Додека МВР се’ уште трага по напаѓачот кој вчера нешто по 13 часот со автомат пукаше во градоначалникот на општината Арачиново Ридван Ибраими, педантните статистичари го изнесоа податокот дека ова беше трет напад врз градоначалникот за краток период. Само брзата реакција на еден од сега ранетите двајца придружници на градоначалникот, кој го засолнал, го спаси Ибраими од повреди, па и смрт. Напаѓачот, кој сред бел ден испразни цел шаржер и брзо замина на мотор, се’ уште е непознат за органите на прогонот, ниту е идентификуван.
Градоначалникот Ибраими пред една година бил цел на закани од 69-годишен маж од Арачиново. Уапсениот упатил смртни закани до градоначалникот во врска со случајот со користење на земјиштето. Ибрахими во септември 2022 година беше и физички нападнат.
Министерството за внатрешни работи тогаш соопшти дека на 13.09.2022 година во 09:46 часот градоначалникот на општина Арачиново пријавил дека бил физички нападнат од повеќе лица.
Како што тогаш објавија некои локални медиуми, Ибрахим тврдеше дека напаѓачите биле предводени од член на семејството на поранешниот градоначалник на општина Арачиново, Брахим Ајвази.
Ридван Ибраими е роден 1984 година во Скопје. Основно и средно училиште завршил во Скопје, дипломирал и постдипломски студии на Државниот универзитет во Тетово во 2016 година и магистрирал економски науки на насоката сметководство и ревизија.
Од јануари 2010 година па до изборот за градоначалник во 2021 година, бил на раководни позиции во здравствени установи – и тоа во Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас во Скопје, по што станува организациски директор на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје. Член е на ДУИ.