Случај на силување и убиство на деветгодишно девојче од пред шест децении во Пенсилванија, конечно е решен благодарение на еден студент кој доброволно се пријавил да ѝ помогне на полицијата.
Мариз Ен Чиверела имала само девет години кога била киднапирана на пат кон училиште во нејзиниот град Хејзелтон. Настанот се случил на 18 март 1964 година, а телото на девојчето е пронајдено една година подоцна во јама за отпад во рудник за јаглен.
Полицијата тогаш немала осомничени, а случајот тапкал во место цели 58 години. Така било сѐ до пред неколку години кога е идентификуван човекот кој во 1964-та година ја убил малата Мариз.
Во прашање е Џејмс Пол Форте, бармен кој во моментот на убиството имал 22 години. Живеел во Хејзелтон, но ниту го познавал девојчето, ниту нејзиното семејство. Се претпоставува дека кога го здогледал детето одлучил да го направи бизарното злосторство, а потоа да го сокрие телото.
А како убиецот е откриен по речиси 6 децении?
Низ текот на годините, на овој случај работеле дури 230 припадници на полицијата. А потоа се појавил Ерик Шуберт (20), студент кој специјализира за генетичка генеалогија. Доброволно ја замолил полицијата да помогне. Интересно е тоа што Ерик воопшто не студира биологија или нешто слично, туку историја. Сепак, тој отворил компанија за утврдување на потекло на основа на генетски материјал, а освен тоа, ова не е прв случај во чие разрешување помогнало ова момче.
Единствената трага што ја имала полицијата била биолошка, односно се работи за трага пронајдена на капутчето кое го носело девојчето.
Користејќи најмодерни методи, Шуберт успеал да утврди сродство до одреден степен со луѓето од тој крај и потоа почнал да трага по убиецот. Неговата макотрпна работа траела две години.
„Ова беше најтешката работа што ја имам направено, но знаев дека ќе го пронајдеме убиецот. И неизмерно ми е драго што сум член на тимот кој помогна на семејството на девојчето да ги добие одговорите“, изјавил студентот со чија помош е утврден идентитетот на убиецот.
„Секогаш ќе ја чувствуваме празнината која смртта на Мариз ја остави зад себе. Но имаме прекрасни спомени поврзани со неа“, изјавила сестрата на Мариз, Кармен која присуствувала на прес конференцијата на која е откриено името на убиецот.
Сепак, правда нема да има. Истрагата утврдила дека убиецот дефинитивно е Џејмс Пол Форте, но тој починал во 1980 година. Имал само 38 години, а во период од 16 години успеал повеќе пати да се впише во регистерот на насилни сексуални престапници.