Познатиот штипски актер Раде Рогожаров по 37 години активна игра во Народниот театар од Штип, замина во пензија. Пензионерското испраќање на Раде беше на Меѓународниот ден на театарот 27 март, по завршувањето на изведба на трагикомедијата “Демонот од Дебармаало“ од Горан Стефановски. Крајот на претставата беше дочекана со стоечки овации, кога колегите и публиката официјално го поздравија актерот, кој целата своја професионална кариера ја посвети на Штипскиот театар, стекнувајќи национална слава со повеќе култни филмови и водителката кариера на националните телевизии.
Пред емотивната публика на официјалното испраќање, Раде сподели анегдота од својот актерски живот, а упати и порака да се сака и негува театарот.
-Често ми велеа: „Лесна е вашата, како песна“. Епа дојди испеј ја ако не! Секоја работа е лесна и тешка. Лесна е доколку се однесуваш одговорно кон неа, само ако сме искрени кон тоа што го работиме и сакаме, тогаш неминовни се резултатите“, рече пред публиката Раде Рогожаров.
Во својата кариера, Раде Рогожаров има забележителни улоги во култните македонски играни филмови: „Тетовирање“, „Среќна Нова ’49-та“, „До балчак“, потоа во проектите „Бушава азбука“, „Во светот на бајките“ и „Македонски народни приказни“, одиграл бројни улоги на театарска сцена. „Суперхикс“ му посвети и песна.
Особено популарност доживеа на телевизиските екрани, како музичар и шоумен. Се опроба и во политиката, како независен кандидат за градоначалник на Локалните избори во 2005 година.
Рогожаров има дипломирано на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на Слободан Унковски. Од 1988 година е вработен во Народниот театар од Штип.
Го прашавме Раде дали навистина замина во пензија.
„Не, таман работа. Во активна пензија, да, со продолжување на тоа што го играм во театарот и се’ што е во доменот на професијата. Имам и други понуди, а наскоро ќе го објавиме новиот проект“, кратко изјави Рогожаров, кога го прашавме за „активната пензија“.
На својата верна публика Рогожаров ѝ порача: „Сакајте го негувајте го театарот и сите уметности и љубете се“.
В.К.