Фондот за здравствено осигурување сѐ уште нема оформено цена по која пациентите ќе може да го користат апаратот за роботска рехабилитација (локомат) кој Институтот за физикална терапија во Козле го доби на крајот на ланската година.
Роботот беше набавен од Министерството за здравство за 940.000 евра и промовиран како еден од најсовремените апарати за рехабилитација за пациентите со повреди поради кои не можат да се движат.
Темата за придобивките од ваквиот робот се актуелизираше по повиците за лекување на Леонид Индов и Јани Иванов. По доживеаните повреди во Грција во два одделени случаи, двете момчиња се лекуваа во нашите установи каде добија декубит, по што заминаа на лекување во странство.
Леонид во Виена, а Јани во Лариса добиваат третмани кои полека, но сигурно ја подобруваат нивната состојба, додека нивните семејства финансиски се исцрпени за да ги покријат трошоците.
Граѓаните во меѓувреме се мобилизираа и преку различни механизми веќе собираат донации, по „апелот“ од заменик-министерката за здравство, Маја Манолева да се испочитува домашниот здравствен систем.
Коментирајќи го случајот на Леонид кој има исти повреди со Јани, Манолева порача дека треба да се исцрпат можностите за лекување овде, па потоа пациентите да бидат испратени во странство.
Во изјавата таа го потенцираше токму новиот робот на Институтот во Козле, установата на чие чело стоеше пред да дојде на позицијата заменик-министерка во ресорот здравство.
Како директорка на Институтот, Манолева го има потпишано конзилијарното мислење со кое Јани се упатува на лекување во странство. И покрај ваквата документација, Фондот за здравствено осигурување го одбива барањето на Јани, исто како и она на Леонид.
Но не само што нивните барања се одбиени, туку и нашето здравство не нуди услови за тие да бидат лекувани тука. Контрадикторноста на заменик-министерката „лежи“ во тоа што се алудира на придобивките од роботската апаратура, која не ни може да се користи за пациенти со декубит, односно хронична рана на кожата каква што имаат и Леонид и Јани.
Апаратот за роботска рехабилитација беше промовиран во декември кога тогашниот министер, Фатмир Меџити и неговата заменичка Манолева, го посетија Институтот и најавија дека процедурата ќе биде на товар на фондот, а пациентите ќе треба да го остварат само делот во партиципацијата.
Сепак, од Фондот во писмен одговор за ММС велат дека процедурата за дефинирање на референтната цена за ваквите услуги сѐ уште е во тек.
-Фондот е надлежен за цените на здравените услуги кои се однесуваат за осигурениците и не одлучува во формирање на цени за пациенти кои плаќаат приватно – ни одговорија од Фондот.
Со оглед на реакциите од граѓаните дека оваа институција не одобрува рехабилитација во странство и покрај обезбедените конзилијарно мислење, од Фондот посочуваат дека таквите барања всушност се неосновани.
-Барањета се одбиваат како неосновани бидејки не постои законска основа согласно законските и подзаконските одредби за упатување на лекување во странство за извршување на здравствената услуга медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување. Оваа здравствена услуга Фондот за осигурените лица ја обезбедил во здравствените установи во Р.Северна Македонија со кои склучил договор – се вели во писмениот одговор од Фондот.
Статистиката на оваа институција говори дека ланската година е поднесено едно барање за користење на медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување во странство и тоа е одбиено, додека во 2022 година нема барања за ваков вид на третман.
Одговорите од Фондот за здравствено осигурување следуваат по статијата на ММС за лекување на нашите граѓани, меѓу кои и деца, во странство, за што нема услови во државава, која пак не обезбедува покривање на трошоците за третманите кои спасуваат животи.
(В. Ми)