Познатиот американски режисер Мартин Скорсезе ја доби почесната Златна мечка за животно дело на овогодинешното Берлинале во вторникот вечерта.
– Филмовите на Мартин Скорсезе живеат со гледачите, неговите филмски ликови живееја и растеа со нас. Неговиот поглед на историјата и луѓето ни помогна да разбереме, но и да се запрашаме кои сме и од каде доаѓаме – беше објавено при доделувањето на почесната Златна мечка на Скорсезе.
82-годишниот Скорсезе на прес-конференција изрази оптимизам за иднината на филмот.
– Не мислам дека филмот умира, само се менува – изјави Скорсезе.
Според него, режисерите не смеат да бидат робови на технологијата, туку мора да ја насочуваат во корист на нивната креативност.
Скорсезе е режисер на многу значајни филмови, меѓу кои и „Злобни улици“ (1973), „Таксист“ (1976), „Разгневениот бик“ ( 1980), „Кралот на комедијата“ (1983), и „Добри момци“ (1990) – од кои во сите соработувал со глумецот, воедно и добар пријател, Роберт Де Ниро.
Тој освојува Оскар за најдобра режија за филмот „Починатите“ (2006). Со осум номинации за најдобар режисер, тој е најмногу номинираниот жив режисер и го дели првото место со Били Вилдер за вкупно најмногу номинации. Од „Бандите на Њујорк“ (2002), Скорсезе исто така е познат по неговата соработка со Леонардо Ди Каприо.