Арбен Таравари е прекрасен лекар, тоа го велат пациентите , тој е и добар градоначланик за гостиварчани, кои го наградија со втор мандат. Дали ќе биде добар и чесен претседател ќе кажат претстојните избори, кога ќе се види дали во ова општество со предрасуди ќе успее да добие поддршка од сите. Тој се надева дека сликата од локалните избори, кога сите зедно гласале за него, ќе се преслика и на претседателските. За себе вели дека е човек без предрасуди и, рака на срце, досега тоа и го покажал, најмногу по неговата примарна професија, медицината, не одбил никого кој ќе му побара помош.
Вели дека ќе води позитивна кампања, дека во политиката е време за чесни луѓе, кои ќе ја вратат довербата и секако, нема да ги заборави пациентите и кога ќе стане претседател.
Тој е грижлив сопруг и татко, ги почитува семејните вредности, а за сопругата Нора вели дека во неговото семејство е премиер и министер за финансии. Среќен е што неговите синови го одат својот пат надвор од политиката и посакува староста ќе ја дочека како пензиониран лекар.
Со Таравари разговаравме за политиката, медицината, животот и семејните вредности, но, како за човек посветен на неговата прва љубов, нормално е да се започне со медицината.
Кога сте дале Хипократова заклетва сте ветиле дека ќе бидете лекар на сите, без оглед на религија, нација.. Колку ова ќе важи во политиката?
-Не дали ќе важи, туку тие што ме знаат и како лекар и како градоначалник и како поранешен министер знаат дека јас уште од детство луѓето не сум ги делел по тоа од која вера се или етничка заедница. Се родив и пораснав во зграда во Гостивар во која живееја Албанци, Турци, Македонци, Роми и знаев преку ден да влезам во различни куќи. Целиот мој живот и во Гостивар и во Скопје, тие што комуницирале барем еднаш со мене знаат дека не се случило некој да каже дека имам предрасуди. Кога ќе пораснеш во таква атмосфера не може никој да те смени или да ти влијае на начинот на размислување. Ако тргнеме по тоа што вели Фројд, дека целиот карактер на луѓето се формира до седум години, значи јас сум сигурен дека нема нешто што може да влијае врз моите убедувања. Се надевам дека, уште колку ми останало од животот, така и ќе продолжам. Имам 51 година, наскоро ќе почнам 52 и многу сум среќен што сум човек без предрасуди.
Токму затоа сите беа изненадено кога рековте „дојде денот на чело на државата да биде Албанец, не технички туку вистински“..
-За жал во нашето општетво, не кај сите, но кај огромен број луѓе постојат предрасуди. Знам дека е многу тешко Албанец да гласа Македонец и обратно. Но, во вториот круг на локалните избори знам дека добив гласови од Македонци, Турци и Роми и затоа сум пресреќен. Без разлика што тогаш бевме во коалиција со ВМРО, за мене гласаа повеќе од половина од СДС иако беа во колаиција со ДУИ. Знам дека и во 2017 година ТДП, најголемата турска партија имаше коалиција со ДУИ, но јас добив турски гласови. Значи дури ни партијата не влијаеше врз нивната одлука. Одредени позиции некако имаат одбојност, генерално Македонците, дека треба да биде претседател Македонец. Чисто овие предрасуди треба да ги надминеме, да кажеме дека ако е квалитетен човек нека е и Влав и Турчин. Некои ме пршуваат- зошто во Гостивар да не биде градоначалник Македонец. Нека биде, зошто да не. Меѓутоа граѓаните на крајот одлучуваат и затоа реков оваа предрасуда треба да ја прескокнеме. Ако можеше Обама со црна боја на кожа да биде претседател на САД, зошо ние не можеме да добиеме поддршка од голем број Македонци. Јас сум сигурен дека ќе добиеме поддршка од сите, освен од Албанци каде искрено ни е најголемиот таргет за добивање на гласови. Јас би сакал во оваа држава да има вистински министер, не технички, да има по Мерит системот добар премиер, без оглед од која етничка заедница е. Ќе излезам и ќе побарам поддршка од сите, дури и од другите политички партии. Го повикав и Ахмети да даде поддршка да пробаме дали можеме заедно.
Каква ќе Ви биде кампањата, бидејќи уште во пред кампања се виде каква е реториката на политичарите, колку ќе биде валкана?
-Јас и кога прифатив да бидам кандидат за претседател зборев и со партнерите од коалицијата дека мојата кампања ќе биде позитивна и европска. Воопшто не се кажало нешто негативно за некој. Јас ги повикав сите кандидати за да разговараме во сабота во Тетово за едно од најголемите проблеми, а тоа е иселувањето. И зошто да не седнеме да разговараме за нешто позитивно, доста беше да зборуваме за теми кои не се приоритет на општеството. Ако вака продолжи нема да останат луѓе, ќе дојдат други луѓе од страна, ќе се смени демографијата. Мислам дека целата кампања ќе биде за тоа што го бара народот од нас. Досега гледам дека најголемата грижа на луѓето е миграцијата, потоа поубав живот, па корупцијата и криминалот, која веќе овде ги поминува сите можни граници. Амбасадорите велат имаме епидемија на корупција. Па зошто да немаме правна држава, убави болници, училишта, градинки, чист воздух, квалитетна вода. Да ги мотивираме луѓето да се вратат во селата да приозведуваат продукти кои порано се произведувале, па Македонија е релативно плодна земја. Сите се оддалечивме од нашите вистински вредности. Затоа мојата кампања ќе биде без никаква критика кон никого. Само ќе ја кажеме визијата за следните пет години. Ниту парламентарните нема да бидат со критики, само со наши предлози како би ги решиле проблемите, а евидентно е дека имаме сериозни проблеми. Сепак, сите заедно треба да ги решиме. Не може да ги реши проблемите само една партија сама. Така да кампањата ќе биде позитивно насочена кон сите граѓани.
Луѓето се веќе уморени, не само од ситомаштија, корупција и иселување, туку и од плашењето со нереди, конфликти…
-Мислам дека нема веќе кој да војува тука ниту некого го интересира тоа. Среќен сум што сме дел од НАТО, уште да бидеме дел од европското општество. Нели и таму има вредности кои ги сакаме и ги посакуваме. Па повеќето од нашите луѓе не се ислелуваат во Кина, Русија или Авганистан, туку во Германија, Австрија, Италија, Америка. Тие се тие вредности. Ние како земја припаѓаме на Европа.
Велите- промените започнаа! Што Вие со вашата коалиција ќе смените?
-Често ме прашуваат-зошто промени? Но, промената е надеж. Можеби е лажна, но е надеж. Во македонскиот блок неколку пати се случија промени, но во албанскиот 20 години ниту еднаш. Значи нема ниту надеж, ниту лажна надеж. Ми велат- која е гаранцијата дека ќе бидете подобри од Ахмети? Јас велам вака: Само 100 дена бевме во министрство за здравство и успеавме да ја вративме довербата, да веруваат луѓето дека ќе се среди. ИРИ тогаш направи анкета на кои министри најмногу народот им верува. И замислете Министерството за здравство беше пред Заев, кој тогаш ја имаше кулминцијата на кариерата. Ние имавме поголема доверба од него. Најголемиот проблем во Македонија е недовербата во институциите. Луѓето не веруваат во војска, во полиција, во судови, во болници, во образование и бараат да се врти довербата во институциите. Што направивме со Гостивар? Гостивар беше најнетранспарентна општина. Сега е меѓу пет најтрнспарентни. Ако праште во кој градоначалник имаат најголема доверба, пак сме меѓу првите. Многу работи направивме за разлика од нашите претходници.
Значи сепак надежта не била лажна. Денес Гостивар е многу подобар, значи на прав пат сме. Се надевам дека тој што ќе дојде после мене во Гостивар ќе биде многу подобар. Еве и Касами е многу подобар од Теута Арифи, тоа го покажуваат резултатите, не јас. Значи момент е и време да дојде нова генерација на политичари. Видете и се да беше добро 20 години за ДУИ е многу. Албанците се презаситени и сакаат да се случат промените. И оваа позитивна енергија што се случува и што луѓето мислат дека е време да се смени оваа власт. Не може никој да го запре овој ураган. Се надевам дека на 8 мај ќе се случи промената и во албанскиот блок. Но, нашиот прв тест е 2025 година, на локалните избори. Доколку ние не демонстрираме добро владеење, луѓето знаат да казнуваат. Ќе има промени, ќе има нова влада, нови министри, нови директори и ако не успеат за една година да докажат дека се владее и поинаку, почесно, во 2025 година на локалните избори ќе не казнат. Тогаш ќе ја добиеме шлаканицата од народот.
Во кој од кандидатите го гледате најголемиот противник?
-Не би кажал. Сите кандидати ги почитувам. Сите имат одредени квалитети. Нека победи тој што ќе добие најголема поддршка од народот.
Со Села се уште не комуницирате?
-Засега не. Но, јас сум подготвен кога сака да се сретнеме. Не можам да кажам лош збор за него, 10 години бевме заедно. Тој реагира малку поемотивно, но без разлика на се од мене му е простено и кога сака може да се сретнеме.
Кога одлучивте медицината да ја замените со политиката, кој беше тој пресуден момент на одлука?
-Јас со политика тргнав како подржувач на Џафери, на ДПА. Откако тој си замина од политика, јас воопшто не ни размислував да продолжам да се занимавам со политика. Потоа мојот колега, господинот Села почна како фракција на ДПА. Мислев дека таа партија е приватизирана од еден човек, и денес сите тврдат дека е од Тачи. Тогаш го поддржав, но му кажав дека не сум заинтересиран да влезам, туку тука сум како поддржувач. Меѓутоа по негово инсистирање станав генерален секретар. Тоа беше за година две, па потоа да се тргнам. Па потоа дојде министерското место, па потоа повторно по инсистирање на господинот Села, за да добиеме повеќе општини, решивме да се кандидирам за градоначалник на Гостивар. А јас воопшто немав размислувано за тоа. Како лекар не бев конфидентен да бидам градоначалник. Во животот можеби сум размислувал за други професии, но за градоначалник никогаш.
Ама си размислував, нова партија, а со што повеќе општини ќе оди партијата напред. Секако со поддршка на многу луѓе во Гостивар се одлучив. Големо семејство сме во Гостивар, со многу интелектулци. Се одлучив од Скопје да се вратам во Гостивар и да се кандидирам за градначалник. Иако ДУИ и СДСМ имаа еден кандидат, господинот Бејта, а ние опозицијата имавме шест, па сепак победивме. И навистина партијата порасна. Јас сум благодарен на гостиварци за поддршката на секои избори. Но, многу среќен ме прави што гласовите не беа само од Албанците туку од сите. Тоа навистина ме прави пресреќен. И ден денес мислам дека ако повторно се кандидирам за Гостивар ќе биде така. Се обидов да бидам близок со гостиварци. Имаше една анкета, паметам и ден денес еден коментар, кој вели „го почитуваме бидејќи го врати градот на граѓаните“. И навистина е така. Се обидував да бидам непосреден со грѓаните, да бидам меѓу нив без возачи, без обезбедување. Можеби затоа имавме континуирана поддршка во Гоставар, а еве се надевам тоа да биде низ целата Република.
Како лекар, кој половина живот го посветил на едукација, ги имате сите епитети. Но, Ви паѓа ли тешко што се повеќе се одалечувате од професијата?
-Многу тешко ми паѓа иако јас не се одалечувам. Секоја среда бесплатно прегледувам на Клиника за неврологија. Имам и до 60 пациенти, останувам и до 18 часот. Освен тоа и во Гостивар, во општина нема ден да не дојдат по 4-5 луѓе.
Кај градоначалникот на преглед?
-Не, за второ мислење. Или имаат цеде, па да не доаѓаат во Скопје бараат да го видам или имаат препорака за терапија од специјалист, па им треба и мое мислење. Не одбивам никого и најмалку секоја недела прегледувам или давам второ мислење на минимум 100 пациенти. Значи не сум се одалечил. Читам литература, читам брифинг од тоа што се случува во медицината и Неврологијата, посебно во невродегенерација, тоа што ми е субспецијлизација. Нормално, не сум тој доктор како пред 8-9 години, пак сум одалечен од рутината. Ама јас и сабота и недела одам во Општина. Па за мене кога сум со пациентите во недела ми е како среда. Тој ден ме исполнува и ме одмара. Некои ми велат зошто го правиш тоа, не ти се исплати или дали го правам ова за реклама. Никогаш не сум правел слики или видео од ординација за реклама.
Но, ако не одам јас кај нив ќе дојдат тие кај мене. Посебно невролошките, со деменции, паркинс или мигрени, кои се врзуваат со докторот. Ќе ми речат било каде да речете докторе, таму ќе дојдеме, но јас не би сакал да ги мачам да доаѓаат затоа еден ден го посветувам на нив. Им давам сугестии и препораки. Некогаш им е доволно пет минути да поразговараат, да им посочам како да продолжат и јас сум многу сум горд на тоа. Со цела почит кон пациентите ја работам оваа работа и ќе продолжам понатаму без оглед која позиција ќе ја имам. А инаку едвај чекам да и се вратам на професијата и да се пензионирам од таму.
Ако станете претседател како ќе функционирате? Ќе продолжите пак секоја среда во Клиника со пациенти?
-Апсолутно ќе продолжам. Не да станам претседател, било што да станам јас еден ден во неделата ќе го посветам на пациентите. Прегледував и како министер и како градоначалник, па и како председател ќе продолжам. Нема да оставам еден ден да не прегледувам.
Како претседател ќе ви биде полесно, вилата на Водно е блиску до Клиника, не мора да патувате од Гостивар како до сега.
-Пешки ќе одам..
Што е потешко за решавање здравствени или комунални проблми?
-Најкомфорен се чувствувам во таа соба од шест квадрати на Клиника, отколку било каде на друго место. Најубаво би ми било да продолжам како лекар, но некогаш сите ние како интелектуалци имаме морална обврска колку можеме да помогнеме на општеството. И јас мислам дека дел од мојот живот, се надевам максумум 10 години, да помогнам на општеството, да оставиме нешто зад нас, нешто што ќе биде запаметено, како нешто убаво направено од мене. Како што сега сум горд што во Гостивар има најубав центар за аутизам, не само во државата туку во регионот. Училиштата се можеби најубави во Македонија, градинките, па патишта и канализации по селата немало со години. Ние ќе бидеме нешто што поминало, си отишло, а само убавите сеќавања зад нас ќе останат. Затоа да се обидеме сите најубави сеќавања да им ги оставиме на луѓето, да не не паметат по лоши работи.
За да дојдете до овде, секако дека имавте подрршка од семејството. Но, кога ви се лутат што сте презафатени и немате време за нив, сепак, заради работата со семејството се разделивте, Вие во Гостивар, сопругата и синовите во Скопје.
-Со сопругата и децата веќе 18 години живееме во Скопје. Родителите живееја во Гостивар, татко ми е веќе покоен, во мај ќе бидат три години, но мајка ми уште е во Гостивар. Инаку кога влегов во политика татко ми беше најмногу лут. Велеше „што ти треба ова кога имаш своја професија, која ти иде супер.“ Но, потоа беше навистина горд бидејќи ми велеше „кога ќе излезам сите зборуваат за тебе со најубави зборови“. И знам дека имаше ишијалгија и не можеше да мрдне од кревет, но кога од телевизија слушнал дека ќе се кандидирам за градоначалник, бидејќи јас не му кажав, скокнал и рекол- „што му требаше да биде градоначалник“. Тој живееше до крај на мојот прв мандат. И знам дека до крај на мандадатот ми велеше дека четири години како сум градоначалник уште никој не му рекол лош збор за мене. Јас му велев- нормално, за син ти нема да зборат лошо. Хахха.. Тогаш ми рече и дека е добро што сум се кандидирал за градоначалник, а и што сум бил министер. Татко ми секое утро стануваше да ги гледа утринските програми, да слуша што ќе кажат. Толку беше горд што од сите националности зборуваа добро за мене. Почина и беше горд дека сепак тој немал право што не се сложил што сум се кандидирал, но дека добро сум направил. Сопругата исто така инсистираше да не се кандидирам и за првиот мандат за градоначалник и за вториот, а сега и за претседател. Но, кога беше конвенцијата во Гостивар јас ја убедив да одржи кус говор и тој говор, сите нас претседатели на партии што бевме, не фрли во сенка. Тоа беше најемотивен дел од конвенцијата. Беше толку гледано тоа видео што навистина не стави во сенка сите.
Вашата сопруга испрати и една поинаква честитка до жените за „8 Март“. Се подготвува ли за прва дама?
-Кампањите на Алијанса се поинакви. И за градоначалник во двата мандати и сега како кандидат за претседател кампањите ги тераме заедно со сопругата и се надвам дека ќе направиме добар резултат.
Велите дека утринско кафе подготвувате во одредени ретки моменти. Кои се тие ретки моменти, некоја посебна прилика или?
-Тоа е вистина, бидејќи сопругата Нора е во Скопје, а јас во Гостивар. Таа доаѓа преку викенди и затоа секој работен ден утринското кафе го пијам со мајка ми, само викендите ни се приклучува сопругата. Сабота и недела до 12 не излегувам од дома, бидејќи тогаш имаме семеен појадок или ручек . Тоа е традиција останата од татко ми, тогаш и децата се тука, а често доаѓа и сестра ми. Кога јадеме заедно, тоа ми е најубав период од неделата. А кафе да, понекогаш се случува да сварам. Некогаш кога сопругата е зафатена или кога мајка ми има работа или не е добра. Е тогаш јас варам. Ама за среќа имаме апарат специјален во кој ставам шеќер, вода и кафе и само се прави. Но, тоа за жал и тоа е многу ретко.
Ќе тргне ли некој од Вашите синови по вашите стапки?
-Да имам два сина. Кога сопругата беше бремена со вториот син 4-5 гинеколози кажаа дека ќе биде ќеркичка, дури и гинекологот што ја водеше бременоста рече дека сигурно е ќерка. Кога се роди син ми лекарот ми рече- имам две вести за тебе, една добра и една лоша. Која прва ја сакаш да ја слушнеш. Реков, ајде прво лошата. Ми вели не е ќерка туку е син. Ххаха… Реков не е битно што е, важно е да се добри. Тогаш кажа дека добрата вест е дека се поминало како треба. Астрит има 26 години, информатичар е, работи за компанија од Дубаи. Малиот син Арбин е матурант и тој планира да студира информатика. Не се заинтересирани за медицина. Јас често им велам да се здрави и живи и да одат по прав пат. Да се сремни во животот да си работат и да си го одржуваат семејството. Големиот син е веќе независен од нас. Но и двајцата не се по политика. Малиот дури не знае кој е премиер, кој е претседтел, ниту ги знае политичките партии. Оваа година прв пат ќе гласа, наполни 18 години. И знае дека ќе гласа за мене. Хахахах. А не знае во која партија сум и која коалиција. Големиот никогаш не бил активен, а од 2-3 циклуса како излегувам на избори, сега прв пат се вклучува. Сега гледам дека емотивно регира, не поддржува. Но, му кажувам дека подобро да си ја продолжи професијата и неверувам дека некогаш ќе биде вклучен во партија. Немаат некој афинитет ниту сакаат да слушаат. Но, не само нашите синови, гледам дека генерално помладите имаат поинакво гледање на животот.
Улиците се полни со пороци, кој совет им го давате?
-Јас често разговарам со нив, но сопругата Нора е многу повеќе со нив. За среќа им беше професор во средно и во основно и можеше да ги надгледува и контролира. Така да нон стоп им кажувам дека е многу битно чесно и професионално да се живее. Посебно чесно. Бидејќи потекнуваме од семејство кое има огромен кредибилитет во Гостивар, никој никогаш немал афери и проблеми. Кога се кандидирав во првиот мандат кажав дека многу ми е битно да биде се добро, не толку за мене колку за семејството, бидејќи никогаш за нашето семејство не се зборувало за лошо Така да и синовите се пораснати во тој манир, во тоа кажување од сите, особено од татко ми кој многу работеше со нив. Им раскажуваше за историјата и достигнувањата на семејството и ги мотивираше нон стоп.
Презафатен сте, немате време за ништо, но на секој од нас му е потребен момент за себе, за релаксација, за спорт. Како успевате да го најдете времето и што правите?
-Сега е кампања , но во друг период од годината наоѓам. Возам точак често, повеќе во Скопје, на кеј, на Водно, до Матка. Секое утро станувам во 6.30 часот и прво трчам на трака околу 40 минути. Секогаш наоѓам време, особено сабота и недела, да појадувам со семејството. Тоа е посебен ритуал кој ме полни со позитивна енергија. Книги читам, повеќе професионални, но и други, кои ми ги носи сопругата. Таа е редовен читач, ми ги препорачува. Но, тоа читање оди бавно и тешко, ќе прочитам 40тина страни и подолг период нема да можам да продолжам , а професионална литература колегите ми подготвуваат што да прочитам. Барем еднаш или два пати годишно одам да посетам некој конгрес да видам што ново се случува.
Кој ја игра главната улога во семејството?
-Се знае, жената. Не само во моето туку во сите семејства. Тие се и премиери и министри за финансии..
Со каква музика се релаксирате?
-Обично пуштам радио, омилени ми се инструменталите и песните од 80тите или 90тите, а понекогаш и староградски. Нови пејачи не знам, понекогаш нешто ми пуштаат децата.
Која македонска песна сакате да ја слушате?
-За мене „Леб и сол “ е легенда во македонската музика. Имаат посебна и каратеристична мелодија која емотивно влијае на мене.
Весна Миленковска
Фото: Вангел Тануровски