Како шок се пренесе веста дека доајенот на македонската фолк музика Атина Апостолова починала.
Веста за нејзината смрт ја објави пејачката Вики Среброва, која долги години беше нејзина пријателка.
ММС ја контактираше Вики, која низ солзи ни кажа:
-Замина мојата Тинче. Ја барав денес неколку пати денес, но не ми се јави. Три часа ја барав. Ми стана сомнително и заминав кај неа дома. Кога отидов беше затворено, а живее на приземје. Повторно и ѕвонев и не ми се јави, па се јавив кај сестра и, која ме посоветува да одам од задната страна. Кога отидов погледнав низ прозор телевизорот работеше, а се наместо и стоеше. Се јавив на сестра и заминав дома. Подоцна сестра и ми се јави и ми кажа дека брат и морал да го скрши прозорот за да влезат и кога влегле ја нашле почината, раскажува за ММС низ солзи Вики Среброва.
Атина Апостолова е жена која беше полна со живот, и покрај сите проблеми кои и ги носеше животот. Среброва вели дека Атина имала операција на срце, но се поминало во најдобар ред.
-Плачам, не можам да се соземам, беше прекрасна жена. Јавивме и на ќерка и Жаки во Гевгелија за да дојде. Не знам точно од што починала, семејството се уште чека лекар за потврда. Ќерка и е мажена во Гевгелија и има внуци. Не можам да се помирам со смртта на Тинче, бевме нераздвојни и беше полна со живот, речее за ММС Вики Среброва.
ММС разговараше и со нејзината сестра Летка, која низ солзи ни рече дека во домот на Атина веќе е пристигната полиција, а додека разговаравме пристигна и брза помош.
-Ни отиде Тинче, а ни беше како мајка. Што навистина се слуучило не знам, бидејќи повикавме и полиција и брза помош. Полицијата пристигна, а во моментов пристигнуваат и лекарите. Не знам како починала, можеби паднала, бидејќи има малку крв на глава. Најверојатно изгубила свест , низ солзи за ММС кажа нејзината сестра, која чека медицинските лица да кажат официјално од што починала нејзината сестра.
Атина Апостолова е родена на 20 мај 1946 година во Скопје, каде и дипломирала на Економскиот факултет. Таа е позната како македонска пејачка на народна музика, а позната е по песните, кои веќе се евергрини, како „ Запејте мераклии“, „Цела вечер ќе ти пејам“, „Верувај ми“, „Усни румени“, „Те видов, и се заљубив“, „Иле Илија“ и многу други.