Предизборните обраќања на политичарите ќе ги интензивираат флоскулите за борба против корупцијата. Но за да се справи македонското општество со неа, потребно е тие да покажат волја за нејзино сузбивање и да има казнивост за оние кои ја практикуваат, а не оваа борба да остане само дел од она што е кажано на говорниците – вели во разговор за ММС, Снежана Камиловска Трпевска од МЦМС.
Корупцијата е дотолку распространета, што веќе е и „нормализирана“ поради слабата имплементација на законите.
Таа особено „цвета“ кога се во прашање јаните набавки во кои отсуствува конкуренција, а одлуките што се донесуваат не се прецизно образложени – алармираше невладиниот сектор.
За еднодневен престој на куче во прифатилиште некои општини плаќале и за 244 проценти повеќе од просечната цена. За заловување пак, највисоката цена која е платена е за 12, 5 пати повисока од најниската. Тендерите за третман на кучиња укажуваат на многу ниска конкуренција од само 1,5 понуда по тендер – нотираше Центарот за граѓански комуникации.
Ваквите тендери само ја отсликуваат состојбата со јавните набавки во земјава кои фрлаат сомнеж врз постапките создавајќи правна несигурност кај оние кои учествуваат во нив. Во дел од постапките за јавни набавки се донесуваат одлуки без соодветни и прецизни образложенија, а секој трет договор за јавна набавка е склучен во постапка во која учествувала само една фирма.
Со отсуство на конкуренција, склучени се 5.045 договори во вкупна вредност од 283 милиони евра – покажа извештајот на Центарот за граѓански комуникации кој ги мониторираше јавните набавки во првите шест месеци од ланската година.
Отсуството на конкуренција е особено загрижувачки во областа каде што се трошат значаен дел од јавните пари, а тоа е здравството. Конкуренцијата изостанува дури и во тендери со огромна вредност, како што е двегодишната набавка на инсулин и глукагон за 2023 и 2024 година, во вредност од 28 милиони евра.
Цената како единствен критериум во тендерските постапки
Познавачите велат дека токму јавните набавки се „плодна почва“ за корупција, која пак, и понатаму го задржува приматот на најголем проблем во македонското општество.
Снежана Камиловска Трпевска од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) потенцира дека процесот на јавни набавки е исклучително значаен особено кога станува збор за високата корупција.
„Потребно е уште многу голема едукација и покажување на политичка волја, но и имплементација на законодавствата за да видиме реален исчекор во борбата против корупцијата во делот на јавните набавки“, вели Камиловска Трпевска – програмска координаторка на активноста „Граѓаните против корупцијата“ при МЦМС.
Во изјава за Македонски медиа сервис, таа нагласува дека иако Законот за јавни набавки е на сила години наназад, сѐ уште се соочуваме со тоа дека цената е единствен критериум во тендерските постапки, иако законот не го кажува тоа.
„Понекогаш економски-најповолната понуда лесно се злоупотребува. Ова е само еден еклатантен пример, но сепак јавните набавки се широко поле за злоупотреба“, додава Камиловска Трпевска.
Но иако јавните набавки се поврзани со високата корупција, таа предупредува дека на овој проблем не треба да се гледа сегментирано и подеднакво треба да се работи на справување и со ситната корупција.
„Високата корупција нѐ задира сите, на сите ни е болка затоа што гледаме колку е распространета. Но да бидеме реални, граѓаните на свој џеб и на својата мака повеќе ја чувствуваат ситната корупција бидејќи граѓанинот секојдневно е соочен со потребата да даде одредена услуга, мито или наречете го како ќе го наречете. Тоа го гледаме во образованието, во здравството, насекаде низ јавната администрација“, додава нашата соговорничка.
Со поголема политичка волја до подобрување на состојбата
Според неа, корупцијата веќе е вкоренета во нашето секојдневие, што на граѓаните им станува и нормална појава.
„Корупцијата секој ден му влијае на граѓанинот. Тој знае дека услугите кои ги добива и за кои веќе платил, не му се сервираат на начин на којшто е пропишано да ги добие. Напротив, треба нешто дополнително да направи за истите да ги добие. Поради ова, не би ја поделила корупцијата. И високата и ниската корупција паралелно треба да се обработуваат од властите. Политичката волја треба подеднакво да биде насочена и кон пониската и кон повисоката. Тоа е еден круг бидејќи ако гледаме дека едната се сузбива, претпоставките се дека и другата ќе биде намалена, значи одат рака под рака“, апелира Камиловска Трпевска.
Извештаите на невладиниот сектор се само аргумент плус за високата свесност на граѓаните за широката распространетост на корупцијата.
Оттука, според нашата соговорничка, централната власт, но и општините треба да покажат изразена политичка волја за реална борба против ваквиот проблем.
„Кога велам дека треба да покажат изразена политичка волја, сметам дека тоа не треба да биде декларативно, односно да видиме реални акции коишто тие ги преземаат за да се сузбие овој проблем“, вели Камиловска Трпевска.
Таа „прогнозира“ дека претстојните избори дополнително ќе ја актуелизираат корупцијата во говорите на политичарите, но апелира дека наместо зборови, тие треба да користат дела.
„Тоа значи дека штом сега ни претстојат избори да не очекуваме дека на говорница ќе слушаме едни убави зборови дека сите тие ќе се борат со корупцијата. Верувам дека во нивните политички програми ќе видиме дека ќе се борат против корупцијата, но сакаме да видиме дела“, истакнува Камиловска Трпевска.
„Свесни сме дека за жал, изборните процеси се некако поврзани со сомнежи за корупција. Затоа и ние како програма решивме за овие избори да посветиме дел од нашето време и да работиме на тие такви состојби кои може да доведат до сомнежи за корупција во изборниот процес и да ги следиме политичките партии и нивните наративи. Тоа што ќе се вети во политичката програма особено во делот на борба против корупција и добро владеење треба и да се исполни понатаму од оној што ќе ја добие довербата на граѓаните“, потенцира таа.
И покрај честите флоскули за антикорупциска борба, Камиловска Трпевска вели дека прогресот на ова поле е многу мал.
Таа забележува дека институциите во континуитет покажуваат апатија, макар што Владата лани формираше Меѓуресорско тело за координација на активностите против корупцијата.
-Можеме да формираме многу меѓуресорски тела, форуми на кои ќе дискутираме за ова, но сепак нема да се реши проблемот. Тој би се решил прво со покажување на таа политичка волја, а со имплементација законодавството,, наместо да се бараат модули за да се избегне неговата имплементација. Знаете, многу е едноставно да кажете дека во законот „постои некоја недореченост па ајде ќе го менуваме законот“, или „ајде да најдеме ново законско решение за да најдеме начин нешто да имплементираме“. Не, едноставно треба да функционира системот и да се почитува онака како што е нештото наведено и напишано – потенцира Камиловска Трпевска.
Што сработи Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата?
Ова тело беше формирано лани во ноември со владина одлука со цел да се зајакне соработката меѓу надлежните институции заради унапредување на политиките и механизмите за превенција и справување со корупцијата.
Владината прес служба соопшти дека со конститутивната седница претседавала вицепремеирката за политики за добро владеење, Славица Грковска до чиј кабинет нашата редакција адресираше прашања во обид да дознаеме што досега направило ова тело за сузбивање на корупцијата во државата.
Иако политиките за добро владеење меѓу другото, подразбираат транспарентност и отчетност, од кабинетот на Грковска го изигнорираа и прашањето за тоа каква е соработката со граѓанскиот сектор на полето на антикорупцијата. Од нејзиниот кабинет освен тоа, не кажаа колку седници досега одржало меѓуресорското тело и какви активности презело во однос на наодите од последниот Извештај на Европската комисија кои се однесуваат на корупцијата.
Вања Мицевска