Актуелниот директор на Царина и потпретседател на СДСМ, Стефан Богоев е генерацијата млади политичари кои уште пред полнолетство знаат дека политиката ќе му го трасира животот. Иако дипломирал економски факултет, сепак, на 18 години станал претседател на младината во СДСМ, на само 24 години бил најмлад пратеник, на 28 бил и најмлад градоначалник, а сега веќе е и најмлад директор во историјата на Царина. Станал член на СДСМ кога бил прва година на факултет, бидејќи бил левичар по идеологија, а во тоа време СДСМ беше дебела опозиција и му било предизвик.
„Сакав да се направи некоја покрупна промена и јас да бидам дел од тоа“ вели Богоев и затоа беше дел од студентските протести, Шарената револуција.., а од кога е СДСМ на власт продолжил по другите скалила. Тоа искуство го прави одмерен и сигурен, иако, со оглед на годините, пред него се уште многу успеси.
-Како што тргнало се потешко е да го задржиш епитетот најмлад зошто старееш. Сега сум фокусиран тука, а понатака не знам. Не велам дека тука ќе се пензионирам или тука ќе ми заврши кариерата. Тоа не. Меѓутоа во догледна иднина планирам да бидам тука затоа што сум се нафатил на покрупни проекти и ми е предизвик да ги завршам. Навистина не знам. Пред 10 години не сум се гледал во Царина, иако во партијата како потпретседател можеби и сум се гледал. Секој што бил претседател на младина во патријата во иднина, во сениорите очекува да биде повисок функционер. Но, ќе каже времето, вели тој.
Но, медаљата секогаш има две страни. Колку се поголеми професионалните обсрски, толку времето од приватноста се намалува. А Богоев веќе е семен човек, па време мора да најде и за најубавата професија – татковството и да се погрижи за синчето Лука.
-Обврските ми се големи во континуитет од 2017 година, кога ме избраа за градоначалник на Карпош. Иако и претходно бев преокупиран ама тогаш немав семејство. Од кога станав градоначалик до ден денешен, а тоа е веќе седма година, сум со обврски. И кога физички не сум бил во канцеларија, обврските сум ги носел дома. Тоа се професии за кои нема работно време. А тука се и партиските обврски, особено како сега пред избори. Веќе шест години сум во брак, имам синче Лука, кој има 16 месеци, а дел од семејството е и нашиот миленик, малтезерот Бенџи. Секако дека семејството има разбирање за моите обврски. Кога имаш високи и одговорни позиции нормално е дека времето за семејството и блиските се намалува и страда. Но, со добра организација може да се постаса. Не сакам детето да порасне, а јас да не го видам.
Тоа е неповратен процес, времето тече и затоа не дозволувам еден ден да ми биде криво, ете поминало време, а јас не сум успеал да видам Лука како расте. А која е формулата за да успееш во тоа? Кратам од времето за спиење, кратам и од времето за дремење пред телевизор. Порано знаев да гледам серија или филм, да се туширам половина час,а сега спијам само 5-6 часа. Мислам дека мора да се направи така. Не е чесно кон семејството, особено кога имаш мало дете, заради мојата кариера целата цена тие да ја платат со тоа што мене ќе ме нема. Затоа најфер е да си скратам од себе, вели тој и додава:
-Најубав момент од денот ми е кога по обврските влегувам дома и прв кон мене трча Бенџи, бидејќи е побрз, а по него Лука. Е тогаш знам дека ќе се опуштам, дека сум си дома. И викендите ми е убаво кога ќе отидеме на кафе во мое маало. Таму ми е друштвото, а има место за трчање за деца и се опуштам, искрен е тој.
Богоев во гентите го има новинарството, бидејќи е син на познатиот новинар Владо Богоев. Но, не отиде по стапките на татко му, туку кариерата ја насочи на друга страна.
-Не отидов по стапките на татко ми буквално, да бидам баш новинар, но во некој сегмент од работата има врска, во однос на јавно експонирање ставови и слично. Е во теј дел сме исти. Благодарен сум му и среќен што од него сум го наследил талентот за пишување и зборување што мислам дека ми е појака страна во кариерата. Со тоа што има разлика, татко ми не сакаше јавно да се експонира, ама знаел мислата пишано да ја каже. Е јас го немам тој проблем и мислам дека во тоа сум на баба ми, на татко ми мајка, таа е џамбаз жена. Не во целост, но во голем дел одам по негови стапки и ги користам во кариерата. Татко ми беше симпатизер на старото ВМРО, не она на Груевски. Но, и татко ми и мајка ми доаѓаа редовно со мене на Шарена револуција, на протести. Не ради мене туку чувствувале отпор кон тогашниот режим. Инаку со татко ми сме имале многу дебати и несогласувања бидејќи тој како новинар по дифолт бил критички настроен кон политичари, независно од која партија се, па и до степен тоа да е син му. Но, ми бил оргомна поддршка, не од аспект она „браво сине“, туку по секој настап прв се јавувал и веднаш ми кажувал што чинело што нечинело. Немало ниедно гостување на телевизија или некое интервју да не ми каже- одличен беше ама… И во право беше. Така да некои вештини што сега ги имам ми се добиени од него.
Кога станав член на СДСМ беше скептик. Не за партијата туку на мојот ангажман во политиката.Тогаш имав 18 години, а имав висок просек на факултет. Со мајка ми ми велеа- што ќе ти е политика. Јас бев прилично тврдоглав во одлуката. Главната дилема ја имав кога се кандидирав за председател на младината што веќе се знаеше дека тоа е отскочна даска за понатаму. Имавме безброј разговори за тоа дали да одам или не. Но, на крајот рекоа- нека ти е со среќа, ја имаш нашата поддршка. Од тогаш и татко ми и мајка ми сфатија дека тоа е моментот кога веќе не ќе имаме дилеми дали јас ќе имам политичка кариера или не. Од тогаш неговата улога беше да ми помогне таа кариера да биде успешна. Од тој момент па натака, откако ме избраа никогаш не стана збор дали треба да се занимавам со политика, се присети Богоев.
Но, иако многу млад, сепак, политичкиот ангажман бара поинакво стил на облекување. Чудно е за млад човек постојано да биде во костум, каков што најчесто го гледаме облечен.
-Вратоврски носам многу ретко. Во Царина поформално се облекувам, а во Општина се облекував комотно, многу ретко костум. Општинската работа е теренска и може смешен да си во костум. Гледав да се облекувам кежуал. Но, овде работата претежно налага да носам костум. За викенд по кафулиња сум стандардно, патики, маички, дуксер. Возам „веспа“ и тогаш сум лефтерно облечен. Затоа дома имам подеднакво и таква и такава гардероба, а се облекувам според приликите. Син ми Лука проодува и нормално е да облечам нешто спортско за да можам да трчам по него. Да, во слободно време Лука ми го дефинира аутфитот. Таму сум татко што трча по дете кое проодува, се шегува тој.
Ја има привилегијата да биде роден на Голема Богородица, а да носи име на светец. Затоа во нивниот дом одсекогаш се славеле имендени и родендени на големи христијански празници.
-Со пријатели и семејство го славам и „Св. Стефан“ и Голема Богородица. Родителите ми беа многу побожни и така сум воспитан, овие денови да ги бележам не само како именден и роденден туку и многу ми е драго што носам име на архиѓакон. Лука се роди неколку месеци по смртта на татко ми и ако за нешто во животот ми е жал е што не го виде. Кога се роди син ми сите ме прашуваа дали ќе го крстам по него. Но, порано сме правеле муабет, родителите биле против. На мене и на брат ми ни имаат кажано дека би им било драго да ги крстиме децата по некој светец. Лука се роди два дена по празникот и немаше сомнение дека ќе се вика Лука. Сега и на „Св. Лука“ славиме именден. Брат ми се вика Петар и одсекогаш сме славеле имендени, раскажа тој.
Богоев послендата година успеа да си ја задржи линијата иако, признава, дека поради обврските нема време за спорт. Вели дека останал имун на пороците и дека особено внимава на здравјето и води здрав живот.
-Кога имам време сакам да гледам серии, а трчам на лента, бидејќи немам време за теретана. Најмногу ме опушта играњето со Лука и Бенџи. Бидејќи немам време за спорт внимавам на исхрана веќе година и курус. Порано поради линија, а сега поради здравје. Затоа имам посебен режим на исхрана. Открив екстремно високо ниво на интолеранција на глутен, лактоза и јајца. Тесто, бело брашно, јајца, млеко и млечни производи исфрлив од исхрана. Поминав процес на кој сум многу горд што го издржав. Се чувствувам здраво и енергичен сум. Претходно бев хронично уморен, имав проблеми со стомакот, сега веќе не. Конзумирам корејски жен шен, за имунитет и многу ми помага. Денот ми почува со две чаши вода на екс, жен шен на гладно, па мед. Доаѓам на работа појадувам, пијам кафе и така тргнува денот. Можам да јадам месо, риба, компир, ориз, а јадам безглутенски леб, безлактозен кашкавал и јогурт.
Останав имун на пороците. Веќе неколку години не пушам. Јас сум карактер и од инает можам да се откажам од работи кои ми биле омилени, ете како тестото, сирењето и цигарите. Пред да се роди Лука реков нема да пушам и прекинав. Алкохол пијам ептен ретко, а дрога фала богу никогаш и мислам дека сум ок. Поентата ми е ако веќе мораш да обавуваш повеќе фукции и да не сакаш да му недостасуваш на семејството и на блиските, значи да скратиш од сон. Е тогаш мораш да конзумираш и здрава исхрана. Ако му скратиш сон на организмот, а во себе внесуваш отрови тогаш ќе си навлечеш тешки билести. Ако веќе не спијам тогаш надокнадувам со здрави извори на енергија, вели Богоев.
Весна Миленковска
Фото: Вангел Тануровски