Собранието на денешната последна пленарна седница за овој парламентарен мандат донесе неколку закони без никаква дискусија и дебата меѓу кои и измените на Законот за медиуми, по скратена постапка.
Со предложениот закон се стимулираат неделните, месечните и локалните медиуми и оние весници кои што се објавуваат на јазикот на националностите во Република Северна Македонија да продолжат со своето работење и издавање на својот јазик. Предлогот за изменување и дополнување на Законот за медиуми предвидува финансиската поддршката за печатење и дистрибуција на печатените медиуми да се врши од предвидените средства од Буџетот на Република Северна Македонија, така што вкупната финансиска поддршка за печатење и дистрибуција на печатени медиуми, не смее да го надмине износот од 0.03 проценти од реализираните даночни приходи утврдени во последната донесена завршна сметка на Буџетот на Република Северна Македонија.
Исто така, во рамки на оваа седница беа усвоени и Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита и Предлог на законот за дополнување на Законот за спортот, и двата по скратена постапка
На оваа седница, Собранието не го усвои Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за Македонската академија на науките и уметностите, по скратена постапка.
Од 131.седница беше донесен Предлог на законот за изменување на Законот за издавање на обврзници на Република Северна Македонија за денационализација, по скратена постапка.
Додека, од 135. седница беа донесени Предлог на одлуката за одобрување на Годишната програма за работа и развој на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор за 2024 година, Предлог на одлуката за одобрување на Годишната програма за работа на Агенцијата за пошти за 2024 година, Финансискиот план на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2024 година.
Во рамки на 138. седница, Собранието ги донесе Предлог на законот за гаранција на Република Северна Македонија на обврските по Договорот за заем за дополнително финансирање на проектот за надградба и развој на патишта, кој ќе се склучи меѓу Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка и Јавното претпријатие за државни патишта, по скратена постапка, Предлог на одлуката за давање согласност на Годишна програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2024 година и Предлог на одлуката за давање на согласност на Финансиски план на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2024 година.
Од 145. седница беа усвоени Предлог на законот за изменување на Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад, Предлогот на законот за гаранција на Република Северна Македонија на обврските по Рамковниот договор за заем кој ќе се склучи меѓу Банката за развој при Советот на Европа и Развојната банка на Северна Македонија АД Скопје за програмски заем за Развојната банка на Северна Македонија АД Скопје за креирање на работни места во микро, мали и средни претпријатија во Северна Македонија, сите по скратена постапка.
Во рамки на 103. седница, пратениците го изгласаа Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за стоковните резерви, по скратена постапка.
На крајот на седницата, спикерот Јован Митрески потсети дека иако денеска беше последната пленарна седница за овој парламентарен состав, Собранието ќе биде постојано заседание.
-Нема одлука за распуштање, бидејќи изборите се редовни. Мандатот на пратениците трае до верификација на мандатот на следните пратеници. Ако има потреба, ќе бидете дополнително свикани. На сите ви посакувам успешна кампања, рече Митрески.