Од Бирото за развој на образованието денеска реагираа на вчерашните изјави на директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски, кој предложи Бирото за развој на образованието (БРО) да се пресели во сегашните простории на ТИРЗ, а ФИНКИ да ги преземе бараките што ги бара на Техничко-технолошкиот кампус на УКИМ, а во кои сега е сместено Бирото.
Во денешното соопштение на БРО се вели дека, иако јавно го поддржале ФИНКИ во решавањето на просторниот проблем, сепак, „притисоците за дислоцирање на Бирото продолжуваат и вклучуваат нови актери“.
-Она што изненадува во целата „приказна“ е зошто изминатите години ФИНКИ не беше „гласен“ и не притискаше за завршување на објектот наменет за Факултетот, зошто и сега не бара друго трајно решение, друга локација, туку притиска за добивање „привремени објекти“, дотраени бараки на друга институција, иако студентите „трчаат за зграда“, за нови простории, за подобри услови и тоа јавно го кажуваат, не сакаат бараки, туку современи простории“, се вели во соопштението на БРО, од каде додаваат дека нивната дејност не е административна, туку стручна и образовна и дека нема да прифатат избрзани решенија за дислокација на институцијата.
-Токму затоа, изненадуваат „пазарењата“ во јавноста, преку медиумите, не само на раководството на ФИНКИ, туку, сега и на „поддржувачи“ од државни институции, кои го нудат „својот“ имот за „административците“ од Бирото. Затоа, повторно се обраќаме и порачуваме дека нема да прифатиме „наддавања“ и избрзани решенија за дислокација на институцијата, без да се земат предвид спецификите поврзани со дејноста и потребите на институцијата, согласно бројот на вработени и согласно услугите што ги дава на повеќе од 23.000 наставници, без да се изработи архитектонски проект и да се обезбедат целосно уредување на соодветен простор и соодветни услови за работа, се вели во соопштението од БРО.