Штетните наративи на политичката сцена често се поттикнувани заради социо-економските разлики, борбата за моќ, но и како резултат на недостигот на довербата во институциите и манипулациите за лични интереси. Тие можат значително да влијаат со поттикнување на поделба во општеството, ширење дезинформации и поткопување на довербата во државните органи. Нивното постоње има улога во поларизирањето на заедниците, поттикнувањето насилство или попречување кон напредокот во барање на решенија за клучни прашања. Истражувањето на Институтот за комуникациски студии (ИКС) „Стандарди и начела на политичката комуникација“ укажува на тоа дека политичките актери во Македонија и медиумите се соучесници во креирање „стварност“ која е исполнета со штетни наративи. Првите, подзабораваат на поставените норми и стандарди за јавна комуникација – транспарентност, етичност, професионалност и непристрасност, комуникација базирана на докази, а вторите, подзабораваат на етичките кодекси и на основните новинарски правила за информирање на јавноста. Немањето професионална бариера и проверка на изјавите кои промовираат обвинување без докази, популизам, нетрпеливост, ширење дезинформации, па дури и омраза кон одредени групи, особено ги охрабрува македонските политички актери кои во медиумите гледаат слободна платформа да ги промовираат своите штетни наративи, Според проф. д-р Марина Тунева штетните наративи ги нарекува „вирус“, кој сериозно делува и кон поткопување на демократските процеси во земјава, имајќи в предвид дека веќе подолг период јавноста се соочува со сè „позагадена“ комуникациска екологија, односно со дезинформации, пропаганда и говор на омраза. Ваквиoт пристап го вклучува црвениот аларм особено за политичките чинители, кои учествуваат во најголема мера во создавањето на штетните наративи во јавниот простор, вели.
Штетните наративи како „вирус“ за одржување на „здрав“ политички дискурс
Во општество како нашето, штетните наративи се загрижувачка појава. Неретко се создаваат со цел да го дискредитираат, омаловажат и маргинализираат оној во „спротивниот табор“, вели проф. д-р Марина Тунева за ММС.
„Не би било погрешно да речеме дека се еден вид на ‘вирус’ за одржување здрав политички дискурс. Таквите наративи, практично, претставуваат злоупотреба на сложената општествена реалност во која што се наоѓаме, а и дополнително ја усложнуваат. Во нив може да се препознае прекумерно поедноставување на работите, подигрување со емоциите на граѓаните и повторување на истата порака сè додека таа не се доживее како вистина, без разлика колку и да е искривена. Она што најмногу загрижува е кога ваквите наративи се ‘лепат’ на веќе постоечките грижи во нашето општество, политички поделби, корупција, сиромаштија, поларизираност по различни основи, итн. И кога одредени јавни личности ќе ги поддржат таквите наративи, тие во очите на многумина изгледаат сосема легитимни. Доколку, пак, медиумите не ги преиспитуваат информациите што се пласираат тогаш тие (не)намерно стануваат нивни моќни засилувачи. За жал, долго гледаме како одредени политичари и нивни приврзаници се обидуваат ова да го свртат во своја полза, па се само пријатели со ‘пријателските медиуми’, напаѓајќи ги критичките гласови како пристрасни, смета Тунева.
Посебен аспект е пренесувањето на политичките соопштенија. Одредени медиуми, тоа го прават со целосно пренесување без критичка анализа. Таквите соопштенија, според професор Тунева, можат да содржат непоткрепени тврдења, искривени факти или дури и отворено манипулативни пораки.
„Пример во оваа насока би бил соопштение во коешто се тврди дека одредена личност е инволвирана во корупциски скандал или контроверзно случување, а притоа не се презентираат докази за тоа или, пак, изворите што се наведуваат се од сомнително потекло. Или, пак, кога се пренесуваат соопштенија коишто содржат информации кои политичките опоненти ги претставуваат во негативно светло, со емоционална обоеност на квалификациите, а и со националистичка реторика за да се зголеми популарноста. Секако дека овие нешта значат дополнителна поларизација во општеството. Понатаму, проблем е и кога медиумите безрезервно ги пренесуваат соопштенијата на Владата со коишто се „глорифицира“ нејзиниот успех, без да се постават критички прашања или да се анализираат изнесените тврдења. Тоа медиумите ги претвора во пропагандна алатка, а не во извор на објективни и проверени информации“, потенцира проф. д-р Марина Тунева за ММС.
На јавноста и’ преостанува да си развие свој штит на заштита од таквите наративи и граѓаните да не веруваат безрезервно на она што го читаат или слушаат, особено кога се чини дека е тоа скроено со намера да ги налути или заплаши.
Медиумите се злоупотребени од политичките чинители во создавањето на штетни наративи
Улогата на медиумите е повеќеслојна. Најважно е, пред сè, да известуваат со точност, непристрасност, отсуство на сензационализам и во интерес на јавноста. Ова, секако, вклучува критичка проценка на изворите, проверка на информациите и претставување на различни гледишта, што се, всушност, меѓу основните постулати на професијата.
Сепак, како што вели Тунева, медиумите честопати се наоѓаат во позиција да бидат искористени од политичките чинители во создавањето и ширењето штетни наративи.
„Степенот на злоупотребата зависи од интегритетот на медиумите и нивото на почитување на професионалните стандарди во информирањето. За жал, тоа зависи и од политичката клима во која функционираат. Не ни е непознато дека имаме медиуми кои имаат изразени политички афинитети и се целосно инструментализирани од одредени политички партии. Политичарите неретко се обидуваат да ги искористат медиумите како алатки за промоција на партиските агенди, ширејќи ги своите гледишта или верзии на настаните, коишто честопати се оптоварени со пристраснност или директни дезинформации. Ова е особено забележливо за време на избори, кога интересите на политичарите да ги пласираат своите пораки се судираат со потребата на јавноста за точни и непристрасни информации. За да се заштитат од потенцијално штетните наративи, луѓето најпрво треба да ги проверуваат изворите на информации, смета Тунева. Затоа, едукацијата за медиумска писменост игра клучна улога во оспособувањето на граѓаните да ги разберат медиумските пораки, да ги анализираат и критички проценуваат. Не помалку важно е разновидноста на изворите, што овозможува продлабочено разбирање на различните аспекти на една проблематика. Во спротивно, штетните наративи ќе (успеат да) ги држат граѓаните во заложништво.
Преку штетни наративи до манипулации со јавното мислење
Од Институтот за комуникациски студии (ИКС) објаснуваат велат дека политичките актери во Македонија најчесто користат реторика на дезинформации, а со цел заработка на политички поени на сопствена сметка, но и прикривање на вистината.
„Политичарите во земјава најчесто користат реторика во која се изнесени наводи за корумпираност, нетранспарентност/неотчетност, непрофесионалност, злоупотреба на службената должност без обид за поткрепа на тие тврдења и непроверени наоди (или наоди што тешко можат да се проверат) и се користат како основа за обвинување на политички противници, за развивање штетни наративи на популизам. Политичките актери често ги користат тие наративи со цел да манипулираат со јавното мислење, да сеат поделеност и да ги поткопаат принципите на информирано, рационално и критичко одлучување во политичката сфера, објаснуваат од ИКС.
Доминацијата во јавниот простор е предводена од клучните актери на политичката сцена, покажува истражувањето на ИКС, базирано на комуникациските практики на политичарите во Македонија преку следење и анализа на официјалните интернет-страници и официјалните страници/профили на Фејсбук на политичките партии од актуелниот парламентарен состав што имаат повеќе од еден пратеник, како и официјалните страници/профили на Фејсбук на претседателите на политичките партии, но и на министрите од актуелниот владин состав.
„Како основа за утврдување на штетните наративи пропагирани од политичките актери, ИКС се водеше од низа документи, насоки и правилници на меѓународни и домашни институции, интерни акти на политички партии и етички кодекси за однесување на именувани или избрани лица, со коишто се утврдуваат стандардите и начелата за недискриминирачка и транспарентна политичка комуникација. Во мониторираниот период септември и октомври 2023 година, забележано е дека политичките актери што најчесто шират штетни наративи се ВМРО-ДПМНЕ и профилот на Христијан Мицкоски, потоа следуваат СДСМ, Левица и профилот на Димитар Апасиев, а нешто поретко и Алијанса на Албанците, Демократско движење и профилот на Изет Меџити, како и Алтернатива“, велат од ИКС за ММС.
Непрофесионални обиди за политичко дискредитирање
Политичките чинители често се вплеткуваат во мрежата на креирање штетни наративи со крајна цел да го прегазат нивниот опонент, без докази и низа на пласирани дезинформации.
Според истражувачката методологија на ШТЕТ-НА, на политичката сцена доминираат чинители кои не бираат средства за остварување на замислената цел.
„Нашите анализи укажуваат дека комуниикацијата која има за цел да обвинува и дискредитира политички противници без користење на никакви докази или аргументација за поткрепа на таквите тврдења и обвинувања често води кон присуство на штетни наративи. Дополнително, анализата укажува на постоење ниска култура на изразување во јавниот дискурс од страна на политичките актери во македонското општество. Тие треба да одржуваат високо ниво на изразување во нивните јавни настапи, да бидат одговорни, транспарентни, да не шират дезинформации, непроверени наоди, како и да се воздржат од популистички настапи – сето ова води кон нарушен квалитет на јавната комуникација и вплеткување во мрежата на креирање штетни наративи“, потенцираат од ИКС за ММС.
Најчесто користени канали за пласирање на штетни наративи
Политичарите ги користат секојдневните јавни настапи за пласирање на континуирани штетни наративи, без оглед дали својот став го испорачуваат преку јавни соопштенија или социјалните мрежи, покажуваат истражувањата на Институтот за комуникациски студии (ИКС).
„Нашето истражување се фокусираше на политичката комуникација на официјалните интернет страници и Фејсбук профили. Анализата ни покажа дека партиите најмногу штетни наративи ‘произведуваат’ кога комуницираат преку соопштенија за јавноста, без разлика дали се пласирани на интернет или на фејсбук-страница, а потоа следуваат прес-конференциите, говорите на политичарите, итн. Во препознавањето на штетните наративи, односно на индикаторите што укажуваат на постоење на штетни наративи како: Поткопување на довербата во јавните институции, поттикнување поделби, популизам и слично, се водевме од анализа на повеќе домашни и меѓународни извори (научни публикации, истражувања, книги, итн.), додаваат од ИКС.
Оценка на истражувачите е дека црвениот аларм е веќе вклучен, имајќи в предвид дека штетните наративи го ускратуваат правото на јавноста да биде точно, навремено и јасно информирана за значајните теми во едно општество.
„Од досега анализираното, евидентно е дека овие наративи се користат за манипулирање на јавното мислење, но и спречуваат постоење и одржување на соодветна квалитетна јавна дебата за прашањата од јавен интерес“, сметаат од ИКС.
Штетните политички наративи несомнено имаат потенцијал да предизвикаат раздор, поделби и непријателство во општеството, па затоа е неопходно да се работи кон зголемување на свеста за влијанието на наративите врз луѓето и да се промовираат конструктивни и јавни дискусии. Според истражувањата, за успешно соочување со штетните политички наративи, особено е потребно да се подигне нивото на медиумската писменост и критичното размислување кај граѓаните. Единствено со таков епилог може да се создаде поголема гаранција во градењето на посилни институции за заштита на демократијата и слободата на изразување, како и промоција на дијалог и взаемно разбирање помеѓу различните политички партии.