„Сите беа и против договорот од Преспа, ама за сите стана реалност. Јас упорно ви кажувам ние имаме план како државата да стане земја членка на ЕУ. Историските прашања се дел од билатералниот договор со Бугарија, тие не се дел од преговарачката рамка. Да беа дел од преговарачката рамка, ние немаше веднаш по уставните измени што треба да ги направиме, да ги отвориме сите поглавја. Таму јасно стои, погледнете, вие бевте во Брисел, најкраткиот параграф што некогаш Македонија го имала во Брисел. РСМ го заврши билатералниот скрининг успешно, останува да ја заврши својата обврска, за уставните измени, и да ги отвори поглавјата. Толку,“ рече претседателот на СДСМ и носител на листа во ИЕ 1, Димитар Ковачевски на дуелот со Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на Канал 5 Телевизија.
Претседателот Ковачевски се осврна на немањето на одлучност кај ВМРО – ДПМНЕ, Левица и уште неколку партии да ги гласаат уставните измени во Собранието.
„Јас затоа прашувам, јас велам ние имаме план. Кој е планот на Г.Мицкоски? Тоа е клучното, дали има план? Јас велам дека тие немаат план како Македонија да стане земја членка на ЕУ,“ порача Ковачевски.