СДСМ ќе продолжи со политиките за враќање на парите назад кај граѓаните, за повисок животен стандард за што имаме разновидни мерки и политики и во новата програмска понуда, во новата програма на партијата, рече заменик претседателката Сања Лукаревска, во емисијата „Агенда 35“ на МТВ.
-Горда сум што политиките на СДСМ, зголемената просечна плата, зголемената минимална плата, пензиите, огромниот број на мерки што ги имавме, дадоа резултат и успеавме да обезбедиме и успешното справување со енергетската и корона кризата. Можам да кажам дека ќе продолжиме со политиките за враќање на парите назад кај граѓаните, за повисок животен стандард за што имаме разновидни мерки и политики. Сите овие мерки во дослух со граѓаните, коморите, синдикатите, рече Лукаревска, во емисијата „Агенда 35“ на МТВ.
Се боревме да ја намалиме невработеноста на најниско ниво и успеавме, се боревме да ја зголемиме невработеноста и тоа успеавме да го направиме, имаме огромни пакети и во време на криза го положивме тестот, го заштитивме стандардот на граѓани, додаде Лукаревска.
Во делот на даночните политики Лукаревска рече дека СДСМ ќе се стреми и понатаму да обезбеди извесност, стабилност и предвидливост на даночниот систем, затоа што тоа не е инструмент на политичките партии туку е потребен поширок консензус.
-Нема да зголемуваме даночни стапки, ниту придонеси, ќе разговараме за даночни ослободувања за да им овозможиме одредени олеснувања на граѓаните. Дигитализацијата е исто така многу значајна за поразвиен даночен систем, во оваа насока ќе ги споменам е фактура и е фискализација но имаме и нови мерки кои значат подобар стандард на граѓаните, рече Лукаревска.
Како заменик претседателка јас сум задолжена за новата програмска понуда на СДСМ, заедно со еден прекрасен тим на луѓе и можам да кажам дека програмата е веќе подготвена. Во изработката беа вклучени сите партиски комисии, поединци, чинители и претставници на невладини организации, различни целни групи кои ги консултиравме. Изборната програма СДСМ ја промовира на Конгресот кога ќе бидат претставени и пратеничките листи, наведе Лукаревска во емисијата „Агенда 35“ на МТВ .