Позитивен, но недоволен чекор беше набавената количина од 650 сензори кои државата ги обезбеди за дијабетичарите кон крајот на ланската година. Овие сензори го намалија секојдневното боцкање за мерење на шеќерот во крвта кај малолетните пациенти, кај бремените жени и дијабетичарите со проблеми со видот.
Здруженијата сепак, бараат вакви сензори да има за сите пациенти, но и да добијат гаранција за лентите кои ги користат, а во чиј квалитет се сомневаат.
Честата промена на министрите во ресорот здравство засега не донесе значителни промени за хронично болните, меѓу кои и дијабетичарите, кои стравуваат дека политичките турбуленции во државата ќе го одолговлечат решавањето на нивните предизвици.
Претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари, Диме Велев вели дека во светски рамки сите лица со дијабетес носат сензори какви што нашата држава набави во 2023, поради што граѓанскиот сектор бара тие да бидат достапни за сите со дијабет тип 1.
Иако не било планирано, дел од набавените 650 сензори отишле и во рацете на пациентите до 25 години, откако претходно останале неискористени бидејќи во меѓувреме дел од децата со дијабет се иселиле со нивните родители од државата.
„Бенефитот од сензорите односно од системите е огромен, нешто што и претходно го кажувавме, затоа што секое лице со дијабетес со сензор навремено го мери шеќерот. Значи ги мери вредностите на гликемијата и навреме може да преземе мерки за да ги извршува своите активности и редовни обврски без разлика дали е дома, на училиште, на факултет или на работа. Овие лица се целосно функционални и придонесуваат, а не трошат од заедницата“, додава Велев.
Бесплатни сензори за сите пациенти по примерот на соседните држави – бараат здруженијата
А што поконкретно значат придобивките од ваквите сензори и зошто се важни за сите пациенти, одговор побаравме од Гордана Јанева, мајка на тинејџер со дијабет. Јанева која е дел од Здружението на граѓани со дијабетес за општините Гевгелија, Богданци и Дојран објаснува дека резултатите од сензорот се отчитуваат на мобилниот телефон.
„Предноста на овие уреди е во тоа што повеќе немаме потреба од боцкање по прстите за да измериме гликемија со глукомерите како порано по десетина пати на ден, туку еднаш до два пати на ден само за да ги споредиме резултатите од сензорот со примерок од крвта“, објаснува Јанева за ММС.
Од друга страна вели таа, сензорот навремено дава известување за насоката во која ќе се движи нивото на шеќер во крвта, дали ќе се покачи или намали, и алармира со звучни сигнали за хипергликемија и хипогликемија. Со самото ова, се спречуваат штетните последици од нив.
„Дополнително, ние како родители можеме на нашите уреди односно мобилни телефони во исто време да ги следиме вредностите измерени од сензорот“, истакнува Јанева.
Таа тврди дека во земјите од регионот, сензорите се бесплатни за сите пациенти независно од нивната возраст.
„Во периодот кој следи наша обврска е да работиме на тоа сите лица со дијабетес тип 1 без разлика на возраста да го остварат правото на бесплатен сензор за следење на гликемијата, со цел работоспособното население да може полесно без пречки да ги извршува своите работни задачи. Тука се и лицата над 60 годишна возраст, односно пензионерите со цел истите да можат да живеат нормален самостоен живот и покрај веќе постоечките долгогодишни последици кои ги оставил дијабетесот врз нив“, додава Јанева.
Инаку минатата година, како што и претходо пишуваше ММС, пациентите се соочуваа со недостиг на инсулин, а за ленти се снаоѓаа како знаеја и умееја, па дури и со меѓусебно позајмување. Нашите соговорници велат дека засега има инсулинска терапија, но не се сигурни во квалитетот на добиените ленти и глукомери.
„После 9-месечната криза за глукомери, добивме глукомери во најлонско ќесе, без оригиналната кутија и амбалажа, а немаше ни заштитна торбичка за негово чување, како и пенкалце за боцкање при мерење на шеќерот. Со сето тоа се фрли сомнеж врз квалитетот на истите по долгиот период во кој бевме оставени сами на себе да се снаоѓаме. Сè додека очекуваме нешто позитивно од тоа што е избрано по принцип на најниска цена, а не на база на квалитет, не може да сме убедени во посветеноста за добро здравје за лицата со дијабетес во Македонија“, вели Јанева.
Со сличен став е и Велев, кој смета дека иако сега добиваат ленти и глукомери ситуацијата не е многу подобрена.
„Ги добиваме никаквите ленти, односно никакви во смисла без стандарди, без ништо. Поради тоа добиваме нерелевантни резултати. Ако отидете во лабараторија ќе добиете различни резултати, значи апаратот покажува една вредност, а во реалноста не е така“, додава Велев.
Според него, светла точка е изработката на Протоколот за постапување со деца со дијабетес во училиштата, кој беше промовиран во септември.
Протоколот го изработи Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија – БАЛАНС МК со поддршка од Министерството за здравство и стручни лица од Клиниката за детски болести. Тој е наменет за 700 деца со дијабетес тип 1 во земјава кои редовно посетуваат детски градинки, основни и средни училишта. При неговото промовирање, надлежните се пофалија дека ваквиот документ е значаен за унапредување на детската заштита и правилниот раст и развој кај децата.
Министрите се менуваат, решенијата за проблемите на дијабетичарите изостануваат
Предизвиците сепак и понатаму остануваат бројни, а превенцијата речиси и да ја нема.
Затоа, порачуваат од граѓанскиот сектор, потребен е поголем ангажман за едукација со кој населението ќе се информира на унифицен и единствен начин. Ваквиот ангажман би бил инвестиција што ќе донесе долгорочни позитивни ефекти.
„Голем број на европски земји, дел и од регионот, развиваат национална стратегија со јасно дефинирани активности и дејства во превенцијата на дијабетесот, особено на DM тип 2, како и на превенција на компликациите од дијабетесот (нефропатија, ретинопатија, дијабетско стопало и сл.). Кај нас за жал, превенцијата е на многу ниско ниво, ние не превенираме, лекуваме кога веќе проблемот ќе излезе на површина“, смета Јанева.
Токму во насока на поголема едукација ќе делува и Сојузот на здруженијата на дијабетичари.
„Ние веќе имаме добиено проект од Глобален фонд и тоа ќе биде проект за застапувачки активности кој ќе трае две години. Ќе направиме сѐ што е до нас да организираме и еден едукативен камп во државата со младите за да се најдат со новите начини за третирање на дијабет“, истакнува Велев.
Дијабетичарите исто како и многу други пациенти со хронични болести, бараат ажурирање на позитивната листа на лекови. Според нив, ова е приоритет кој треба да се реши час поскоро, бидејќи како што велат, за нив е од животно значење.
„Ни треба пристап до лековите во аптеките. Ние ги имаме лековите, ама тие се многу скапи, а друго е кога фондовски би ги плаќале. Од свој џеб ги купуваме, генерално немаме лекови и со години ги купуваме. Јас лично давам по 1200 денари месечно за таблетарна терапија, а истата може да биде купена за 150 денари. Последно што имаме информација е дека 10 нови лекови ќе се стават на позитивната листа, тоа е терапија која ни треба, но оваа промена не е усвоена и потпишана. Инаку, се работи за лекови кои се поврзани со дијабетот, на пример лекови за кардиоваскуларни болести, па и друг тип други терапии“, објаснува Велев.
Во следниот период кој ќе помине „во знакот“ на двојните избори, Велев особено не очекува значителни промени бидејќи како што посочува, барањата се провлекуваат со години наназад, а министрите постојано се менуваат.
„Промената на министер е дополнително влошување на состојбите, но не од политички аспект. Независно кој е тој човек, кога ќе седне на таа фотелја му треба минимум еден месец да се запознае со темите за да не донесе погрешна одлука. Додека да се запознае, ќе почне кампањата и нема да може да носи одлуки“, истакнува Велев.
Симболично тој вели „нам ни треба животот сега“ и додава дека барем годинава не очекуваат сериозни промени годинава од никого.
„Никој досега од политичките партии не ни најави дека ќе прави сериозни промени за лицата со дијабетес или воопшто за пациентите со хронични болести, а сите ние со години ги бараме промените на позитивната листа“, заклучува Велев.
Јанева пак, апелира дека политичката ситуација не треба да го засега пристапот и квалитетот на здравствените услуги. Посветената и вистинската грижа за здравјето на граѓаните не треба и не смее да познава за политичка припадност, децидна е таа, но не ја исклучува можноста за нови ветувања за овие пациенти во изборниот период.
„Сме биле сведоци на различни ветувања, а во реалноста сме молеле и барале помош за навремен и квалитетен инсулин, глукомери и ленти, како и другите средства, што не е одлика на земја која претендира како кандидат за членство во Европската Унија. Нема да нѐ изненадат и нови такви ветувања во периодот кој ни следи, иако повторно ние родителите, нашите деца и сите лица со дијабетес се соочуваат со сопствените проблеми“, порачува нашата соговорничка.
Унапредување на здравствената заштита на пациентите со дијабетес – ветуваат здравствените власти
ММС се обрати и до Министерството за здравство, од кое всушност побаравме одговор дали се планира набавка на нови сензори кои би донеле придобивки за сите пациенти. Од институцијата ни одговорија дека Националната комисија веќе дала предлог, односно заклучок дека е потребно проширување на индикациите за поставување на системи базирани на континуирано и безболно мониторирање на гликозата (continuous glucose monitoring system– CGMs).
Ваквиот заклучок се однесува на: пациенти со дијабетес мелитус тип 1 на возраст до 25 години, пациенти со дијабетес мелитус тип 1 со средна и тешка дијабетична ретинопатија, пациенти со дијабетес мелитус тип 1 со нефропатија IV и V степен (eGFR< 30ml/min), пациенти со дијабетес мелитус тип 1 со тешка форма на невроангиопатија.
Од Министерството тврдат дека посветено работат на зголемување на индикациите за добивање системи за континуирано мониторирање на гликозата, согласно расположливите буџетски средства.
Институцијата не одговори на нашето прашање дали може да гарантира за квалитетот на лентите и глукомерите за чиј квалитет пациентите имаат поплаки, но сепак тврди дека посветена ќе ја унапредува здравствената заштита за овие пациенти.
И покрај дилемите на пациентските здруженија дека можеби предизборниот период ќе го закочи работењето на Стручната комисија за позитивна листа, од МЗ велат дека претстојните избори нема да ја ограничат работата на ова тело.
Таа продолжува со своето работење, така што и понатаму ќе ги разгледува пристигнатите барања за лековите, ќе врши нивно бодување, рангирање и доставување на предлог до Фондот – се вели во писмениот одговор од Министерството за ММС.
Вања Мицевска
Со овој текст ММС.мк се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.