„Зарем почнаа да ни бараат онлајн визи за влез во ЕУ?“ – е само еден од коментарите што деновиве може да се прочита по социјалните мрежи. „Од влез во ЕУ, ќе добиеме само визи и ценовник за посета по држава“, е еден постар коментар, кој политичките спинери деновиве го споделуваат со информацијата што е позната од 2021 година – ЕУ како антитерористичка мерка, го поставува ЕТИАС системот, со кој пред патување во земја на ЕУ, граѓани од земјите, кои не се членки на Унијата, ќе треба да се најават онлајн. Ќе треба да пополнат формулар и еднократно да уплатат 7 евра. Предизборно, манипулацијата настана со споделувањето на само дел од информациите. Факт е дека ЕТИАС се очекува да почне да важи од средината на 2025 година, а неговата примена се одлага неколку пати. Што друго е пропуштено да се каже?
Македонија меѓу 69 земји за најавување
Македонските граѓани се на списокот на 69 земји, каде се и САД, Канада и Австралија, кои не се членки на ЕУ. Граѓаните на овие земји ќе треба да се најават во новиот систем најмалку 96 часа пред да патуваат во некоја од членките на Унијата. За тоа време, ќе биде направена безбедносна проверка, по што тие што се најавиле, добиваат одговор на мејл со кој ќе можат да патуваат. Во прилог на формуларот се плаќа такса од 7 евра.
Патниците под 18 или над 70 години се ослободени од плаќање на таксата. Оваа уплата и добиеното овластување важат за период од три години од датумот на издавање или до датумот кога ќе истечат патни документи. За овие три години, граѓаните ќе можат да патуваат толку пати, колку што определуваат прописите со секоја одделна земја.
Во случајот од Македонија, во период од шест месеци во ЕУ може да се престојува до 90 дена. ETIAS не е виза, но ќе биде задолжителен услов за влез во ЕУ за туристите.
Факти за системот на одобрување
ЕТИАС е кратенка за Европски систем за информации и овластување за патување. На сајтот на системот пишува дека ќе ги проверува безбедносните акредитиви и ќе наплатува надомест за патниците кои ги посетуваат земјите-членки на ЕУ за деловни, туризам, медицински или транзитни цели. Патниците кои моментално ја посетуваат Европа без визи можат да влезат во земјите членки на ЕУ и Шенген без трошоци и без никаков дигитален безбедносен скрининг пред нивното пристигнување во Европа.
„ ЕТИАС не е виза, и попрецизно се нарекува откажување од виза. Со воведувањето на ЕТИАС системот ЕУ сака да ја зајакне својата гранична безбедност, како и дигитално да ги прикажува и следи патниците кои влегуваат и излегуваат од земјите на ЕУ“, пишува во објаснувањето на системот.
Овој систем е идентичен на тој што се применува во САД и Канада. Американскиот систем ЕСТА се применува за патниците кои не се од САД, кои за влез во плаќаат 21 долар. ЕТА е таков систем во Канада, за патници кои доаѓаат од земји за кои за влез не требаат визи, онлајн одобрувањето чини 7 долари и важи пет години.
Граѓаните, кои имаат намера да патуваат во ЕУ, се најавуваат во системот најмалку 96 часа пред поаѓање. Од ЕУ објаснуваат дека за кратко време стигнува одговор, меѓутоа може да се бараат и дополнителни барања за информации. Поради тоа се потребни точни информации со вашите патни документи. Несогласувањата може да доведат до одложувања или одбивање.
„Формуларот за апликација ЕТИАС ќе бара од патниците да дадат лични податоци, како што се име, адреса, детали за пасош и моментално занимање . Исто така, ќе содржи прашања за минатите патувања во конфликтни зони или кривични пресуди. Дополнително, од патниците ќе се бара да ги наведат своите планови за патување во Европа. Со оглед на тоа што ЕТИАС е воспоставен за спречување на тероризмот и сериозниот криминал во Европа, само оние поединци за кои се смета дека се закана ќе им бидат одбиени барањата, наведуваат од ЕТИАС.
Неколку пати е одложувана примената
Бурни реакции предизвика првичната најава за воведување на ЕТИАС системот. Македонските граѓани навикнати на еднодневните патувања, „на кафе во Солун“ и ад хок одлуките „да се тркне“ до Грција, беа гласни на социјалните мрежи дека ЕУ го укинува безвизниот режим за нас. Овој систем првично требаше да биде ставен во функција во 2022 година, но беше одложуван повеќе пати. Последната најава од ЕУ е дека до есен годинава ќе биде поставен системот, ќе почне тестирањето и неговата примена би била од средината на 2025 година.
За последното одложување, најгласни беа француските власти, кои соопштија дека земјата сака да ја одложи примената на ЕТИАС до завршувањето на Летните олимписки игри во август годинава.
Претстојните Летни олимписки игри, кои се одржуваат еднаш на секои четири години, ќе се одржат во Париз од 26 јули 2024 година, а ќе заврши на 11 август 2024 година, претставувајќи го најголемиот настан организиран досега во Франција.
Владините претставници рекоа дека властите се обидуваат да го одложат воведувањето на одобрувањето при патување, со цел да се избегнат одложувања на граничните премини.
Според тоа, за влез во ЕУ, според сегашните најави, од 2025 година нема да требаат визи, туку се воведува систем на одобрување, преку онлајн известување.
Весна Коловска