Повеќе од 50 настани – концерти, класична, џез и популарна музика во изведба на врвни музички имиња од македонската сцена, театарски претстави, ликовни изложби, книжевни настани, се дел од програмата „Крива Паланка – Град на културата за 2024“, што ја презентираа денеска министерката за култура, Бисера Костадиновска – Стојчевска и градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски во Музејот на македонската борба во Скопје.
Министерството за култура со три милиони денари ја поддржува Општина Крива Паланка, која како што рече министерката Костадиновска Стојчевска, за оваа манифестација ги става во функција сите свои инфраструктурни и човечки капацитети. Општината, пак,ќе обезбеди 10 милиони денари.
Посочи дека со Крива Паланка како Град на културата ќе се оствари соработка и меѓународна поврзаност која во иднина ќе ја претставува македонската култура надвор од границите.
– Со многубројните настани, покрај промоција на културата, ќе придонесеме и за поголема посетеност на градот, афирмација на културното и природното богатство на овој регион, убавините на Осогово, на уникатниот Осоговски манастир, на вредните локалитети, со што создаваме модел на самоодржливост во културата и поддршка на туризмот. Сево ова заедно секако ќе придонесе за економски придобивки на Крива Паланка, рече Костадиновска – Стојчевска.
Градоначалникот Митовски истакна дека Крива Паланка вторпат од 2013 година ја добива титулата Град на културата, за која рече е круна на заложбите кон градење имиџ на препознатливост на градот како дестинација за културен туризам.
– Тоа го постигнавме со зачувување на традиционалните вредности, промоција на културно-историското богатство што како град го имаме во изобилство, поддршка на манифестации и фестивали од меѓународен карактер што имаат долга традиција на одржување во општината и креирање на нови манифестации за различна публика, што на мое огромно задоволство, придонесе Крива Паланка да го привлече вниманието на јавноста, рече Митовски.
„Крива Паланка – Град на Културата за 2024“, нагласи, ќе ја продолжи трасираната рута ќе ја постави на пиедестал малата општина со голем разновиден репертоар.
– Во рамки на манифестацијата Град на Културата, креиравме програма со повеќе од 50 настани и тоа концерти, класична, џез и популарна музика во изведба на врвни музички имиња од македонската сцена, театарски претстави, ликовни изложби, книжевни настани, фолклор, традиција, филмска уметност, програма за најмладите, едноставно, култура достапна за сите, потенцираше Митовски.