Полицијата привела вкупно три лица во врска со убиството на лекарот Ацо Трпковски во скопската населба Железара. За ова денеска информираше министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој беше во работна посета на Општина Босилово.
„Според моите информации, приведено е уште едно лице, значи вкупно приведени се три лица. Претресот е завршен во текот на доцните часови, се продолжува со други истражни дејствија, со цел да може да се утврди соодветно фактичка состојба, штом имаме дополнително нови информации, јавноста ќе биде благовремено известена“, рече Тошковски.
Тој вчера во своето гостување во поткастот „Претрес“ истакна дека има осомничени лица за убиството, како и одредени материјални траги кои водат до осомничените. Министерот нагласи и дека се преземени 20 истражни дејствија, како и дека се прегледани над 50 камери и видео записи.
Според првичните наоди, Тошковски рече мотивот за убиството не е поврзан со професијата на убиениот.
Шеесет и седумгодишниот лекар минатата недела беше пронајден избоден до смрт во неговиот автомобил паркиран во парк во близина на поранешната фабрика „Железара“.
Лекарот имал приватна ординација во поликлиниката „Железара“.