Денеска се одржа ново рочиште во рамите на судењето за масакрот кој се случи ланската година во Основното училиште „Владислав Рибникар“ во Србија. Денешното рочиште почна со сослушување на Владимир Кецмановиќ, татко на ученикот кој го изврши масакрот.
Освен него, во својство на сведок беше испрашувана Нада Радоњик Булатовиќ, наставничка.
Инаку, Кецмановиќ на почеток им изрази сочувство на родителите на убиените и рече дека неговата болка и тага поради она што го направи неговиот син, се неутешни. Кецмановиќ исто така, го изрази своето длабоко жалење, бидејќи повеќе пати се обидел да им изрази сочувство на семејствата на жртвите, но како што изјави бил спречен од страна на државните органи.
Тој одби да одговори на прашањето од судијата да објасни какви биле семејните односи пред трети мај и дали неговиот син се однесувал чудно, односно дали поминувал време сам, дали цртал или пишувал нешто.
„Од почит кон жртвите неумесно е да зборувам какво момче бил мојот син тогаш, какво било моето семејство тогаш и колку внимателен родител сум бил јас. Посакувам никогаш да не дојдеше до ова. Доколку јас како татко и како лекар забележав нешто, или пак доколку некој ми сугерираше дека нешто се случува со мојот син, јас ќе реагирав за да не дојдеше до ова. Не можам да разберам што се случило со него за да дојде до ваква трагедија каква што досега немало“, истакна Кецмановиќ на рочиштето.
Потоа судијата инсистираше да се сконцентрира и да одговори на прашањата, но Кецмановиќ рече дека не е во состојба.
„Јас од трети мај сум мртов човек. Единствената причина што сум овде е мојата ќерка која исто така е жртва на својот брат“, изјави тој и додаде дека веќе нема да одговара на прашањата.
На рочиштето сепак не присуствуваше мајката, Лилјана Кецмановиќ која била уредно повикана. Адвокатите истакнаа дека таа не сака да се изјаснува во рамките на оваа парнична постапка.
Откако заврши одговарањето на прашањата од страна на Владимир Кецмановиќ, како сведок беше повикана Нада Радоњиќ Булатовиќ, наставничка по српски јазик и книжевност, која му била класен раководител на момчето-убиец во шесто одделение.
Таа одговараше на прашања за тоа какво било неговото однесување, каков однос имал со другарите и наставниците, дали одел кај психологот и педагогот и дали имало забелешки за него.
„Тој беше како и сите други деца. Во една прилика дури рече и дека сака да биде научник кога ќе порасне. Беше добро дете, упорно и воспитано, а тоа го забележуваа сите наставници“, изјави наставничката.
Таа истакна дека Кецмановиќ имал натпреварувачки дух, дека сакал да биде најдобар, дека никогаш нема да добиено оценка пониска од 5 и дека таа година го освоил првото место на натпревар по биологија во Белград.
„Тој немаше недоразбирања со другарите ниту проблеми со другите деца. Единствено неговата мајка Лилјана дојде на крајот на учебната година кога тој беше петто одделение и ме праша какви се можностите тој да биде префрлен во другата смена. Тогаш ми се пожали дека некои деца не го канеле на родендени и дека според неа, нему му е криво поради тоа“, додаде наставничката.
Таа рече дека Лилјана ја прашала дали забележала нешто чудно во однесувањето на момчето, на што одговорила негативно, упатувајќи ја мајката да се обрати кај стручните служби за промена на смената.
Наставничката додаде дека тоа било чудно бидејќи тогаш момчето полагало тест за билингвално одделение, положувајќи го со најдобри резултати. Тоа автоматски значело дека ученикот автоматски би го променил одделението.
„Подоцна од мајката добив меил во кој ме извести дека ученикот бил кај училишниот педагог и дека разговарал за промена на смената“,наведе таа.
Наставничката додаде и дека во текот на јуни тој доста изостанувал од училиште, но за тоа секогаш имал лекарско оправдување.
Адвокатот на оштетените пак, Огнен Божовиќ оцени дека изјавите на Владимир Кецмановиќ се несоодветни.
„Денес во судницата имавме прилика да видиме каков однос има Владимир Кецмановиќ кон овој стравичен случај, каков е неговиот однос кон судот, но и кон семејствата на убиените. Единствената причина за неговото појавување во оваа судница и давањето изјава дека органите го спречувале 11 месеци да упати сочувство. Никој и ништо не го спречи семејството Кецмановиќ да го оттуѓат својот имот по трети мај, но наводно некој ги спречил да упатат писмо со сочувство“, додаде адвокатот.
Извор: blic.rs