Владата на премиерот Димитар Ковачевски, кон крајот на минатата година, на 14 декември 2023 година донесе одлука за пренамена на буџетски пари во износ од две милијарди денари ( 32,5 милиони евра) за реализација на 66 проекти во 44 општини.
Освен Градот Скопје, пари од државната каса добија општините Центар, Ѓорче Петров, Сарај, Аеродром, Охрид, Македонски Брод, Битола, Крива Паланка, Штип, Липково, Кичево, Валандово, Струмица, Росоман, Дојран, Берово, Делчево, Желино, Гостивар и други.
Според владината одлука парите треба да бидат наменети за изградба и доградба на образовни и здравствени институции, спортски објекти, потоа реализација на проекти од областа на инфраструктурата, како и од областа на заштита на животната средина со коишто се влијае на подобрување на здравјето на граѓаните.
Откако беше донесена оваа одлука после која беа потпишани договорите со општините поминаа повеќе од два месеца, па редакцијата на ММС побара од некои од општините кои добија буџетски пари да ни кажат до каде е постапката со планираните проекти и кога реално може да се очекува да почне нивната реализација. Засега во повеќето општини течат подготовките кои се однесуваат на спроведување на тендерските постапки за да може да почнат да се градат најавените улици, градинки локални патишта, мостови, спортски сали, пречистителни станици. Со овие пари предвидени се и реконструкција на училишта и на здравствени установи, спортски сали, домови за култура…
Општина Делчево инвестира 52 милиони денари за капитални проекти за една година
Најбрз и комплетен одговор на нашите прашања добивме од општината Делчево каде градоначалник е Горан Трајковски кој на локалните избори во октомври 2021 година по втор пат ја доби довербата од граѓаните да ја води општината.
„На 19 декември 2023 година, градоначалникот Горан Трајковски во Владата го потпиша Договорот за реализација на три инфраструктурни проекти кои ќе се реализираат во Делчево. Со поддршка на Владата на РСМ, ќе се градат нови улици во три населби во градот со што ќе се создадат услови за подобар квалитет на животот на граѓаните, а со современи сообраќајници ќе се заменат досегашните земјени улици. Договорот за реализација на проектите е вреден 15,7 милиони денари“, вели за ММС Даниела Такева, советник за односи со јавност и протокол на Општина Делчево.
Конкретно за Делчево ќе се реализираат следните инфраструктурни проекти: изградба на улица „ 3“, „5“и „6“ во населба „Пролет“, во должина од 510 метри, со вредност од 9.225.000 денари, изградба на краци на улица „Орце Николов“ во должина од 300м, со вредност од 3.640.000 денари. Потоа, изградба на дел од улица– булевар „Македонија“ во должина од 141 м во вредност од 2.878.000 денари. Со реализацијата на овој инфраструктурен проект ќе се поврзе улицата-булевар„Македонија“ со ул „Пере Тошев“.
„Реализацијата на овие проекти е одговор на барањата на нашите сограѓани и чекор повеќе за убав и модерен изглед на Делчево.Тендерот за изградба на овие улици е во тек“, вели Такева.
Познато е дека македонските општини кубурат со средства за да можат да инвестираат во капитални проекти со оглед на тоа што собираат премалку пари од даноци и други надоместоци, или од комуналии кои не се доволни, па живнуваат со парите кои како дотации им ги префрла централната власт. Според податоци од Државниот завод за ревизија половина од вкупните приходи на општините доаѓаат од централната власт како дотации.
„Со овие пари се финансираат тековни трошоци и плати на вработените во образованието, детската заштита, културата, противпожарната заштита. Едвај 38 проценти се сопствени приходи на општините, 6 проценти се пренесен данок, односно дотација од ДДВ, а со по 2 проценти учествуваат приходите од самофинансирачки активности, донациите и задолжувањата. Ова покажува дека македонските општини не се доволно финансиски моќни. Честопати и за едно собираат пари, а за друго ги трошат“, вели во едно свое истражување Инситутот за комуникациски студии.
Во контекст на овие податоци, се наметнува прашањето колку општините успеваат да реализираaт проекти со сопствени пари?
„Во Делчево во минатата 2023 година се инвестирани 52 милиони денари за капитални инвестиции.Од поважните ќе ги споменеме: сопствено учество на Општината за реконструкција и санација на салата во спомен-домот АСНОМ; изградба на современ градски пазар, вреден 45 милиони денари од кои 50% се средства од сопствениот Буџет на Општина Делчево. Изградба и реконструкција на патишта, улици, тротоари. Сопствени средства за изградба на паркинг и улици на новиот современ градски пазар во висина од 5 милиони денари“, вели Такева.
Општината како сопствено учество во висина од 3 милиони денари има за реконструкција на водоводната мрежа во градот во три населби. (вкупната вредност на проектот е 18 милиони денари, останатите средства се обезбедени преку МТВ).
„Ова се поголемите капитални проекти реализирани изминатиот период во Општина Делчево“, вели Такева.
Таа објаснува дека всушност во сите проекти кои се реализираат со поддршка од централниот буџет има учество и на Општина Делчево.
„На пример: проектот за изградба на детската градинка во Делчево со капацитет за 150 деца, е инвестиција на МТСП и на Општина Делчево. Вкупна вредност е 60 милиони денари од нив Општина Делчево инвестира 5%. За тековната 2024 година во Буџетот на Општина Делчево се планирани 10 милиони денари за изградба и реконструкција на улици и на патишта, додека вкупно за капитални расходи се предвидени 55 милиони денари“, вели Такева.
Струмица спроведува еден од најголемите капитални проекти
Струмица е исто така една од општините која може да се пофали дека со успешна градежна офанзива одговори на барањата на граѓаните. Според градоначалникот Коста Костадинов успешно се реализирани дури 75 отсто од ветувањата во неговата изборна програма.
Градоначалникот Костадинов во изјава за ММС како голема инвестиција и капитален проект ја потенцира изградбата на социјалната населба наменета за дислокација на семејствата, вкупно 118 кои живеат во дивоградби на улицата Климент Охридски, кој всушност е најголем капитален проект во историјата на градот Струмица. Не треба да се заборави и еден од најважните еколошки проекти што ги спроведува општината за целосно електрифициран јавен превоз кој ќе придонесе не само за помало загадување на воздухот, туку и за поевтин превоз на граѓаните.
Едно од неговите преизборни ветувања кое почна да се реализира е новиот современ ученички дом кој е барање на граѓаните од соседните општини чии деца се школуваат во средните училишта во Струмица. Неговиот капацитетот е за 98 ученици, а инвестицијата е над 100 милиони денари, средства од општинскиот буџет, за кои Костадинов, неодамна изјави дека ја има обезбедено динамиката на финансирање.
Се очекува првата фаза од овој проект да заврши до крајот на јули.
Потоа, едно од најголемите барања на жителите од Куклиш, потсетува Костадинов, беше обнова на опожарениот Дом на културата во 2013 година, кој е во втора фаза на реализација. Првата фаза е завршена со карабина во вредност од 9 милиони денари. Куклиш, како што најави градоначалникот Костадинов, за пет месеци ќе добие современ и достоинствен Дом за сите генерации.
Општината планира оваа година да се урне постоечкиот стар и руиниран Дом на културата во селото Банско и на барање на жителите, особено на турската заедница, ќе се изгради убав и голем парк.
Со пари од граѓаните ќе никнат градинки, спортски сали, училишта…
Како што претходно информираше Владата, од проектите во делот на патната инфраструктура, вкупно 360 милиони денари од Министерството за транспорт и врски ќе се доделат на Град Скопје за изградба на булевар „Хасан Приштина“ во населбата Визбегово. Меѓу поголемите проекти, Министерството за транспорт и врски ќе пренамени 110 милиони денари за реконструкција на улица „8 Септември“ во Горно Оризари, Битола. Пари се наменети и за довршување на мостот „Љубљанска“ во Скопје.
Министерството за образование и наука пренаменува 100 милиони денари за доградба и надградба на ООУ „Блаже Конески“ во општината Аеродром, а со средства од ова министерство планирана е изградба на ОУ „Климент Охридски“ во село Драчево и изградба на ново основно училиште „Крсте Мисирков“ во Сингелиќ, Општина Гази Баба.
Со средства од Министерството за образование и наука ќе се гради спортска сала во ОУ „Ванчо Николески“ во село Лескоец, Охрид, како и реконструкција и адаптација на простор за нова училишна зграда за потребите на ОУ „Кочо Рацин“ во Охрид.
Ќе се градат и нови градинки. Со средства од Министерството за труд и социјална политика во износ од 60 милиони денари ќе се гради нова детска градинка со капацитет за 100 деца во рамките на ЈОУДГ „Росица“ во Стопански двор, Општина Ѓорче Петров.
Предвидени се и доградби и надградби и на детски градинки во Општина Аеродром.
Во Прилеп, со средства од Министерството за животна средина и просторно планирање во износ од 90 милиони денари ќе се гради фабрика за рециклирање отпад. Од областа на животната средина, предвидена е изградба на пречистителни станици во Чучер Сандево и во Пласница.
Во Општина Илинден ќе се реконструира тамошната амбуланта, за што се предвидени осум милиони денари кои Министерството за здравство ќе ги издвои за оваа намена.
Со владината одлука предвидена е и изградба на спортска сала во Општина Штип со средства од Агенцијата за млади и спорт.
Инаку, 32,5 – те милиони евра се обезбедени преку пренамена на финансиски средства од буџетите на шест министерства и една агенција. Односно од министерствата за здравство, образование и наука, труд и социјална политика, култура, транспорт и врски, животна средина и просторно планирање и од Агенцијата за млади и спорт.
Според министерот за финансии, Фатмир Бесими, и во услови на криза од Буџетот се издвоени 2 милијарди денари со кои во 44 општини ќе се реализираат 66 проекти за подобри патишта, училишта, градинки, спортски и културни објекти. Тоа, како што вели Бесими, се пари од граѓаните за проекти за граѓаните, за подобри услови за живот, за подобро образование, за подобри здравствени услуги, за подобри социјални услуги.
С.Митреска