Намерно е опожарено возилото на основната јавна обвинителка на Основното јавно обвинителство Прилеп Марјана Илиеска. Како што соопшти ЈОРМ, вчера додека возилото било во гаража, непознати сторители влегле, го полеале со течност и го запалиле.
-Веднаш по настанот извршен е увид на лице место. Обезбедени се траги и докази и се преземаат дејствија за откривање на сторител на кривичното дело. Според првичните сознанија, за сега непознати сторители насилно влегле во гаражата во која бил паркиран автомобилот, го полеале со запалливо средство и го запалиле, предизвикувајќи материјална штета, соопшти Обвинителството.
Јавното обвинителство и Здружението на јавни обвинители силно го осудуваат ваквиот напад и обид за заплашување на раководител на основно јавно обвинителство со проширена надлежност.
Претходно СВР Битола јави за настанот.
„На 21.02 2024 во 04.51 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека во Прилеп, настанал пожар во гаража сопственост на М.И.(59) од Прилеп, при што е опожарено патничко моторно возило „опел инсигнија” со прилепски регистарски ознаки, сопственост на М.И..Екипа на Територијалната противпожарна единица Прилеп го изгаснала пожарот, а повредени лица нема, соопшти полицијата.
За три месеци, ова петто опожарено возило во Прилеп.
Двајца прилепчани на 20.12.2023 година беа приведени од полицијата по што им беше поднесена кривична пријава за сторено кривично дело по член 288 „предизвикување општа опасност” од Кривичниот законик. Пријавата е за подметнување пожар во возило со запаллива течност.
„Имено, на 19.12.2023 на ул.”Кире Базерко” во Прилеп, на барање на В.Б., Д.М. со запалива течност предизвикал пожар на патничко моторно возило „мерцедес“ со прилепски регистарски ознаки, сопственост на Б.М.(50) од Прилеп, за што добил пари од В.Б.. Со двајцата лишени од слобода извршени се службени разговори во полициска станица, при што тие го признале делото“, информираа од СВР Битола.
фото:Архива