За 18 отсто е зголемата употребата на платежни картички од страна на граѓаните во текот на 2023 година, а расте и вредноста на извршените плаќањата за 17 отсто, покажаа податоците на Нардоната банка. Според овие податоци, бројот и вредноста на плаќањата на граѓаните со кредитни трансфери (т.н. платни налози) забележуваат годишен раст од 5% и 12%, соодветно.
„Иако плаќањата со кредитни трансфери сѐ уште најмногу се вршат на шалтерите на банките (71%), податоците за изминатата година ја потврдуваат и сѐ почестата употреба на дигиталните канали, со годишен раст од 16% кај бројот и 19% кај вредноста на плаќањата иницирани електронски. Притоа, граѓаните сѐ почесто ги употребуваат мобилните апликации за извршување на плаќањата коишто забележаа раст од 22% кај бројот и 30% кај вредноста“, соопшти Народната банка.
Во оптек беа 1,9 милиони платежни картички, од коишто 76% се засновани на бесконтактна технологија. Инфраструктурата за прифаќање плаќања со платежни картички, пак, брои 32.198 уреди на физичките места на продажба, кај 15.804 трговци во земјата, од кои дури 95% ја поддржуваат бесконтактната технологија. Бројот на картички со бесконтактна технологија и уредите на физичките места на продажба коишто ја поддржуваат оваа технологија забележа годишен раст (во споредба со 2022 година) од 0,5%, односно 18%. Годишен раст од 6% во однос на 2022 година е забележан и кај бројот на трговците коишто прифаќаат платежни картички при продажба на стоки и услуги на физичките места на продажба во земјата.