Сојузниците на рускиот опозиционер, Алексеј Навални, кој почина во средината на февруари, денеска соопштија дека се блокирани сите нивни обиди да ангажираат погребно возило за да го донесат неговото тело на погреб во Москва.
Кира Јармиш, портпаролката на Навални, на платформата Икс напиша дека непознати лица се заканувале на погребални компании и оти затоа никој не се согласува да го пренесе неговото тело.
Иван Жданов, друг соработник на Навални, најави дека неговиот тим сепак ќе најде начин да го оствари тоа.
Навални почина на 16 февруари во затвор во северна Русија, а треба да биде погребан утре во руската престолнина по миса во југоисточниот градски округ каде што живеел.
Сојузниците на овој критичар на Кремљ, кои ветија дека ќе го пренесуваат погребот преку Интернет, ги обвинуваат властите дека го спречиле одржувањето на церемонијата. Кремљ ги отфрла овие тврдења.
Тимот на Навални денеска ги покани сите оние кои сакаат да му оддадат почит, но не можат да присуствуваат на настанот, да одат на одредени споменици во нивните градови в петок навечер, во 19 часот по локално време.
Сопругата на Навални, Јулија изјави дека не знае дали погребот ќе помине мирно или пак полицијата ќе ги уапси оние што ќе пристигнат.
Поддржувачите на починатиот руски опозиционер го обвинуваат претседателот Владимир Путин за убиството на Навални бидејќи, како што тврдат, тој не можел да дозволи негово ослободување во потенцијална размена на затвореници.
За овие тврдења не објавија докази, но најавуваат дека ќе дознаат и откријат кој и како го убил Навални. Кремљ го отфрла ова и тврди дека Навални починал од природна смрт. МИА