Социјалните медиуми се главната алатка на политичарите за конструкција на одредена реалност која ним им оди во прилог. Претстојната политичка кампања за распишаните Претседателски и Парламентарни избори уште еднаш ќе докаже колку може да биде моќна, а истовремено и штетна алатка по демократијата. Токму штетните наративи пласирани преку социјалните медиуми се пласираат со цел да ги сменат односите меѓу поединците и групите во едно општество, создавајќи слика на хаос, безредие и несигурност. Ова воопшто не е за потценување, бидејќи овие наративи имаат влијание врз индивидуалното, физичкото и менталното здравје кај секој еден поединец.
Уште непочната кампањата, политичките партии и нивните челници покажуваат особено активност на социјалните мрежи. Ако се генерализира, нивната порака не е различна од претходниот период и се сведува на тоа дека се тука за граѓаните и меѓу граѓаните, макотрпно работат на подобрување на нивната благосостојба. Политичарите на власта се убедени дека ја донеле таа благосостојба и ја илустрираат низ бројки, додека тие од опозицијата се насочени да докажат колку нивните колеги на власт се неуспешни во тој обид.
Не случајно интензивно се користат социјалните мрежи, бидејќи тоа се популарни алатки, кои имаат голем моќ и неверојатен психолошки ефект кај корисниците, кои се во голем број. Најпопуларна социјална мрежа е Фејсбук, со 914.200 корисници, според податоците на worldpopulationreview.com во јануари 2024 година.
Илустративни се податоците на тројца политички лидери. Ги анализираме официјалните профили на лидерите на ВМРО ДПМНЕ, Левица и СДСМ – Христијан Мицкоски, Димитар Апасиев и Димитар Ковачевски за периодот од 11 – 18 февруари 2024 година.
Мицкоски за овој период има 19 објави, во кои уште од сега презентира делови од програмата на ВМРО ДПМНЕ за претстојните избори. Доминираат средби со градоначалниците од неговата партија и посетата на градовите, интервјуата на Мицкоски и само едно интервју има споделувања на повеќе акценти од него, а не изостануваат и настаните како комитска вечер и видувањето со Унијата на ветерани.
Лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски имал значајно поголем број на објави на Фејсбук до 28 јануари, кога ја даде својата оставка и ја напушти премиерската функција за да се формира техничката влада. По овој период ги нема акцентите од дадените изјави и интервјуа, а активностите на терен се поретки. За овој период од една недела Ковачевски има само шест објави и тоа за средбата со кумановските пензионери, партиска трибина, а потсетува и на сработеното во мандатот на СДСМ како владејачка партија.
Лидер во објавите на Фејсбук од тројцата политички челници е Димитар Апасиев, првиот човек на Левица. За една недела, Апасиев има над 40 објави и споделувања, главно на содржини од профилот на Левица, но и на неговите сопартијци. Апасиев ја критикува владата, а и опозицијата, информира за поднесените амандмани во Собрание, за трошењето на неговите колеги за патни трошоци, а споделува колумни и настапи на промовираниот претседателски кандидат од Левица, Билјана Ванковска.
Моќта и улогата на штетните наративи
Социјалните медиуми и воопшто интернетот од страна на политичарите и политичките партии според комуникологот Бојан Кордалов не се во интерес на граѓаните. Понекогаш се тоа штетни наративи, кои не претставуваат само теоретски концепт туку и еден вид алатка што особено ја користат политичките актери за да конструираат одредена реалност и перспективи. На тој начин настојуваат да ги сменат односите меѓу поединците и групите во едно општество.
Со овие наративи се има различни намери и цели, но истите речиси секогаш се поттикнати за креирање на најефективна алатка за политичка самопромоција.
„Штетните наративи никогаш не се во интерес на граѓаните. Токму затоа е важно да може и во самите партии да бидат рано детектирани и отфрлени, бидејќи цената од вплеткувањето во вакви ситуации, секогаш е многу висока за целата држава. Еден од најголемите проблеми е кога политичарите или партиите ќе влезат во ваквите мрежи со надеж дека ќе дојдат или останат на власт. И тука најчесто сметам дека може да се види потенцијалната спрега за вклучување во креирање и ширење на ваквите штетни политички наративи, вели Кордалов за ММС.
Штетните политички наративи може да бидат подложни на домашни или странски влијанија, но најмасовно се бираат т.н. најбрзи и најраспространети канали за пренесување на пораки, каде сѐ уште е распространето мислењето дека може да се пласира сѐ, а тоа се социјалните медиуми.
Кордалов вели дека она што сите извештаи го говорат, вклучително и најактуелниот на Европската служба за надворешни работи (EEAS), е тоа дека денес повеќе се забележуваат сојузи или спреги на онлајн канали, традиционални канали, политички партии и слично.
„Подигање на личната писменост, особено во дигиталниот сегмент, како и соработката помеѓу институциите и граѓаните во оваа сфера е основата која треба да се постави за препознавање, но и справување со ваквите појави на социјалните мрежи. Штетните политички наративи во јавниот простор делуваат во многу облици, но речиси по правило во насока на поткопување на демократија, всадување на недоверба во јавните институции, создавање на „замор“ од општествените демократски механизми и дневното информирање. Секако тоа го постигнуваат користејќи дезинформации, преку ширење на страв, паника, како и различни типови на говор на омраза, ксенофобија и закани кон различноста и разноликоста на секое општество, кажа Кордалов.
Политичкиот ангажман на социјалните медиуми со екстремно влијание на психолошката благосостојба
Социјалните мрежи имаат голем моќ и неверојатен психолошки ефект кај корисниците, кои се употребуваат од политичките субјекти за креирање и пласирање на штетни наративи. Овие наративи, според проф. д-р Благица Ризоска, психологот и психотерапевт не се за потценување. Така креирани, овие наративи влијаат врз индивидуалното, физичкото и менталното здравје кај секој еден поединец.
Истражувањето на односот помеѓу политичкиот ангажман на социјални мрежи и масовни медиуми врз психолошката благосостојба и обратно дава комплицирани и неконзистентни резултати. Според одреден број на студии психолошката благосостојба на нацијата го предвидува политичкиот ангажман на поединците додека според други, политичкиот ангажман има и позитивни, но и особено негативни ефекти врз психолошката благосостојба.
Според проф. Д-р Благица Ризоска, психолог и психотерапевт, штетните политички наративи пласирани во јавниот простор водат до уништување на личниот холизам и сето ова резултира со конфликт, расцеп, агресија, деструкција и несреќа која целосно е проектирана кон надворешниот свет кој се доживува како расцепен, конфликтен и несреќен.
„Секој што користи интернет и социјални мрежи може да забележи дека луѓето се чувствуваат помалку инхибирани (споредено со контактот во живо) да пишуваат политички наративи и агресивни коментари на интернет особено зад скриени профили каде е заштитена нивната анонимност. Во многу погледи, интернетот е идеален терен за појава на деиндивидуализација. Доколку нормите на одредена група на која припаѓаме (или политичка ставови со кои се сложуваме) се во конфликт со нормите на другите групи или на општеството, тогаш најчесто се дејствува според групните норми иако може да се штетни и во конфликт со останатите групи. Поединецот како да заборава дека постои и може да презема дејствија кои се агресивни или антисоцијални без да чувствува индивидуална одговорност за истото. Доколку групата има култура на агресија и норма е да се дејствува насилно, деиндивидуализацијата ќе ги натера луѓето во толпа да се однесуваат агресивно“, вели Ризоска за ММС.
Колективна деструкција
Платформите за социјални медиуми привлекуваат милијарди корисници и значително го подобруваат политичкиот ангажман, овозможувајќи им на поединците да се поврзат еден со друг во дискусијата за политички прашања.
„Студиите дополнително ја истакнуваат важноста на психолошката благосостојба за подобар квалитет на живот, подобро физичко и ментално здравје како и за воспоставување на соодветни хранливи релации со другите. И покрај тоа што се смета дека токму психолошката благосостојба е фактор за хармонично општество најмалку се инвестира или зборува за истата, освен кога не е ставена под капата на политичкиот ангажман и каков ефект би имал/а на истиот, преку кои патишта и под кои услови, аргументира д-р Ризоска.
Професорката изостакнува дека на социјалните мрежи најчесто преовладува психологијата на толпа. Класичното гледиште на толпите веројатно најдобро го искажува Гистав Ле Бон, кој тврди дека кога луѓето стануваат анонимни во рамките на масата, тие го губат својот индивидуален идентитет. Како последица, тие ги забораваат своите нормални вредности и стандарди, нивната способност да размислуваат и да расудуваат и да судат.
„Значи, кога ќе дојде ситуација која на индивидуално ниво би ја размислиле и отфрлиле, кога се во толпа ја немаат таа способност да се спротивстават и делуваат како да немаат сопствено размислување, вредносен систем, свои идеи и слично. Емоциите на толпата потполно ги обземаат и делуваат како херои или примитивни деструктивни суштества. Во толпите, луѓето го губат идентитетот, ја губат контролата, заедно ја губат цивилизацијата. Поради оваа загуба, индивидуата е опиена од магијата на лидерите и нивните зборови. Од Ле Бон перспектива, фактот дека толпите се празни садови во кој може да се истури секоја политичка супстанција ги прави провокативна можност за спроведување на лични цели и агенди, објаснува д-р Ризоска. Според Ризоска, во таква ситуација, човекот е приклештен меѓу вилиците на конфликтот и експлоатацијата со кои што нашата верба во прогресот, се обидува да го заглуши незадоволството од нашата цивилизација, а нашиот очај во изнаоѓањето на спас останува несмален. сонот за повторно воспоставување на контактот со природата останува сè уште сон, додека секаков обид да се најде некакво засолниште во некакво верување било да е тоа комунизам, религија, филозофија или психотерапија, се руши. Тоа не доведува до контраиндикации во самите општествени системи, се судрува со реалноста и предизвикува колективна деструкција.
Истражувачите ширум светот посветуваат големо внимание на улогата на интернетот и социјалните медиуми во олеснувањето на политичкиот ангажман, а некои студии покажуваат дека психолошката депресија може да ја намали веројатноста за политичко учество и ефикасност. Двата изборни процеси se најдобриот тест.
Овој текст е изработен во рамките на проектот ,,Користи факти”, кој го спроведува Институтот за комуникациски студии, со поддршка на Британската амбасада во Скопје.
Виктор Вукановски
Со овој текст ММС се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.