Тоа што ќе го облечеш не е важно колку е скапо, важно е да ти прилега убаво и убаво да се чувствуваш во него. Ова го кажале неискомплексирани луѓе, кои на животот и модата гледаат од поинаков агол.
По ова девиза се води и министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, која секогаш добива пофалби за стилот на облекување иако, како што вели, тоа не се маркирани и скапи парчиња облека.
За многумина беше шок нејзиното признание дека таа знае да купи парчиња облека во продавници од втора рака, односно „ second hand“, иако во тоа нема ништо лошо и чудно, бидејќи модата не треба да се следи слепо, туку тоа што се носи да прилега. А таа секогаш е стокмена, па и нека е од втора рака.
-Јас се облекувам и во продавници од втора класа, односно „ second hand“, а си купувам и од „Зара“. Дали тоа значи да не се облекувам во такви продавници ако нешто ми се допадне. Во Битола, има многу добри такви продавници. А купувам и од онлајн продавници. Пред некое време си купив чантичка од Карл Лагерфилд за 2.000 денари и тоа оригинал. Од таква продавница си купив и дуксери по 300 денари. Одлични се за трчање. Ниту сум суетна, ниту имам комплекси, вели министерката и додава:
– Не ми е важно колку чини, важно ми е да ми е удобно. Не сум како некои министерки да купувам со парите на граѓаните во„Масимо Дути„ во Милано, туку купувам таква марка во продавниците од втора рака. Често пати и кога патувам, уште кога бев на факултет, па и сега незвисно дали службено или приватно во странство знам да влезам во такви продавници. Па јас тоа не го кријам, кој како сака нека свати. Сега на министерките ќе им организирам една прошетка до Битола и ќе ги носам во такви продавници. Во Битола ги има две, сега се отвора и трета. Имам јас и маркирани парчиња гардерба, но многу ретко. Купувам и во „Зара“, имаат навистина прифатливи цени. Јас сум вљубена во „Зара“ и мислам дека можам да отвоворам паралелна продавница со нивната. Обожавам кога ќе почнат попустите. Со сопругот кога ќе влеземе се делиме, тој во машкиот дел, јас во женскиот и се наоѓаме по три часа. Пред некое време си купив прекрасно фустанче од „Зара“ за 500 денари. А имам купено кожено фустанче „Масимо Дути“ за 1.200 денари, но не од Милано туку кај нас. На кој му е гајле колку сум го платила? Важно е дека мене ми се допаѓа и убаво ми стои , вели министерката.
Таа се сложува дека облеката не го прави човекот, туку тоа што го носи во себе. Затоа избира гардероба во кои се чувствува пријатно и најчесто во црна боја.
-Црно, сиво, тегет, знам некогаш и бело, но преовладуваат овие тонови. Понекогаш ме предупредуваат дека многу преовладува црната боја. Но, јас така најубаво се чувствувам. Сакам и класична, но и спортска гардероба. Имам многу спортска облека. Патиките ми се претежно од „конверс“ и адидас“ . Јас купувам паметно. Чекам попуст или голема распродажба или промоција. Кога има нова колекција си чекам да ја намалат и потоа ќе го купам тоа што ми се допаѓа. Не сакам туку така да фрлам пари и слепо да ја следам модата. Не сум трендсетерка, бидејќи удобноста ми е најважна, вели министерката.
(В.М)