Проширување на позитивната листа на лекови и организација на редовен скрининг барем за ризичните групи – бараат пациентите со хепатитис чиј број во земјава според податоците на невладиниот сектор се движи од 50 до 60 илјади.
Нивните очекувања дека позитивната листа ќе биде „апдејтирана“ до крајот на 2023 година не се реализираа, а двојните избори годинава се нов предизвик бидејќи како што велат, честото менување на министрите ги кочи работите.
А како едно вирусно заболување како што е хепатитисот влијае на целокупната благосостојба на пациентот, какви импликации може да има од социо-економски аспект, на кој начин пациентите доаѓаат до терапија и зошто скринингот би овозможил заштеда во јавното здравство?
Ова се прашањата за кои ММС побара одговори од Милан Мишковиќ, претседател на Хепар Центарот од Битола и од д-р Бети Тодоровска од Одделот за хепатологија при Клиниката за гастроентерохепатологија во Скопје. Преку разговорите со нив, ММС одблизу анализира каков е животот со хепатитис во македонското општество, но одговори побаравме и од здравствените власти.
Да знаете дека има лек за вашата состојба, а да не ви е достапен – вака накратко би се опишало живеењето на пациентите со хепатит Б во земјава, кои се снаоѓаат како знаат и умеат за да дојдат до таблетарната терапија што за нив живот значи. Терапијата кај нас е веќе регистрирана, но не и ставена на позитивната листа, па ја купуваат само оние кои можат да си ја приуштат. Дел од пациентите за да дојдат до неа, одат и до земјите од регионот како Албанија или Црна Гора каде може да се најде по пониска цена.
„Антивирусната терапија за хепатит Б е доживотна терапија. Тука не можеме да помогнеме со донации бидејќи кога пациентите ќе почнат да ја земаат терапијата не се препорачува таа да се прекинува. Тоа е еден вид доживотна терапија за да не прави вирусот штета кај пациентот и тој да има нормален живот. Има мала можност да направи мала трансмисија и кон својот партнер па недај Боже и вертикална трансмисија од мајка на дете, но тоа сега се ретки случаи бидејќи напредната медицина со имунизацијата сега дава можност тоа да биде спречено. Она што нас ни е горлив проблем е оваа група пациенти да ја добие таа терапија и едноставно да имаат нормален живот“, вели во изјава за ММС, Мишковиќ од Хепар центарот.
Хроничниот хепатитис – ризик фактор за оштетување на црниот дроб на долг рок
Носителите на вирусот често не се ни свесни за тоа, затоа што тој не дава знаци ниту при рутинска проверка на крвта.
Д-р Бети Тодоровска вели хроничните хепатитиси како што се Б и Ц континуирано го оштетуваат црниот дроб и по извесно време може да предизвикаат негово дефинитивно оштетување. Тоа само по себе кажува доволно за потребата од навремена детекција за да се превенираат понатамошни компликации.
„Акутниот хепатитис, а тоа е тип А, претставува инфективно заболување кое прави атак на црниот дроб, но тој комплетно заздравува и потоа не остава последици коишто се доживотни. Меѓутоа, Б и Ц хепатитот може да преминат во хронична инфекција и тогаш имаме ризик и од едно поголемо оштетување на црниот дроб. Затоа е потребна навремена дијагноза на овие состојби, меѓутоа самата болест хроничниот хепатит како таков, кај најголемиот број од пациентите е асимптоматски. Практично, тие не се ни свесни дека се носители на тој вирус и дека имаат хронична болест на црниот дроб“, објаснува д-р Тодоровска.
Оттука, таа порачува дека е потребна детекција за ваквиот вирус кај ризичните групи за кои постои сомнеж дека може да бидат носители.
„Значи особено кога зборуваме за хепатитот Ц, ризични групи се оние кои имале контакт со интравенски наркотици, односно претходни зависници или актуелни зависници од наркотици. Понатака, овој тип на вирус може да се сретне кај оние пациенти коишто се на дијализно лекување, затоа кај нив се контролира редовно. Доколку во рамките на семејството има некој што е позитивен на овој вирус, а исто и со вирусот на хепатитис Б, треба да се направи анализа на таа група на популација“, додава нашата соговорничка.
Во ризичните групи се вбројуваат и сексуалните работници, но и лицата кои се или биле во затвор.
„Исто така и ние медицинските работници имаме ризик во текот на нашата работа да се боцнеме со игла која може да е заразена со вирусот на хепатитис Б или Ц, така што имаме потенцијал да бидеме носители и треба да го знаеме нашиот статус дали навистина сме или не сме заразени“, посочува д-р Тодоровска.
Скрининг процес во посебни центри за поголема превенција
Претседателот на Хепар центарот, Мишковиќ нагласува дека превентивниот дел е исклучително важен во борбата против ваквите сериозни заболувања, а со навременото откривање може да биде спасен животот на пациентите. Тестирањето засега се одвива во јавните здравствени установи, но граѓаните таму немаат анонимност, што пак води до нивна стигматизација од околината.
Затоа граѓанскиот сектор со поддршка од лекарската фела бара организиран скрининг во посебни центри за оваа намена.
„Луѓето всушност имаат можности за тестирање. Тие се тестираат и во рамките на нашите кампањи, нашите активности. Но она што најчесто го гледаме како предизвик е дека сето тоа не е континуирано во самиот здравствен систем. Треба да биде под самиот здравствен систем во делот на превентива и скрининг за да може секој пациент да има лесно достапен скрининг ако мисли дека направил или имал одредено ризично однесување. Многу е полесно овие ризични групи на пациенти да бидат детектирани“, вели Мишковиќ.
Најоптимално според него е да се отворат центри за вакво тестирање кое би било анонимно.
„Тоа се работи кои луѓето сакаат да ги имаат, а да не бидат етикетирани бидејќи сепак сме мала земја и лесно може да дојде до стигматизација ако некој е позитивен. Сме имале случаи кога луѓето биле стигматизирани и на работни места па сме реагирале и на тоа за да објасниме дека ако се ракувате или прегрнете нема да го добиете овој вирус“, апелира Мишковиќ.
Ваквиот скрининг вели тој, би можел да влезе и во една државна стратегија за борба против заразни болести, или во стратегија за незаразни болести како ризик фактор, ако се знае дека хроничниот хепатит кој не е навреме третиран, може да доведе и до рак на црниот дроб.
Д-р Тодоровска смета дека процесот на тестирање би можел меѓу другото да се спроведе и преку мобилизирање на медицинските тимови, а кај населението да се оттргне стравот од тестирање.
„Еден од тие начини и којшто веќе функционира е преку постоечките невладини организации кои нудат анонимно тестирање на популацијата. Ова може да се прошири, но да се оди пред сѐ кон ризичните групи, значи да се оди во затвор, во центрите за зависници и така натаму, односно онаму каде што може да се најдат најголем процент од носителите на овие хепатити“, вели докторката.
Главната придобивка од скринингот, а тоа е навремената детекција на вирусот несомнено би се манифестирала повеќекратно – објаснуваат нашите соговорници. Пред сѐ, тоа ќе овозможи навремен третман како основен предуслов за поквалитетен живот на пациентот, па и на целокупното негово семејство.
Спречувајќи ги компликациите, здравствените власти со организација на еден ваков процес ќе заштедат и средства во државниот буџет кои во спротивно би требало да се алоцираат за одредени интервенции и лекување со уште поскапи терапии доколку дојде до здравствени компликации кај пациентот.
Ако вирусот не се третира подолго време, тој може значително да го оштети црниот дроб на пациентот и да дојде до цироза, или во краен случај и до рак. Затоа освен раната детекција, прекупотребен е и пристапот до терапијата.
Мишковиќ вели дека кога лицето не е детектирано како носител на вирусот и не е свесно за тоа, претставува проблем и за оние околу него.
„Системот ќе има импликации за третирање ако болеста прогресира. Значи сето тоа е поврзано и неминовно бидејќи е едно заболување кое може да премине во нешто посериозно и да ви го одземе животот во иднина. За системот на крајот од денот ќе дојде до тоа, еден пациент кој можел многу евтино да биде третиран да го чини многукратно повеќе и да има големи импликации. Тука како опција останува и трансплантацијата кај голем дел од овие пациенти зависно од развивањето на болеста. Можете да замислите колку сето тоа чини ако еден пациент не биде третиран. Како што напоменав, заборуваме за болести кои се превентабилни, не само за пациентот туку и за општеството“, напоменува нашиот соговорник.
Со ваков став е и д-р Тодоровска:
„Треба да се обрне внимание дека навремената дијагноза на овие хронични хепатити и лекувањето доведува до тоа ние да превенираме посериозно оштетување на црниот дроб коешто веќе дава бројни компликации и дури има ризик и од развој на малигном, значи карцином кој има лоша прогноза. Значи сепак нешто да се преземе навреме за да не дојде до подраматична состојба кај пациентот“.
Соодветната терапија неопходна за спречување на можноста за добивање карцином на црниот дроб
Токму поради овие причини, со години наназад се провлекува апелот за обновување на позитивната листа на која досега не се најде лекот „тенофовир“ за хепатит Б.
Познавачите велат дека ситуацијата е многу посветла кога се работи за третирањето на хепатитис Ц, но оваа терапија е достапна само на Клиниката за гастроентерохепатологија и на Клиниката за инфективни болести, кои терапиите ги набавуваат од сопствените буџети.
„Ние на нашата Клиника терапија за хепатитис Ц за сите генотипови. Имаме два типа на терапија така што сите пациенти се покриени со неа. Сите коишто ги детектираме и кои исполнуваат критериуми за да бидат лекувани добиваат лекови на нашата клиника. Таа терапија ја има и на Клиниката за инфективни болести. Значи другите центри практично колку што знам не ја набавуваат. Ние ја набавуваме со наш сопствен буџет и иако е тоа буџет кој е одобрен на некаков начин од ФЗО сепак е буџет кој практично е од нашата клиника“, заклучува д-р Тодоровска.
Од друга страна пак, се надоврзува Мишковиќ, кај хепатит Б има пациенти кои доволно е само да бидат следени. Како што вели тој, не сите треба да ја земаат терапијата за која се бара да биде ставена на позитивна лица.
„Тоа се пациенти кои имаат неактивна вирулошка слика и вирусот не прави штета кај нив. Тој пациент не треба да ја зема ваквата терапија, но треба да биде следен односно мониториран. Значи овие пациенти треба да бидат следени на определно време, на пример на три, шест месеци или една година зависно од оштетувањето, од активноста на вирусот и слично. Ние бараме да се обнови позитивната листа, но тоа не значи дека треба сите илјадници пациенти да бидат ставени денес на таа терапија. Треба да има редовни мониторинг контроли и ќе видиме кај кој пациент вирусот прави штета“, додава Мишковиќ.
Според него, вложувањето во јавното здравство е чекор напред за целото општество зашто навременото третирање на кое било хронично заболување ќе донесе заштеди за здравствените власти на долг рок.
„Зборуваме за прогресивна болест која доведува до влошување на здравствената состојба на пациентот, па дури може да се јави и карцином, а можете да замислете тоа колку го чини здравствениот систем. Знаете колку чинат онколошките терапии, патот за контрола и опсервација, на крајот замислете дека може да дојде и до губење на самиот живот. Се надевам дека конечно ќе најдеме сила како општество и нашите здравствени лидери ќе овозможат овој проблем постепено да се решава“, додава Мишковиќ кој стравува дека бројот на граѓани со карцином на црн дроб би можел да расте.
„Она што ние го имаме како информација од СЗО е дека е многу поголем износот што здравствениот систем го исплаќа за да го третира пациентот во подоцнежна фаза. Еден пациент може да чини многу, а да не зборуваме за економскиот товар на семејството. Многу често ги забораваме социо-економските услови.
Во почетна фаза на болеста ние немаме импликација која го спречува пациентот да си ги извршува работните обврски. Но како прогресира заболувањето доаѓа до цироза, карцином и слично. Овие луѓе функционираат само делумно“, додава Мишковиќ завршувајќи го разговорот за ММС со порака:
„Здравиот човек има многу желби, болниот само една – да оздрави“.
Пациентите со хепатит Б се само дел од ранливите групи во нашето општество кои бараат ажурирање на позитивната листа на лекови, покрај останатите пациенти со низа хронични болести. Го прашавме Министерството за здравство дали и кога се планира ставање на лекот за овој тип хепатит на позитивната листа и какви се капацитетите за спроведување скрининг независно од активностите на граѓанскиот сектор во оваа насока?
Од МЗ повикувајќи се на информации од Комисијата за позитивна листа, кусо ни одговорија дека до нив не е пристигнато барање за лек за хепатит.
Ваквото барање впрочем, треба да биде поднесено од фирмата производител или од добавувачот.
„Согласно правилникот се предвидени точно утврдени критериуми за ставање лек на позитивната листа. До овој момент за лек против хепатит не е доставено барање до комисијата“, ни одговорија од ресорното Министерство.
Комисијата чија главна „задача“ е да предлага ажурирање на позитивната листа на лекови беше формирана ланското лето, за првпат по 13 години. Оваа стручна комисија го одржа својот прв состанок еден месец подоцна, кога усвои Деловник за начинот на работа и одлучување. Нашата редакција праша што е направено од тогаш и со какви лекови воопшто ќе биде проширена споменатата листа, но одговорите изостанаа.
Вања Мицевска
Со овој текст ММС.мк се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.