„Сите нудат кандидати, Вевчани нуди господин за претседател“! Вака се шегуваат вевчанци за нивниот кандидат за претседател Господин Попоски.
Кога го видоа неговото име на листата на кандидати сите помислија дека станува збор за грешка. Но, не е. Колку и да звучи чудно, вистината е таа, кандидатот за претседател Попоски се вика Господин. Тој е навикнат лугето да се чудат на неговото име.
-Само во Вевчани го има ова име. Во моментов со ова име сме четворица во Вевчани. Две се деца, третиот е 69, а јас сум 49 години. Јас потекнувам од попска фамилија. Дедо ми беше поп, а баба ми ме крстила Господин, за да славам именден. А тоа е празникот Свети три светители, кој се слави на 12 фебруар. Вистина навикнат сум на името и се чувствувам многу убаво кога ќе ми се обратат. Во Вевчани не, но кога работев фасади во Скопје, па во Битола, сите се чудеа, вели Попоски.
Иако сите се чудт на неговото име, сепак, тој не е непознат на јавноста. Особено не во политиката, бидејќи иако по професија е земјоделец и градежник, досега неколку пати бил кгандидат одредени функции.
-Не е само сега, па јас досега бев дел од претседателски, парламентарни и локални избори. Некогаш со поддршка на партија, некогаш како независен кандидат. Овој пат за претседателските избори се кандидирам независно, вели тој и покрај тоа што заклучно до вчера до 20 часот има собрано само 63 потписи тој е оптимист дека ќе ги собере потребните 10.000 гласа.
-Тоа не е проблем, гласањето трае до осми март, а до тогаш се надевам дека ќе ги соберам. Ќе видиме како ќе се движат работите. Јас се надевам на гласови од моите вевчанци, од Охрид, Струга и Скопје. Има време, до осми сигурно ќе ги соберам потписите. И ќе ги почестам сите жени во Македонија за празникот. Во секој град, кај и да се, во било кој ресторан, независно дали гласале за мене или не. И два милиони жени да се јават ќе се почестени. Не се плашам. Исто како Тито што беше така и јас. Јас се занимавам со земјоделие, имам винарија, имам посадено лози. А се занимавам и со градежништво. Се што сум постигнал во животот е постигнато без криминал. Мое земјоделие е тоа, мое лозарство. Моите вевчанци се чудат тоа што го направија СДСМ и ВМРО ДПМНЕ. Да нема пункт за собирање потписи во Вевчани, туку да мора да одат во Струга. Но, ако ги фати инат и речат сакаме во Скопје да се потпишеме јас сум подговтев да обезбедам автобуси и сите да ги донесам во Скопје, вели тој и додава:
-А мене ако ме изберат јас ќе го вратам името, студентскиот оброк дупло ќе се покачи, да имаат по 5.000 денари неделно, ќе има зголемување на пензиите, пари за земјоделците. Тие три илјади евра што ќе биде платата на претседателот јас нема да ги земам, тие пари ќе одат за социјалците. На мој трошок ќе си биде патувањето од Вевчани за Скопје, а резиденциите во Скопје и Охрид ќе бидат наменети за социјалците. Тоа не е невозможно. Моите идеи се исти како на Тито. А криминалот исто така ќе се реши, криминалците сами ќе си одбираат келија во затвор. Не насилно да ги затвораат, тие сами ќе си одат во одаите. А ако се случи да не ги соберам потписите нема да гласам за никого, рече тој.
Тој вели дека нема да осиромаши ако ги почести сите жени во Македонија, а знае дека за тоа ќе добие и поддршка од сопругата.
-Што да каже Фросина Ременска, јас така ја викам жена ми, бидејќи многу личи на неа. Нема што да се лути, таа ќе биде идната прва дама од Вевчани. А ако не победам сега, таа следната година ќе стане градоначалник на Вевчани. Три жени ќе бидат кандидатки за градоначалник на Вевчани следната година, вели Попоски.