Полжав осамна денеска пред Поштата во Скопје. „Поштата е брза, само споро стигнува“ е мотото на денешната герила акција зад која стои Центарот за современи уметности.
Целта на герила акцијата е да се сврти вниманието кон состојбата со државна пошта, која според активистите, е и повеќе од алармантна.
– Идејата за акцијата „Поштата е брза, само споро стигнува“ е инспирирана од фактот дека иако веќе помина и 1 Април многу граѓани сè уште добиваат новогодишни честитки, а на некои и тие им доцнат. Состојбите во кои се наоѓа акционерското друштво во државна сопственост Пошта на Северна Македонија се повеќе од алармантни. Илјадници граѓани секојдневно лутаат по поштенските објекти и ги бараат своите препорачани пратки (сметки, казни за сообраќајни прекршоци, решенија, уверенија …), а откако нема да ги најдат се соочуваат со извршни решенија од извршителите – велат од Центарот за современи уметности.
-Од друга страна пак исто така илјадници граѓани со месеци ги чекаат и ги бараат своите платени нарачки од Ибеј, АлиЕкспрес, Амазон и слични страници за онлајн купување. Срамота е во 21 век да се губат пратки, да се враќаат на испраќачите, а секоја трета недела да не може да се испраќаат пратки од Македонија кон некои држави меѓу кои некои се и наши стратешки партнери (минатата година неколку месеци беше невозможно да се испрати каква било пратка за САД) – додаваат од Центарот.
Тие посочуваат дека сè на сè поштенските пратки на Македонска пошта се движат со брзина на полжав. Така се родила и идејата за оваа скулптура, сакајќи да го потенцираат проблемот и да извршат јавен притисок за подобрување на состојбите.
– Истовремено, со оваа акција даваме поддршка и на синдикатот на поштенските работници кои пред скоро време штрајкуваа барајќи ги своите неисплатени плати како и реорганизација во работењето на претпријатието за да може граѓаните да добијат подобри поштенски услуги.
Акцијата е дел од програмата Урбани уметнички акции на Центарот за современи уметности, која на креативен начин ги комуницира и се бори за решавање на проблемите на граѓаните.