Општина Крива Паланка годинава за првпат ја организира манифестацијата „Сусурига 2024“ , која ќе се одржи на 16 март (сабота), на Градскиот плоштад , со почеток во 18 часот, со што и официјално започнува програмата на „Крива Паланка –Град на културата 2024“.
Манифестацијата е посветена на празникот Прочка, а целта е заживување на згаснатата традицијата за маскирање и ритуално палење оган, познато како сусурига, назив што се среќава единствено во Крива Паланка.
На програмата е ревија на групни (маалски) маски на локалните групи, како и дефиле и настап на групите : Бамбурци од Ратево , Берово, Џоломари од Манастирец, Росоман и Кукери од Пиперков Чифлик, Ќустендил, Бугарија.
Специјални гости на вечерта се членовите на групата „Паљачи“ од Варна, кои ќе изведат атрактивно Огнено-светлечко шоу.
Целиот настан ќе се одвива под маски и ќе има забава за сите граѓани. Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, симболично ќе го запали ритуалниот оган, по што ќе следува традицијата на прескокнување на огнот и црнење на лицето – вековен обичај на кривопаланчани.
Градскиот маскенбал „Сусурига 2024“ е дел од манифестацијата Крива Паланка –Град на културата 2024 , која ќе се реализира од мај до декември и која опфаќа над 50 атрактивни настани.