Таткото на Леонид, Бранко Индов денеска до Фондот за здравство поднесе жалба против одлуката на првостепената лекарска комисија при ФЗОМ која го одби лекувањето на неговиот син во странство со образложение дека не било лекување туку рехабилитација, пишува Слободен печат.
Сега, како што наведува порталот, второстепената комисија при ФЗОМ ќе одлучува за судбината на Леонид кој се наоѓа во центар за рехабилитација во Австрија.
Во меѓувреме хумани граѓани и институции донираат средства за лекувањето на младото момче. Како што објавивме претходно во акцијата се приклучи и МНТ кој парите од претставите „Силјан Штркот Шанца“ и „Сите сме птици“ ќе ги донира за Леонид.
Дуото ДНК во лицитацијата која траеше неколку дена за нивната добиена статуетка на „Златна Бубамара“ за песната „Посреќна“ со Врчак успеа да собере 690.000 денари кои ќе бидат искористени за лекување на Лео.