Од денеска престануваат да важат гарантираните цени за дел од производите, но и намалените царини за дел од зеленчукот, па постојат стравувања дека ќе поскапи и храната во продавниците и земјоделските производи на пазарите.
Сепак, надлежните ги преземаат сите мерки за да ги заштитат граѓаните од ценовен шок преку засилни контроли во маркетите и апели до трговците да бидат совесни и да ставаат разумни маржи.
Освен тоа, се очекува граѓаните да се заштитат од високите цени на храната со Законот за нефер трговски практики. Како што неодамна најавија од Министерството за економија со ова законско решение ќе се стави ред во нелојалната конкуренција во трговијата, а со тоа ќе дојде и до намалување на цените на прехранбените и земјоделските продукти.
Во меѓувреме, Пазарниот инспекторат најави дека и понатаму будно ќе ја следат ситуацијата на терен додека не се случи очекуваното стабилизирање на цените со Законот за нефер трговски практики со кој се предвидува маржата која трговците ја ставаат на производите, од сегашните 30,40, да се ограничи на 10 отсто.
„Државниот пазарен инспекторат нема да го чека утрешниот ден, односно целосното завршување на одлуките, туку како и до сега, во континуитет, така и денес излегуваме на терен и ќе извршуваме надзори во сите големи маркети во Република Северна Македонија, по сите закони по кои постапува пазарниот инспекторат“, најави директорот Горан Трајковски.
Тој вели дека во изминатиот период, пазарниот инспекторат беше на ниво на својата задача и во интерес на сите засегнати страни, а најмногу во интерес на граѓаните, постапувале и не дозволиле никој да применува нечесни трговски практики, а со тоа и да не ги почитува антикризните мерки донесени од страна на Владата.
„Вака ќе продолжиме да постапуваме и во иднина, а секое постапување спротивно од законите кои се во наша надлежност ќе биде казнето. Апелирам и до трговците на мало, но и до трговците на големо, да бидат општествено одговорни и да ги прилагодат цените во согласност со стандардот на граѓаните. Пазарниот инспекторат при надзорите ќе опфати поширок обем на закони за постапување, како што се Законот за заштита на потрошувачите, Законот за трговија, Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност, Закон за инспекциски надзор, Закон за државен пазарен инспекторат итн“, вели Трајковски.
Никој не е над законот, додава директорот на Државниот пазарен инспекторат, а оној кој ќе применува нечесни трговски практики и ќе ги прекрши законите, ќе биде санкциониран.
„Во зависност од сторениот прекршок, заклучно со денес, постои можност и за затворање на објекти за вршење дејност на определен временски период“, вели Трајковски.
Ќе имаме поевтини и поквалитетни производи
Според вицепремиерот задолжен за економски прашања и инвестиции Фатмир Битиќи Република Северна Македонија е единствена земја во регионот која со Законот за нефер трговски практики се приближува кон легислативата на земјите членки на Европската Унија, бидејќи тој е резултат на директива на ЕУ, дополнително е чекор напред кон зацврстување на компетитивноста на домашниот пазар преку креирање на предвидлива и фер бизнис клима.
Со Законот за нефер трговски практики се уредуваат условите и начинот како ќе се врши трговија со земјоделски и прехранбени производи. Потоа, како што објасни Битиќи, се регулираат 26 нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи.
„Нема да се дозволи да се користи моќта на одредена компанија врз другите компании. Очекуваме да влијае во намалување на цените на земјоделските и прехранбените производи, а со тоа и на квалитетот на производите. Надоместоците кои сега се наплаќаат во договорниот однос меѓу купувач и добавувач, кои надоместоци сериозно влијаат на малопродажната цена на штета на потрошувачите, ќе се сметаат за забранета нефер трговска практика. Да ја зголеми предвидливоста и сигурноста за работа и на добавувачите и на купувачите“, смета Битиќи.
Според Министерството за економија кое е предлагач на законот, станува збор за примена и целосно хармонизирање со европски директиви за нефер трговски практики во односите меѓу претпријатијата во синџирот на снабдување со земјоделство и храна. Овој закон треба да обезбеди примена на европските практики во целокупниот синџир на снабдување со земјоделски и прехранбени производи, како и во поглед на поширокиот опсег на неговиот предмет на уредување.
Се очекува, да се постигнат позитивни ефекти во деловното работење кај сите оператори (купувачи и добавувачи), кои се активни во синџирот снабдување со земјоделство и храна во различни фази на производство, преработка, маркетинг, дистрибуција и малопродажба на земјоделски и прехранбени производи и соодветна примена на забраните на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи.
„Со Законот исто така е наведено процентуално колку може да биде максималниот рабат кој може маркетите да ги бараат од производителите и добавувачите кои сега надминуваат над 30%-40% од цената. Со ова решение ќе биде ограничено на 10% и во склоп на тоа ќе конкурираат меѓу себе ланците на супермаркети што ќе влијае во намалување на цените“, рече министерот за економија Крешник Бектеши кога пред претставници на Стопанската комора на Северна Македонија го презентираше новото законско решение.
За непочитување на законските одредби засега во предлог решението се предвидени глоби до 20.000 евра, но министерот Бектеши најави дека и за овој дел од текстот ќе се разговара дополнително.
За прилагодување на компаниите кон понудените решенија е одреден рок од шест месеци.