Граѓанските активисти кои се борат за заштита на Охридскиот регион, на средба со претставници на УНЕСКО алармирале дека ситуацијата сѐ повеќе се влошува. Откако лани овој регион куртули од тоа да биде ставен на листата на загрозени подрачја, познавачите се загрижени дека годинава тоа нема да се случи, а прстот го вперуваат и во локалната и во централната власт.
Обвинуваат дека политичарите манипулираат и од година в година се зголемува бројот на дивоградби. Активистите им порачале на претставниците на УНЕСКО да излезат на терен и да ги видат проблемите. За заклучоците од средбата со нив, разговараме со археологот Никола Киселинов кој е дел од мрежата на граѓански организации за заштита на Охридското Езеро.
„Пред една недела имавме уништување односно кршење на споменик од народноослободителната војна во Охрид, а никој не го спомнува тоа. Или нефункционирањето на колекторот. Се кријат информации од реактивната мисија, сѐ со цел да не се отворат проблемите и ѓубрето да остане под тепих“, вели Киселинов во изјава за ММС.
Според него, најголемите пропусти се забележуваат на повеќе локации – почнувајќи од Радожта, па долж крајбрежјето до Струга, Подмоње, Охрид, сѐ до Свети Наум. Вели дека на овие локации има околу 150 дивоизградени објекти кои се легализирани од општините Охрид и Струга.
„Надлежните ги кријат тие објекти, а во меѓувреме за да добијат политички поени ги легализираат. Имаме дивоградби во Националниот парк Галичица во строго заштитена зона, имаме и нефункционирање на колекторскиот систем. Има многу проблеми и тие се огромни. Ние во државава се соочуваме со нефункционалност на институциите. Не се способни да го заштитуваат природното и културното наследство. Значи, проблеми има многу, политичарите ги кријат со цел да заштитат некои свои лични интереси. Ги кријат тие работи, а УНЕСКО не ги ни знае тие локации“, забележува Киселинов.
Тој реагира дека токму институциите кои треба да го заштитат природното и културното наследство, го деградираат.
„Граѓаните како граѓани ако им дозволите и среде езеро би изградиле објект, но државата си создала закони и институциите имаат обврска да ги спроведуваат, но сепак не преземаат ништо. Ние ѝ кажавме на реактивната мисија на УНЕСКО дека нема никаков ефект од нивните мерки бидејќи секојдневно се соочуваме со проблеми– тука има загаденост, бучава, пренатрупаност со објект, нефункционирање на секојдневниот живот. Затоа и реагираме“, додава Киселинов.
Инаку, Комитетот за светско наследство на УНЕСКО лани во Ријад сепак одлучи да не го стави Охридскиот регион на листата на загрозени подрачја. Активистите велат дека наместо тоа, биле донесени 15 мерки односно препораки кои државата требало да ги спроведе, но тие сѐ уште не се исполнети.
„Претходно имавме исто 15 мерки, но ниедна од нив не е исполнета. А државните институции имаат План за ревитализација кој ќе го поднеле како извештај. Значи преку глава ни е на нас од планови и програми. Ни требаат конкретни мерки. Затоа велам дека се соочуваме со институционална нефункционалност со што се манипулира УНЕСКО. Лани куртуливме од ставањето на листата на загрозени подрачја, но годинава не знам како ќе куртулиме, бидејќи ситуацијата е влошена. Политичарите си определиле да се занимаваат со политика, но во секојдневниот живот ние ги трпиме негативните ефекти од целата таа деградација на природното и културното наследство“, додава Киселинов.
Тој беше еден од активистите кои лани и до македонската и до албанската влада испратија писмо во кое предложија решенија за исполнување на препораките на УНЕСКО, но вели дека проблем е различната законска регулатива во двете земји.
„Со албанската страна исто имаме проблем бидејќи нашите закони не се компатибилни со нивните. Албанците сакаа да прават од нивна страна трки со брзи чамци односно глисери во јули. Беше потпишан и договор за ваквиот настан, но успеавме некако со заложба на граѓанските организации да ја убедиме албанската страна дека Охридското Езеро нема капацитет за такви трки. Реакцијата на УНЕСКО беше да се стопира идејата за таква трка и да се премести. Мислам дека ќе ја послушаат таа мерка“, додава Киселинов.
Тој порачува дека им претстои голема борба за да ги убедат политичарите дека проблемите нема да се решат со мамење, но ситуацијата дополнително ја отежнува „префрлањето на топката“ меѓу институциите.
Министерката за култура Бидера Костадинова Стојчевска неодамна изјави дека најголемиот дел од ингеренциите се во рацете на општините Охрид, Струга и Дебарца, додека охридскиот градоначалник Пецаков се пожали дека тешко се одвива соработката со оваа институција која како што рече, го кочи секој еден проект кој го спроведува локалната самоуправа, а кој е поврзан со соодветни одобренија.
Пецаков исто така се сретна со претставниците на УНЕСКО кои ги информирал за чекорите што ги презема локалната власт, но и за временските рамки за реализација на нив. Посетата на реактивната мисија на УНЕСКО претходно беше најавена и од министерката Костадинова Стојчевска која информираше дека ќе треба да се утврди фактичката состојба околу заштитата на Охридскиот регион, по што ќе произлезат заклуоци според кои државата ќе треба да постапи
В. Ми