Донесен пред повеќе од две децении, Законот за здравство осигурување директно им ја запечатува судбината на низа пациенти за чие лекување се исцрпени можностите во нашите држава. Дел од нив се и деца, кои не ни биле родени во времето кога се одлучувало за регулацијата на правото на здравствено осигурување, што не предвидува покривање на трошоците за специјализирана медицинска рехабилитација.
Застарената легислатива, но и Правилникот за начинот на користење на здравствени услуги на осигурените лица во странство, водат до тоа пациентите да ги плаќаат странските третмани кои чинат илјадници евра, со донациите на јавноста.
Такви се случаите на Леонид Индов (18) и Јани Иванов (19) кои повторно ја ставија на тест хуманоста на граѓаните. Тие пак, и овој пат не извисија и се мобилизираа за да им помогнат на овие момчиња да ги продолжат нивните лекувања во Виена, односно во Лариса.
Министерот за здравство ќе разговара со семејството на Леонид за подмирување на трошоците – соопшти Владата
И Леонид и Јани се повредиле во Грција. Станува збор за два одделни случаи, но последицата и кај едниот и кај другиот, е неможноста за движење.
Случајот на Леонид кој лани повреди три пршлени, а сега дише на респиратор, вчера се најде и на владина седница.
Владата го задолжи министерот за здравство, Илир Демири да разговара со семејството на момчето и да ги запознае со можните решенија за подмирување на досегашните трошоци за неговата рехабилитација. Според заклучокот од седницата, ресорниот министер ќе треба да ја информира Владата за конкретното изнајдено решение.
Во услови кога третманите кои живот значат за пациентите, зависат од одлуките на политичарите, семејствата и со последните атоми се обидуваат да им обезбедат подобро утре на нивните најмили.
Леонид и Јани всушност се само „капка во морето“ бидејќи тие не се единствените кои и покрај обезбеденото конзилијарно мислење, се одбиени од Фондот за здравствено осигурување. А како изгледа голготата причинета од неодобрувањето пари за лекување, одблизу ни раскажа таткото на Јани.
Откако продале сѐ што можеле да продадат, Васил и Донка Иванови повеќе од два месеца спиеле во автомобилот на паркинг во Лариса за да останат повеќе пари за лекување на нивниот син.
Пресвртот во животот на ова семејство се случува еден јулски ден во 2022 година.
Јани од Неготино тогаш ќе одлучи со неколку свои другари да замине на еднодневно капење во соседната земја. Кратката екскурзија сепак, добила поинаков тек откако средношколецот паѓа и ја удира главата на дното на морето. По повредата, тој ќе добие дијагноза параплегија и квадриплегија.
За рехабилитацијата која му е потребна на Јани, нашето здравство нема соодветни услови. Згора на тоа, Фондот не ги покрива трошоците за вакви третмани во странство.
Васил контактирал повеќе бањи во државата, но сегде му кажале дека пациент со такви тешки повреди не може да биде примен. Ситуацијата дополнително се искомплицирала откако Јани лежел на КАРИЛ во Скопје, каде добива декубитална рана. Залуден бил и обидот за третман на Институтот за физикална медицина и рехабилитација, каде дошло до гушење на момчето.
Семејствата влеваат надеж во донациите од граѓаните, додека Фондот не покрива ни денар за третманите
Родителите решиле чарето да го бараат надвор од нашите граници.
Лекувањето кое сега во Грција го покриваат со донациите од граѓаните, им влева огромна надеж бидејќи како што велат, е на европско ниво.
„Тој таму добива физикални терапии, а сѐ уште го лекуваме и декубитот кој беше направен во Македонија. Паралелно, има терапија и во базен каде со него работи стручно лице. Во споредба со третманот кој го доби во македонските установи, Јани веќе може сам да ја турска инвалидската количка со чија помош се движи, а претходно само делумно ги мрдаше рамењата“, раскажува Васил во изјава за ММС.
За да биде ситуацијата уште поиронична, конзилијарното мислење за лекување на Јани во странство е потпишано и од актуелната заменик министерка за здравство, Маја Манолева во периодот додека беше директорка на Институтот за физикална медицина во Козле.
Токму Манолева, коментирајќи го случајот на Леонид кој има иста дијагноза со Јани, неодамна изјави дека треба да се испочитува здравствениот систем. Според неа, пациентите треба да ги исцрпат сите можности овде, па потоа да се упатат на лекување или рехабилитација во странство.
„Морам да напоменам дека Фондот за здравствено осигурување работи врз основа на правилници на основа на коишто се одобрува лекување во странство. Бидејќи сум специјалист по физикална медицина и рехабилитација, знам дека во тие правилници не постои основ за одобрување на лекување во странство за рехабилитација“, изјави Манолева минатата недела.
Таа потсети и дека Институтот во Козле доби современ апарат за роботска рехабилитација (локомат), вреден 940.000 евра.
Манолева се „пофали“ дека Институтот работи со оваа најнова апаратура во последните четири-пет месеци, иако роботот беше пуштен во употреба во декември.
Таткото на Јани сепак, вели дека тој не може да ги користи таквите третмани поради декубитот кој го има и без чија санација лекувањето е отежнато.
Роботот кој го набави Министерството за здравство е наменет за интензивна рехабилитациска терапија на пациенти со тешко до умерено оштетување на способноста за одење, а иако меѓу нив е и Јани, тој не може да ја користи ваквата услуга поради оштетувањето на кожата.
„Пациент со декубит не смее да биде ставен на таква машина. Значи јас медицински не знам да кажам од кој степен е декубитот кај него, но народски кажано тоа е хронична рана со големина на стаклена тегла од еден килограм. Во Грција каде што тој се лекува исто така има роботика, но токму поради раната, тој не ја користи“, вели Васил.
Со декубит, и тоа од четврти степен, е и Леонид кој за време на лекувањето во нашето јавно здравство, добил и 30 бактерии.
И покрај ова, со обезбедено конзилијарно мислење, двете момчиња се одбиени од Фондот бидејќи тие во странство биле на рехабилитација, а не лекување.
Таткото на Јани бара оваа институција повторно да ги разгледа предметите и во најкраток временски период да биде изменет правилникот за лекување.
„Првата опција е да седнат и предметот да го вратат на повторно разгледување. Знам дека тие во нивната документација прават разлика меѓу лекување и рехабилитација, но пак ќе кажам, предметот треба да се врати на повторно разгледување од страна на комисијата во Фондот за одлучување за лекување во странство. Освен тоа, надлежните треба да седнат и итно да го сменат правилникот за лекување кој има доста пропусти“, апелира Иванов.
Здравствените проблеми се индивидуални случаи, а не категоризирани предмети
Темата со отежнатиот пристап до потребните здравствени услуги, стигна и до Народниот правобранител. Заменик омбдусманот, Јован Андоновски најави дека ќе иницираат измени на застарените законски и подзаконски акти.
„Измените би биле во насока на тоа да се цени секој случај индивидуално, значи не може да се категоризираат предметите само дали станува збор за лекување или рехабилитација, особено за оние случаи кога станува збор за животозагрозувачка состојба на пациентите“, рече Андоновски.
Тој додаде дека случаите на Леонид и Јани не се единствени и дека станува збор за дузина случаи со кои Фондот на осигурениците не им овозможува соодветен третман, а притоа нивната состојба или останува иста или се влошува.
Оттука, нашата редакција го праша Фондот за здравство колку барања за специјализирана рехабилитација се поднесени од 2022 година па досега, но до објавувањето на оваа статија институцијата не одговори.
Одговорите изостанаа и од Министерството за здравство до кое доставивме прашања во врска со набавениот робот. ММС праша дали роботот веќе е во функција и каде се обучуваа терапевтите од Институтот во козле за работа со него? Со оглед дека тој беше претставен како еден од најсовремените апарати за рехабилитација, ги прашавме надлежните дали планираат набавка на вакви апарати и за други јавни здравствени установи, но до објавувањето на оваа статија, одговор не добивме.
Вања Мицевска
По објавувањето на оваа статија, Фондот за здравствено осигурување достави одговори на прашањата испратени од ММС. Одговорите од оваа институција може да ги прочитате на следниот линк