На летот на Ер Азија меѓу Бангкок и градот Након Си Тамарат на југот на Тајланд експлодирала надворешна батерија (power bank) и избувнал пожар во кабината, но никој од патниците не бил повреден.
Патниците виделе пламен и чад 30 минути по полетувањето, по што кабинскиот екипаж дошол во средниот ред на Ербас А320 за да го изгаснат пожарот, додека патниците седнати на таа страна од авионот се префрлиле на другата, тргнувајќи ги работите подалеку од огнот.
Некои од патниците се обиделе да го изгаснат пламенот со шише вода, пред стјуардесата да дојде до апаратот за гаснење пожар и успешно да го изгасне пожарот, пишува Дејли Меил.
Во инцидентот изгорело едно седиште, а авионот слетал навреме.
Техничарите кои го прегледале авионот по слетувањето им рекле на патниците дека надворешната батерија била во мрежата за складирање во кабината.
Авиокомпаниите дозволуваат пакување на овие батерии само во рачен багаж, додека нивното носење во чекирани торби е забрането поради ризик од прегревање на литиум-јонските батерии и предизвикување пожар.