат, Кордалов вели дека пораката е јасна, а политичарите упорно одбиваат да прочитат.
-Дел од луѓето по анкетите велат: Политичарите лажат. Сите полиичари лажат, сите се корумпирани. Тоа е доминантен став. Знаете каков пораз е тоа?! Вие да давате ветување,а граѓаните да ги оценат политичари и да ви викаат: Барем помалку лаже, средно лаже или многу лаже. Се занемарува фактот дека најмоќната политичка сила во државата се тие што не кажуваат за кого ќе гласаат, што велат дека нема да гласаат, смета Кордалов.
Комуникологот зборува за клиентилистичко гласање, кога на избори да гласаат излегуваат само членовите на партиите и со тоа им ја олеснуваат работата на партиите.
-Во демократијата порака е и негласањето . Ако упорно се испраќа таа порака и ако упорно таа порака не се разбира, тогаш не е 5 до 12, туку е 5 до 1 нешто да се промени во партиите. Тие пораки не се прифаќаат и таа недоверба се пренесува во институциите. Оти таа недоверба била кај некои политичари, а сега е недоверба во институциите. Тројка е висока оценка, а постојано паѓа. Со тоа доаѓаме до дезинформации, штетни странски влијанија, луѓе не веруваат во лекари, образованието, јавни услуги – тоа не е војна меѓу Русија и САД, тоа е наш проблем, изјави Кордалов во „Стадион“.
Според него, се’ помал е бројот на квалитетни политичари, а луѓето не би помислувале да пристапат во партиите, а камоли да бидат дел од листите. Сфаќањето е дека власта е битна поради пари, моќ и хирови. Тоа е перцепцијата на граѓаните, што е знак дека во партиите многу се доцни со менувањето. Ако упорно расте таа армија на неопределени, не е поентата кој ќе победи, смета Кордалов.