Владата на Ковачевски успешно се справи со енергетската криза, спречи ценовен шок, имавме непречено снабдување со електрична енергија во зимата што е зад нас наспроти сета црна кампања и пропаганда на опозицијата дека ќе живееме во мрак, рестрикции, дека немало стратегија и ред други лаги и неосновани обвинувања.
Во овој период се зголеми и производство на електична енергија од домашните капацитети, а Владата донесе пакет антикризни мерки во износ од над 760 милиони евра. Овој пакет според податоците на Светска банка е највисока буџетска поддршка за справување со кризата споредено со сите други земји од нашиот регион.
Во справувањето со енергетската криза Македонија имаше голема помош од Европската унија – државата доби 80 милиони евра финансиска поддршка кои беа искористени за субвенции на граѓаните за сметките за електрична енергија, поддршка на малите и средни компании за одржување на континуитет на бизнисот како и за инвестиции на државата за енергетска транзиција, обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност. Сето тоа помогна граѓаните полесно да ја пребродат кризата и да можат редовно да си ги подмируваат сметките.
„Намалувањето на цената на струјата за 20% за 70.000 фирми кои се на регулиран пазар и задржување на цената за домаќинства на исто ниво, за оние кои рационално ја трошат електричната енергија, е само потврда на правилните политики кои ги водиме во време на енергетска криза, и тоа е вистинска грижа за најранливите категории. Сите мерки кои се преземаат од страна на Владата се со цел да се има сигурно и стабилно греење. Денес има и струја и парно, а рестрикции нема. Планот дава резултат. Наш приоритет е и енергетската транзиција и енергетската независност, а нашата земја е регионален лидер во енергетската транзиција, со огромен потенцијал да стане зелен енергетски хаб“, изјави поранешниот премиер Димитар Ковачевски, откако го добивме грантот од ЕУ кој беше реализиран токму како што претходно најави и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен при нејзината посета во Скопје.
Според вицепремиерот Бојан Маричиќ Европската Унија не ги заборави македонските граѓани и повторно беше со нас во криза, докажувајќи дека е многу повеќе од финансиска поддршка со која ни помага во забрзување на трансформацијата на општеството и подготвувањето на Северна Македонија за членство во европското семејство.
„Европската унија е и наш најголем партнер кој прв застанува со нас во тешки времиња. Покрај примарната цел на овие 80 милиони евра, со овие неповратни средства ќе се поддржат и структурните реформи за олеснување на енергетската транзиција, изјави вицепремиерот Маричиќ, додавајќи дека преку инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан изминатиов период успеавме да добиеме над 52 милиони евра неповратни средства за проекти во областа на енергетиката.
Инаку, според Националниот енергетски акциски план средствата беа наменети за буџетско субвенционирање на домашните компании, пред сé за обезбедувањето на јавните дејности, водоснабдување, здравство и образование како и за непречено снабдување со храна, млеко и останати дејности во интерес на сите граѓани. Во него беа вклучени и мерките за поддршка на граѓаните при справување со зголемените цени на енергенсите.
Во овој период и министерката Јована Тренчевска изнесе податоци кои ги потврдија заложбите и планот на Владата за успешно справување со енергетската криза и тоа во делот на помоштта што им се дава на ранливите категории на граѓани.
Финансиската поддршка се обезбедуваше за период од четири месеци на над 177.000 социјално исклучени граѓани, вклучително и деца, лица кои останале без работа и користат паричен надоместок за невработеност и корисници на минимална пензија.
„Покрај тоа, 46.000 корисници на правото на гарантирана минимална помош и социјална сигурност примаат паричен додаток за енергенси во периодот на зимските месеци. Севкупно, опфатени се околу 220.000 корисници во ризик и исплатени се околу 21 милион евра“ рече Тренчевска во периодот кога Македонија со помош на Европската унија го почна процесот на успешно справување со енергетската криза.
Оваа помош од ЕУ дојде во најтешките месеци, јануари, февруари, март во период кога опозицијата наместо да излезе со конструктивни предлози го лажеше народот дека и под услов да работат трите блока во РЕК Битола, двете турбини во Неготино, хидроцентралите и ТЕЦ Осломеј, Македонија дневно во одредени периоди ќе троши по половина милион евра за набавка на електрична енергија која нема да можеме да ја произведуваме, а ќе немаме пари да ја купиме.
Помоштта на Европската Унија за земјите од Западен Балкан е континуирана. И во претходната година за време на ЕУ Самитот – Западен Балкан прв пат беше најавен пакет и тоа од една милијарда евра за енергетска поддршка за ублажување на непосредните ефекти од енергетската криза и забрзување на енергетската транзиција во регионот на краток и среден рок.
Како дел од овој Пакет за енергетска поддршка, во периодот од февруари до мај 2023 година, Европската комисија исплати 450 милиони евра, покривајќи 90% од вкупната буџетска поддршка од 500 милиони евра, предвидена за ублажување на брзото зголемување на трошоците за енергија за ранливите семејства и малите и средните претпријатија, со што ги исполни своите обврски.
Вториот дел од пакетот, преостанатите 500 милиони евра во грантови, беше обезбеден за унапредување на енергетската транзиција, ефикасност и независност на Западен Балкан, на краток и среден рок.Станува збор за финансиска поддршка за проекти за обновливи извори на енергија, гас и електрична инфраструктура, интерконектори, надградба на парно греење и реновирање на стара инфраструктура -стари блокови на станови, болници и јавни згради.
Фнасиската помош од една милијарда евра од ЕУ овозможи подобра енергетска безбедност на регионот, но и намалување на зависноста од руските фосилните горива.