На претстојните Парламентарни избори во мај, Движењето Самоопределување, партијата на премиерот на Косово Албин Курти, ќе има тројца кандидати за пратеници. Како што соопшти советникот на Курти и кандидат за пратеник во Македонија, стружанецот Беким Ќоку, тројцата кандидати се на листите на коалицијата ВЛЕН (Вреди).
-Движењето Самоопределување во ИЕ 1 кандидат број 6 на листата ќе биде Нафи Селмани. Во ИЕ 2 кандидат број 6 на листата ќе биде г-ѓа. Медина Укшини. Додека во ИЕ 6 кандидат број 2 на листата ќе бидам јас Беким Ќоку“, пишува Ќоку на својот Фејсбук профил.
Многу контроверзии предизвика влезот на политички претставници на партија од Косово. Во македонскиот закон на избори не е дозволено учество на партии од други земји, не може странски државјанин да биде на изборна листа и не може некој што членува во друга партија, освен таа што е носител на листата, да биде на листа. Меѓутоа, во случајов, најдено е решение македонски државјани, кои членуваат во странска партија, да се најдат на кандидатски листи и да учествуваат во изборите.
Курти имаше обид на ваков начин да учествува и на изборите во Албанија. Некои од македонските аналитичари оценија дека ова е директно мешање во изборите на странска држава. Курти тоа го негираше, кога беше прашан на последниот самит на Отворен Балкан во Скопје.
„Движењето Самоопределување не е регистрирано во Северна Македонија. Ние имаме активисти, имаме и службеници на нашиот политички субјект во Косово кои доаѓаат од Северна Македонија, меѓутоа овде немаме регистриран центар на Самоопределување. Затоа и ние како Самоопределување нема да учествуваме тука. Јас посакувам да има што поголемо учество на изборите бидејќи тоа придонесува за демократијата“, објасни Курти.
Ноќеска на полноќ заврши рокот за поднесување листи со кандидати за Парламентарните избори.
В.К.
фото: ФБ