Се укинува притворот на Стефан Димковски, осомничен за помагање при бегство на Љупчо Палевски – Палчо, кој пак е главен осомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Одлуката за неговото излегување од истражниот затвор во Шутка ја донел судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, по предлог на надлежниот обвинител. На Димковски му се определени мерки на претпазливост, односно забрана за напуштање живеалиште/престојувалиште, одземање патна исправа, обврска за јавување во суд и одземање односно забрана за користење возачка дозвола.
Јавното обвинителство информираше дека е побарано укинување на мерката притвор бидејќи за кривичното дело за кое се товари Димковски, може да биде изречен притвор од најмногу три месеци.
„Со оглед на кривичното дело за кое е осомничено лицето и запретената затворска казна, максималното законски возможно траење на притворот за овој осомничен е три месеци. По истекот на тој рок, притворската мерка за осомничениот е заменета со соодветни мерки на претпазливост“, соопштија од Обвинителството.
Димковски се сомничи дека го возел Палевски на релација Белград-Бугарија-Турција, по извршување на двете убиства.